Србија и Косово - нов почеток или стара приказна? | Свет | DW | 13.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Србија и Косово - нов почеток или стара приказна?

И покрај протестите, Вучиќ е во позиција да ја води Србија во насока кон договор со Косово или да им се спротивстави на притисоците за брзо постигнување договор. Прашањето е само што сака тој, пишува Ненад Пејиќ.

Тешко во Европа може да се најде сличен пример на две соседни држави како Косово и Србија кои не може да најдат начин да живеат мирно едни покрај други. Сѐ започна со етничките конфликти уште во време на Титова Југославија кога Косово беше покраина, потоа продолжи со распадот на Југославија, а кулминираше во 1999 година по нападите на НАТО и лудата политика на Милошевиќ за иселување на Албанците, и на крај со признавање на независноста на Косово од страна на стотина земји.

ЕУ и САД во текот на последните две децении неколкупати се обидоа да ги присилат двете страни на договор. Најголем напредок имаше во 2013 година со Бриселската спогодба која предвиде нормализација на односите – Србија прифати неутрална позиција во однос на независноста на Косово, предвидено е формирање на заедница на општините со српско мнозинство и одржување на локални избори како дел од косовската политичка структура, отворен е мост во поделената Митровица, а предвидено е и вклучување на судските и безбедносните структури во косовската држава.

Повеќе:

Нов обид за дијалог на Србија и Косово

Рестартирање на дијалогот Белград-Приштина

Дијалогот во Брисел продолжува – Тачи таму не е неопходен

Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси

По доаѓањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп, еден американски официјален претставник изјави дека за САД во разговорите за Косово „не постои црвена линија“, Бриселската спогодба замре, а Косово воведе стопроцентни царини на производите од Србија, одлука која подоцна е ублажена под притисок на САД и ЕУ.

Во јуни годинава беа закажани преговори во Вашингтон, но нагло беа откажани по објавата на предлог обвинение за воени злосторства против косовскиот претседател Хашим Тачи.

Кога многумина очекуваа прослава во Белград, реакцијата на претседателот Александар Вучиќ и официјалите претставниците беше исклучително мирна. И Хашим Тачи молчеше и се повлече. Со оглед на силнато дипломатско влијание од Берлин, Брисел и Париз во позадина, тоа ја отвори вратата за нови разговори оваа недела (12 јули) преку видеоконференција и директна средба закажана за четврток (16 јули) во Брисел. Воочи преговорите, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со други претставници од ЕУ, во петокот имаа разговор со премиерот на Косово и претседателот на Србија.

Тие ги охрабрија преговарачите да продолжат со разговорите и изразија подготвеност да организираат уште еден самит. Претседателот Вучиќ рече дека Србија е исправена пред тешки задачи и дека барањата на косовската страна се нереални. Премиерот Хоти изјави дека бара јасна временска рамка за договор.

Никој не очекува дека во четврток ќе дојде до голем договор, но веќе има одредени политички резултати. Ни Белград, ни Приштина не ја подгреваат јавноста, преговорите продолжуваат и првиот реален успех беше враќање кон Бриселската спогодба и примена на договорот постигнат уште во 2013 и 2015 година.

Секаква спогодба во регионот е добредојдена и би имала само позитивно влијание. Вучиќ по парламентарните избори излезе посилен, но бруталноста на полицијата врз граѓаните малку му ја ослабе позицијата во последниве денови. Но, ЕУ нема друг партнер освен него и за тоа се свесни и во Берлин, Париз и Брисел. И Вучиќ е свесен за тоа.

Во случај на било каков договор, и двајцата преговарачи ќе прогласат успех.

Српскиот претседател ги контролира и насилниците од трибините, ја пацифицираше радикалната десница, ја разби опозицијата која речиси и да не постои, ги замолче можните жаришта на бунт од работниците со продажба на рудникот во Бор и железарата во Смедерево на инвеститори од Кина. Тој балансира – засега успешно - меѓу интересите на ЕУ, Русија и САД.

Вучиќ може во регионот за започне било каква кампања, ако сака. Политиката на Србија на Балканот од секогаш била основен проблем. Многумина велат дека претседателот Вучиќ, како и оние пред него, е човек кој предизвикува кризи, а не оној кој ги решава.

Но, дали пандемијата, економската криза, раширената корупција, малата излезност на изборите, зголемената недоверба кај српската јавност кон претседателот и неговата авторитарна власт, како и притисокот од ЕУ и САД ќе бидат доволни Вучиќ да се присили на договор? Или српскиот претседател ќе се сврти кон испробаниот рецепт и ќе им даде зелено светло на десничарите повторно да тргнат во поход на дестабилизација на Балканот, на радост на Русија?

Германија претседава со ЕУ во следниве шест месеци така што би бил голем успех за германската канцеларка Ангела Меркел ако својот мандат го започне со некаков резултат на Балканот. Но, покрај Балканот, на нејзината маса се и најсериозната здравствена криза во последниве сто години, Брегзит, економското опоравување, климатските промени и бегалската криза.

Секој договор е добра вест за регионот. Уште повеќе ако договорите се почитуваат. Но, исто така значи дека се отвора следниот проблем – Босна и Херцеговина, или можеби и Црна Гора. Договор меѓу Белград и Приштина би бил силен и важен поттик, но сепак само поттик.

 

Реклама