Србија: Вонредни парламентарни избори контра општото добро | Свет | DW | 10.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија: Вонредни парламентарни избори контра општото добро

Србија во наредната година ја очекуваат редовни претседателски избори, но сѐ повеќе се говори и за вонредни парламентарни избори. Зошто?

Ако се обидеме да ги разбереме мотивите за распишување на вонредни избори тие пред сѐ го кријат фактот дека сегашната владејачка партија не е сигурна во својата победа на претседателските избори. Актуелниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, според сите истражувања,  е далеку од сигурен победник на изборите и, како што призна премиерот Александар Вучиќ, „тој лично не би можел да поднесе ситуација во која би морал да функционира во кохабитација со опозициски претседател на државата“. Уредникот на интернет-порталот „Двоглед“, Владимир Милутиновиќ, за ДВ вели дека постои само еден очигледен мотив повторно да се избираат нова влада и парламент: „Мислам дека единствен мотив е желбата да се обедини кампањата, односно Александар Вучиќ да може да учествува во кампањата иако не е кандидат за претседател“. Слична оценка изнесува и политикологот Душко Радосављевиќ, кој за ДВ вели оти „обединувањето на изборите овозможува да се придвижи тешката партиска машинерија, која би овозможила и победа на нивниот кандидат за претседател, кој и да биде тој. Ако би се одело само на претседателски избори, еден дел од избирачите можеби би сфатиле дека тоа не се толку важни избори, и тука постои опасност за владеачката партија.“

Еден човек менува се’

Фактот дека најверојатно ќе има четврти избори во пет години покажува дека во моментов има нешто што е длабинска спротивност на општото добро, предупредува Владимир Милутиновиќ. „Тоа практично значи јавно покажување дека сѐ во државата зависи од волјата на еден човек. Значи, ништо не зависи од некои правила, Уставот, законите или што било што е усогласено во целото општество. Уставот, секако, такво нешто дозволува, но ако сме имале три пати избори кои се волја, или попрецизно самоволие на еден човек, со тоа целиот уставен поредок се превртува наопаку.“

Душко Радосављевиќ смета дека тие бескрајни циклуси на избори покажуваат оти владејачката Српска напредна партија (СНП) „е сѐ уште политичко движење, а не политичка партија. Таа идеолошки не се профилираше и таа и понатаму размислува како опозициска партија. Затоа тие можат да функционираат само во преизборна кампања и никако да се претворат во мирољубива политичка партија- мислат дека е најлесно сите тие внатрешни противречности да ги решат со избори“.

Алергија на критики

Според многу аналитичари една од причините зошто може ќе се оди на општи избори е обидот на власта повторно да исфрли некои партии од парламентот. Откако се практично замолчени поголемиот број од медиумите, српскиот парламент стана ретко место каде можат да се слушнат остри критики на сметка на власта, а сегашната власт веќе е буквално алергична на каков било вид критика. Тоа посебно се однесува на Двери и движењето Доста беше, кои во моментов ѝ задаваат многу главоболки на владејачката партија.

Душко Радосављевиќ истакнува дека тоа е поради тоа што СНП сѐ уште е во револуционерен занес. „Тие се уверени оти сѐ што прават е добро и не можат да прифатат ако некој смета дека тоа можеби и не е баш толку добро. А што се однесува на тоа дека на властите им пречат одделни партии, па ако и се случи некои да не влезат во парламентот, ќе се појават некои други партии кои истотака би ја критикувале власта и кои би можеле да бидат полоши за власта. Ништо не се решава со тоа“, вели Радосављевиќ.

Владимир Милутиновиќ вели дека тоа можеби може да биде причина, но оти секако тоа нема да се случи: „Партиите како Двери и Доста беше значително зајакнаа и ако се обединат со некои други, практично е невозможно да останат надвор од парламентот“.

Продолжување на политичката нестабилност

Доколку дојде до нови парламентарни избори тоа ќе значи оти ќе има еден вид вонредна состојба и ново производство на политичка нестабилност, навестува Милутиновиќ. „Сега веќе имаме неизвесност околу тоа дали ќе има избори, па кампања, па најмалку тримесечна неизвесност околу новата влада. Но тоа можеше да се очекува од партија која ја сочинуваат радикални кадри и сега дополнителен проблем е тоа што таа нивна проевропска глазура почна да се тенчи. Единствена утеха може да биде тоа што тие глазури спаднале и кај некои други држави така што и ние сме дел од тој тренд.“ 

Опозицијата не научи ништо

Во текот на изминатите години и сите тие изборни циклуси, се укажуваше на погрешните проценки на поранешните власти кои на власт губеле на непотребно распишани предвремени избори. Тоа, меѓутоа, на прогресивците не им се случи и владејачката коалиција сочува прилично стабилна власт. Може ли овој пат да биде поинаку?

„Опозицијата е хетерогена, но ако таа се поврзе според некоја идејна сродност, тогаш тука постои можност за некој добар резултат“, смета Радосављевиќ. „Тоа може посебно да се случи ако некои делови од сегашната власт излезат од коалицијата. Тоа можеби не би било доволно да се преземе власта, но би можело сериозно да ја води во пропаст.“

Шансите на опозицијата би можело да ги зголеми само паметен и организиран настап, оценува Милутиновиќ. „Она што е проблем на сегашната опозиција е тоа што таа ништо не научи по губењето на власта. И што е најлошо, не гледам дека тој период на неснаоѓање воопшто поминал. Така што сега имаме ситуација во која една според сите параметри катастрофална власт, има мнозинство избирачи.“

 

DW.COM

Реклама