Среќен роденден Бикини! | Панорама | DW | 05.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Среќен роденден Бикини!

Лето сонце и... бикини. И така веќе 72 години. Легендарниот костум за капење го креираше еден Французин во 1946. Медиумите и црквата тргнаа во хајка, но потоа бикинито го облече Брижит Бардо и... останатото е историја.

Во јули 1946 година Луј Реар во Заводот за патенти во Париз со едноставен цртеж го пријави својот изум - дводелниот костум за капење. Тогаш никој не знаеше дека четирите мали триаголници од штоф, подобро познати како бикини, некогаш ќе владеат со плажите ширум светот. Но, во далечната 1946 година ниту една манекенка не се осмелуваше да облече бикини. За премиерата на 5 јули 1946 година Реар изнајми базен, а бикинито го носеше стриптизетата Мишел Бернандини.

На почеток крстоносна војна против бикинито

Луј Реар всушност беше машински инженер, но ја презема продавницата на мајка му и така се запозна со светот на долната облека. Реар одлучи за име на својот костум за капење да го избере името на малото пацифичко островче - Бикини, на кој Американците четири дена пред неговата модна ревија, тестираа атомска бомба.

Designer Louis Reard und der Bikini (picture-alliance/UPI)

Луј Реар со бикини модел во 1974 година

На јазикот на островјаните името бикини значи земја на многубројни кокоси, но тоа тогаш беше симбол за нуклеарните тестови. И креацијата на Реар имаше ефект на бомба, барем во светот на модата и она што се нарекува дух на времето.

На почетокот продажбата не одеше добро, а во католичките земји како Италија, Шпанија или Португалија, црквата тргна во вистинска крстоносна војна против бикинито. И во САД еден женски магазин во 1957 година напиша дека е „практично незамисливо дека една пристојна девојка некогаш би носела такво нешто“.

Deutschland Ostsee-Retro-Bademode (picture-alliance/dpa/S. Sauer)

Ретро бикини ревија на Балтичкото море

Брижит Бардо во бикини

Французите отсекогаш биле нешто послободни и така во 1956 година Брижит Бардо се појави во бикини во филмот „И Бог ја создаде жената“- и предизвика вистинска сензација. Шест години подоцна, во првиот филм за Џејмс Бонд, во бикини се прошета и Урсула Андерс. Подемот на бикинито веќе не можеше да се запре.

Bikini Models 1968 (Evening Standard/Getty Images)

Бикини модели од 1968 година

Цели 72 години по скандалозната и сензационална презентација на првото бикини, дводелниот костум за капење е нормална појава на плажите ширум светот, никој не се врти по него, евентуално по неговата сопственичка, но тоа веројатно би било исто и да е во едноделен костум.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама