Србија нема да признае независно Косово | Свет | DW | 22.08.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија нема да признае независно Косово

Српскиот премиер Ивица Дачиќ во дебатата во Советот за безбедност на Обединетите Нации порача дека независноста на Косово не доаѓа предвид.

Белград е подготвен на дијалог на високо ниво со Приштина, но Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово, изјави во вторникот српскиот премиер Ивица Дачиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН. Тој истакна дека Србија е подготвена преку преговори да дојде до мирно и одржливо решение, уважувајќи ги интересите и на Албанците и на Србите, но прифаќање на суверено Косово не доаѓа во предвид.

„Сакам да ставам до знаење дека Србија нема никогаш под ниту едни услови, имплицитно или експлицитно, да признае независност која еднострано ја прогласија органите на етничките Албанци на Косово, бидејќи не е резултат на заемна согласност“, рече Дачиќ, додавајќи дека „Србија е единствена по ова прашање“.

Косовскиот премиер Хашим Тачи на седницата во Советот за безбедност изјави дека статусот на Косово е решен и дека безбедноста на Србите на Косово повеќе не е проблем.

Тачи потенцираше дека „Косово изградило демократски и мултиетнички институции“.

Советот за безбедност го разгледува извештајот на генералниот секретар Бан Ки Мун за состојбата на Косово, кој што го подготви неговиот специјален пратеник и челник на УНМИК, Фарид Зариф. Зариф во извештајот укажа на потребата од заживување на политичкиот процес на Косово и од продолжување на дијалогот Белград Приштина.