Срамната улога на Европа во мигрантската криза | Европа | DW | 12.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Срамната улога на Европа во мигрантската криза

Европската унија, која толку жестоко го критикуваше Трамп за неговиот ѕид со Мексико, сега влезе во неговите обувки. Пишува Ивор Мицковски

Мигрантската криза на полско-белоруската граница по којзнае кој пат ја издаде целата конфузија, хипокризија и поделност која владее во Унијата. Ако Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, навистина го мисли тоа што го кажа, имено дека постои правна можност за финансирање на ѕидови и бариери на надворешните граници на ЕУ, тогаш Унијата дефинитивно капитулира пред Полска, која ги крши правилата на ЕУ, како и пред Белорусија и Русија, кои го користат случајот за притисок врз Европа.

Без разлика што портпаролот на Брисел потоа прецизираше дека одлуката да не се финасираат ѕидови или бариери на надворешните граници на ЕУ се темели на политичка одлука, а не правна, Унијата и Комисијата повторно се во грешка и се премногу меки и кон источните суверенистички членки и кон надворешните противници на Унијата.

Луѓе оставени на цедило

Како прво, правно гледано Унијата не смее да финансира ѕидови и бариери, односно, да биде дел од, или пак да толерира, незаконско враќање на луѓе од своите граници. Постојат во европски рамки закони околу раководење со мигрантите и границите и постои експлицитна забрана за масовно одвраќање, нешто што земји како Полска, Унгарија, Летонија, Литванија и Данска не го почитуваат и постојано го прекршуваат.

Полска во случајов не крши само договори како членка на ЕУ, туку ја крши и меѓународната Конвенција за бегалците, што значи дека Варшава крши меѓународни и европски договори коишто самата ги потпишала. Не смее да враќа мигранти кон несигурна земја како Белорусија, особено не луѓе кои се од Сирија, Ирак и Авганистан и кои не мигрираат од економски причини, туку од очигледни безбедносни причини. На границата се забележани и огромен број на авганистански жени и деца, за кои Унијата до вчера велеше дека мора да се спасат по секоја цена, а сега ги остава на цедило. Каде е кохерентноста на ЕУ?!

Вториот аспект е хуманитарен. Овие луѓе се во очајна состојба и ним не им се дозволува ни да се вратат назад во Белорусија. Потоа, Полска не дозволува влез на меѓународни организации како УНХЦР или за невладините, со тоа забранувајќи да стигне хуманитарна помош до луѓето кои таму умираат, страдаат и се смрзнуваат. За тоа се одговорни и во Минск, но уште повеќе во Варшава, зашто Полска е важна членка на ЕУ.

Третиот аспект е политички. Се разбира дека Белорусија поддржана од Москва ги користи мигрантите за да изврши притисок врз ЕУ, исто како што правеше и Ердоган, со цел да изнудат пари или да им се намалат санкциите. Но, тоа не е доволен мотив за овие луѓе да се остават на немилост и да се кршат правилата и законите на Унијата. Бројката на луѓе кои во овој момент се наоѓаат во оваа трагична ситуација на белоруска територија не се повеќе 10-15 илјади. Тоа е бројка која за ЕУ, под услов Варшава навистина да сакаше да соработува и да побара помош од Унијата, не претставува навистина никаков проблем лесно да се прими и редистрибуира меѓу членките.

Претгходни колумни од авторот:

Поизневерена од Македонија и целосно уништена е само Босна

Паднавме во замката на Софија

„Полегзит“ и како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ

Полска ја инструментализира кризата

Но, Варшава ја инструментализира кризата со цел да ѝ се одмазди на Унијата за најавените санкции поради нејзиното кршење на правната држава и уништување на независноста на судството. Со други зборови, што и да прават Белорусија и Русија не е пострашно од тоа што го прави Варшава, која ги користи мигрантите како инструмент за закана и одмазда, додека во исто време ја зголемува поделеноста во ЕУ и ги брани интересите на источните суверенистички земји членки во Унијата. Порано вака се однесуваа Турција или Либија на Гадафи, но денес гледаме како тоа отворено го прави членка на ЕУ.

Со ваквиот развој на настаните, што и да се случува во иднина, Лукашенко и Путин веќе го добија натпреварот и ги примораа Полска и ЕУ да паднат на нивно ниво. Полска во случајов демонстрира комплетно отсуство на солидарност и сочувство во однос на луѓето кои бегаат од мизеријата и војната. Полска на овој начин се изневерува самата себеси, како што ја изневерува и својата христијанска верба која толку често ја пропагира и исповеда. Во исто време, целата Унија станува соучесник во криминалното и незаконско прекршување на должноста да им помогне на мигрантите кои се наоѓаат во очигледна опасност.

Колку повеќе Унијата ги игнорира сопствените хуманитарни и законски обврски, толку повеќе ја зајакнува раката на оние кои сакаат да ја инструментализираат кризата од очигледно политички интереси. Законот треба да служи како светилник, како водилка за политичките прашања, а, наместо тоа, Унијата пропаѓа во правен и политички мрак. ЕУ е унија на држави која се базира на правила и ако тоа се изгуби, се губи сржта и суштината на европскиот проект. Станува збор за прашање кое излегува од негираните права на бегалците и кое има врска со самата природа на Унијата. Оттука, во целата работа сериозно греши и самата Комисија водена од Урсула фон дер Лајен, која преголем акцент става на политичките аспекти, кога доволно е само да се побара и обезбеди почитување на законот и на правилата.

Ѕидовите на ЕУ

Во наредните денови ќе се дискутира во Брисел, но машината која се заканува да ја распарчи Унијата дефинитивно е пуштена во погон. Веќе во октомври 12 земји членки испратија писмо до Брисел, каде бараа европски пари за анти-мигрантски ѕидови и бариери. Пред тој притисок Шарл Мишел веќе попушта, засега во Варшава, утре можеби и во Брисел. Комисијата засега се опира и се обидува да ги заштити конститутивните принципи за прием на бегалци на Унијата и она малку што остана од европскиот пристап кон човековите права. Европарламентот е во шок од позицијата на Мишел и евентуалната промена мора да пројде преку европратениците, нешто за што во моментов нема мнозинство. Но, претседателот на најголемата парламентарна група, Манфред Вебер од ЕПП, веќе се изјасни дека е согласен да се финансираат ѕидови со европски пари.

Тоа што во моментов е очигледно е дека Унијата дозволува овој пинг-понг со мигрантите на полско-белоруската граница да продолжи затоа што сака да избегне креирање на нови конфликтни теми со Варшава и затоа што и Комисијата и Европарламентот знаат дека примањето мигранти не е баш популарна тема меѓу европската јавност.

Но, како што ќе забележи европратеникот Бернард Гета, чувството на срам од постапките на Унијата е огромно. Огромно е затоа што е срамно една диктатура така лесно да ја стави во замка ЕУ, искористувајќи ги нејзините контрадикции. Срамно e полската опозиција да нема ништо да каже околу обидот да се градат ѕидови во срцето на Европа. Срамно е ЕУ да се плаши од мигрантите затоа што во најголем дел се муслимани. Срамно е што Европа не знае како да му објасни на Лукашенко дека неговите валкани игри мора да завршат еднаш засекогаш.

Ние тука само ќе се потсетиме дека истиот тој срам повеќе од една година се случува и на хрватско-босанската граница и дека секојдневно се крши меѓународното право и правата на десетици илјадници луѓе и деца кои се жртви на отворено насилство.

Европа абдицираше пред своите правни и хуманитарни обврски, а со тоа абдицира пред единственото нешто што досега ја држеше обединета. Нејзиниот меѓународен кредибилитет го доживува својот историски минимум и Унијата, која толку жестоко го критикуваше Трамп за неговиот ѕид со Мексико, сега влезе во неговите обувки.

Европа реално се обедини по падот на Берлинскиот ѕид и Железната завеса. Сега ризикува со градење ѕидови во својата внатрешност да го подели она што толку мачно го обедини.