Србите се „уморни“ од Косово | Свет | DW | 02.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Србите се „уморни“ од Косово

Хипервентилирањето на политичарите и медиумската хистерија на тема Косово го доживува својот зенит. ДВ анализира како темата, која всушност не е приоритет на граѓаните, доминира во агендата на политичарите.

Секојдневно на тема Косово во српските медиуми се изнесуваат барем десетина нови „конечни решенија“ и исто толку деманти, неколку вести од „проверени извори“ и исто толку корекции на тие „сознанија“. Би се рекло, или решението е навистина блиску, или политичарите на вообичаено несмасен начин се обидуваат проблемот на Косово да остане вечна тема за емотивна манипулација со граѓаните и пресметка со политичките противници.

Медиумската врева за многумина е доказ дека српските власти навистина не очекуваат којзнае колку добро решение за Косово, што всушност го признава и самиот претседател Александар Вучиќ. Дали овие медиумски акции се организираат за да се подготви јавното мислење за таков развој на настаните?

Косово на шесто место

Српските граѓани, од друга страна, како да не се премногу оптоварени со проблемот на Косово, а тоа го покажуваат и истражувањата на јавното мислење. Далеку пред Косово како главни проблеми тие ги наведуваат економијата, животниот стандард, здравството, судството, школството, криминалот и корупцијата. Како да се објасни расчекорот меѓу медиумската слика и вистинските приоритети на граѓаните?

„Косово не е животна тема, но таква ја направија и власта и опозицијата со стереотипот дека ако се загуби Косово се губи практично сѐ“, вели за ДВ писателот Филип Давид. „Сите знаат дека тоа е флоскула, но тоа никој не сака да го признае. Ни самиот претседател Вучиќ не знае што со Косово: од една страна зборува дека мораме да се договориме и не смееме да оставиме замрзнат конфликт, а од друга, медиумите под негова контрола тврдат дека Косово по секоја цена останува во Србија“.

Политичкиот аналитичар Милан Николиќ предупредува дека проблемот со Косово не треба да се меша со можноста за манипулација на емоциите.

Brüssel EU-Kommission | Hashim Thaci, Federica Mogherini & Aleksandar Vucic (Europäische Kommission)

Александар Вучиќ, Федерика Могерини и Хашим Тачи на преговори за иднината на Косово

„Точно е дека во овој момент, кога ништо драматично не се случува на Косово, граѓаните размислуваат за вработување и животен стандард. Но, тоа може брзо да се смени во случај на некои драматични случувања на Косово, некој нов погром на Србите или други инциденти. Во мирни околности, Косово е на шесто место, но тоа може многу брзо да дојде и на прво“.

Бесмислен референдум?

Подигнувањето на медиумската температура Николиќ ја толкува како приближување до конечното решение, кое предизвикува нервоза кај власта.

„Тоа решение навистина може да му нанесе голема политичка штета на претседателот Вучиќ. Како што сега стојат работите, најверојатно Србија ја очекува расплет во кој ќе загуби сѐ, а нема да добие ништо.

Затоа тој ги користи медиумите кои ги контролира за да направат врева, дека тој се бори, но дека е страшно тешко, дека нема разбирање и.т.н. Што делумно е и точно“, вели Николиќ.

Филип Давид вели дека темата им одговара и на власта и на опозицијата. „Косово е сега наводно главен проблем по кој опозицијата се разликува од Вучиќ, а всушност сите се против признавањето на Косово. И доколку го изгубат Косово како тема, што им останува?“

Николиќ не е уверен дека власта влече паметен потег со ваквата подготовка на граѓаните за најавениот референдум.

„Се знае што би донел референдумот. 70-80 отсто ќе се изјаснат против независноста на Косово. И што после тоа? Дали ќе им речеме на граѓаните 'Добро, сега дајте ни ги децата во војска па да одиме повторно да го освојуваме и чесно да изгинеме?'“

Николиќ заклучува дека референдумот „не служи за ништо“ освен власта да се скрие зад него и проблемот да му го остави на некој друг.

 

DW.COM

Реклама