Србија протерува баратели на азил - и тоа во ЕУ | Информации и анализи за Балкан | DW | 23.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Србија протерува баратели на азил - и тоа во ЕУ

Српскиот Уставен суд потврди: безбедносните сили на земјата со кандидатски статус за ЕУ противправно протерувале мигранти во земјата членка на ЕУ, Бугарија. ДВ има увид во пресудата.

Serbien Vlasina Patrouille an Grenze zu Bulgarien

Српски безбедносни сили патролираат во шумите на српско-бугарската граница (август 2016 година)

Луѓето едно студено саботно утро биле откриени од страна на бугарски полицајци недалеку од српската граница. 25 Авганистанци, меѓу кои и седум мали деца, ја минале ноќта во шума. Според службената белешка на полицајците, мигрантите прво биле сослушани. Тоа се случило на 4 февруари 2017.

Сега, четири години подоцна, се знае: српските безбедносни сили барателите на азил противправно ги протерале од Србија наместо да им дадат соодветни документи и да ги сместат во бегалски камп. Тоа го потврдува српскиот Уставен суд во пресуда која е преседан и во која ДВ има ексклузивно увид.

Со години активисти за заштита на човекови права се жалат за бруталното однесување на граничарите, полицајците и војската кон мигранти на Балканската рута и со години властите во земјите од Западен Балкан демантираат дека т.н. „пушбекови”, односно нелегалните протерувања според меѓународното право, навистина се случуваат. Досега одвај и да има пресуди во Европа кои би можеле да се споредат со пресудата од Белград.

„Не може да се даде доволно големо значење на пресудата, бидејќи нелегалните протерувања од сите видови повреди на човекови права се најтешки за докажување”, нагласува за ДВ адвокатот Никола Ковачевиќ, кој е подносител на претставката. „За жал, јавна тајна е дека такви протерувања и натаму се случуваат во Србија. И досега никој за тоа не сносел одговорност.”

Повеќе: Белград: Деца-бегалци на улица

17 лица во еден автомобил

Според судскиот предмет, било 15 минути по полноќ на 3 февруари 2017., кога српските безбедносни сили набљудувале група мигранти само стотина метри оддалечени од бугарската граница. Луѓето се качиле во два автомобила и се упатиле во правец кон централна Србија.

Двајцата возачи, српски државјани, неколку минути подоцна биле уапсени. Се работи за криумчари на луѓе, криминална бранша која и натаму цути на Балканот. Во сивиот Пасат се напикале шест мажи, четири жени и седум деца, сите од Авганистан. Во името на тие 17 лица подоцна е поднесена претставката до Уставниот суд.

Gradina, Serbien Polizeistation Kellerzelle

Ќелија во полициската станица во бугарското село Градина, на границата со Србија, 8.02.2017 година

Апсење наместо азил

Мигрантите ноќта биле сместени во затворската ќелија во полициска станица во околното село Градина. Во просторијата во која престојувале од ѕидот се ронел малтерот, немало вода, немало парно греење, ниту тоалет. И немало ни адвокат за уапсените.

Следното утро полицајците ги извеле Авганистанците пред локалниот суд каде морале да дадат изјава во врска со делото за кое ги товареле - дека нелегално ја преминале границата кон Србија. Но, судијката ги ослободила мигрантите со образложение дека треба да се третираат како баратели на азил, можеби дури и жртви на трговија со луѓе.

Повеќе: Балканска рута: Пушбекови од страна на Фронтекс?

Бегалци од војна и од талибанците

Протоколите од нивното сослушување се слични: по потекло се од Кабул или Масар-и-Шариф и со месеци патувале преку Иран, Турција и Бугарија до западот и северот на ЕУ. На некои места плаќале шлепери. Назад не можеле да се вратат заради војната и Талибанците. Судијката наредила безбедносните сили да ги третираат мигрантите како потенцијални баратели на азил и да им издадат соодветни документи за да може да бидат сместени во камп за бегалци. Полицајците тврдат дека токму тоа и го сториле по напуштањето на судот: им издале документи и се збогувале.

Безбедносните сили ја игнорирале пресудата

Српскиот Уставен суд сепак се водеше според исказот на друг сведок, според кој Авганистанците биле присилени да се качат во полициски транспортер. Потоа ги пренеле до шумата на бугарската граница и биле протерани во Бугарија.

„Не нѐ тепаа, но ни ги одзедоа документите за српскиот бегалски камп”, вели еден од Авганистанците преку Вибер неколку дена по нелегалното протерување. Преку Вибер човекот со помош на преведувач стапил во контакт со адвокатот Никола Ковачевиќ.

Повеќе: Хрватска и недостојната игра на ЕУ со бегалците

Кои се сторителите?

Не е задача на српскиот Уставен суд да ги идентификува полицајците или граничарите кои нелегално ги протерале бегалците. Ресорните министерства, како и вообичаено во вакви случаи, засега молчат.

„Мора без одлагање да се открие идентитетот на службените лица", бара адвокатот Ковачевиќ. „Одлуката на судот ја сфаќам како опомена за министерствата за внатрешни работи и за одбрана”.

Адвокатот засега може да биде сосем задоволен со пресудата на Уставниот суд. За правосудството во Србија всушност се вели дека е под контрола на претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија. Критичарите претпоставуваат дека строгоста во постапувањето со мигрантите на српската граница одамна е српска владина политика. Дотолку поважна е пресудата на Уставниот суд.

Гледај видео 02:05

Кои се луѓето на бегалската рута низ БиХ?

Со поддршка од ЕУ?

Уште во есента 2015-та Вучиќ ја пофали канцеларката Меркел за нејзината либерална бегалска политика. Година подоцна Унгарија и Хрватска ги затворија своите граници и со тоа практично ја оневозможија миграцијата преку Балканската рута.

Во Србија се прошири загриженост дека би можеле да завршат како слепа улица за стотици илјади бегалци. „На границата поставивме непробојна заштита”, се фалеше генералот Милан Гујаница во мај 2017 година во интервју за новинската агенција Танјуг. Само во првите месеци од годината 20 илјади лица, во најголем дел Авганистанци, биле спречени во обидот да ја преминат грануцата, гордо раскажуваше Гујаница. Во истиот период биле уапсени 140 криумчари на луѓе. Политиката на цврста рака очигледно ужива поддршка и од ЕУ: покрај домашните полицајци и војници, на српската граница во тоа време патролирале и 50 полицајци од различни ЕУ-земји.

Повеќе: Нови рути, насилство и смртни случаи: Бегалците на Балканот

Србија мора да плати отштета

Белградската канцеларија на УНХЦР, Агенција на ООН за бегалци, објави дека само во ноември 2016 година околу илјада луѓе нелегално се протерани од Србија. Активистите за човекови права со години ги документираат протерувањата од хрватските и бугарските безбедносни служби. Но, таму досега не е изречена пресуда како оваа на Уставниот суд на Србија.

Српската држава мора да плати околу 1000 евра по лице за секој од 17-те Авганистанци. Адвокатот Никола Ковачевиќ со повеќето од нив е се' уште во контакт. Според него, поголемиот дел од нив веќе подолго време живеат во Германија.

Гледај видео 02:03

Дали бегалската криза е завршена?

Реклама