Србија добива влада
7 јули 2008
Новата влада ќе биде определена за европска иднина на земја, нема да прифати независност на Косово, ќе ја јакне економијата и социјалната одговорност, одлучно ќе се бори против криминалот и корупцијата како и за меѓународна правда. Ова се клучните принципи на новата српска влада, кои пред пратениците ги претставува мандатарот Мирко Цветковиќ. По неговото експозе, предвидени се пет часа за расправа по предлогот за избор на новата влада составена од коалициите „За европска Србија“, на Социјалистичката партија на Србија и група малцински партии.
Новата влада има 24 ресора
Во кабинетот на Цветковиќ ќе има дваесет и четири министерства и четворица потпретседатели. Заменик премиер и прв потпретседател кој исто така ќе го води и ресорот полиција, е лидерот на Српската социјалистичка партија, Ивица Дачиќ. Останатите потпретседатели ќе бидат Божидар Џелиќ од Демократската партија кој ќе го води и министерството за наука и технолошки развој, лидерот на Г17 плус Млаџан Динкич кој ќе биде на чело на министерството за економија и регионален развој, а четвртиот потпретседател Јован Кркобабиќ, доаѓа од редовите на Партијата на обединети пензионери. Нема промена во министерствата за надворешни работи и одбрана, каде остануваат и досегашните функционери од Демократската партија Вук Јеремиќ и Драган Шутановац. Министерството за финансии ќе го води актуелната вицегувернерка на Народната банка на Србија, Дијана Драгутиновиќ, а министерството за правда досегашниот помошник министер во овој ресор, Снежана Маловиќ, исто од ДС. Во оваа влада, меѓу другото ќе има и министерства за вери, за дијаспора и за Национален инвестициски план. Процесот на формирање на владата ќе биде завршен кога таа ќе поднесе свечана заклетва.