СПЦ обвинува, МПЦ молчи, БПЦ во офанзива | Северна Македонија | DW | 04.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

СПЦ обвинува, МПЦ молчи, БПЦ во офанзива

Севселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Неофит на 7-ми јануари се очекува да разговараат за одлуката на БПЦ да биде промотор за признавање на автокефалноста на МПЦ пред православните цркви

Не коментираме ничии изјави, а по Божик и Богојавление, ќе ги продолжиме разговорите со Бугарската православна црква. Вака извори од Светиот архиерејски синод (САС) на  Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)   се воздржаа од коментар на изјавите на епископот бачки Иринеј од Српската православна црква (СПЦ), кој во интервјуа за српски медиуми обвини дека зад односите меѓу БПЦ и МПЦ има политичка позадина.

„Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Се разбира, нив совршено не ги интересира Црквата со своите канони, устројство и поредок. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов - Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереи, кои инаку искрено и длабоко ги жалам“, изјави Иринеј.

Според него, епископите на Бугарија сега се наоѓаат помеѓу Сцили и Харибди.

„Сцила е притисокот на политичките власти и јавното мнение, на кои, и тоа како им одговара ирационалната иницијатива од Скопје, а Харибда е ризикот од какво било 'флертување' со каква било расколничка организација, а БПЦ до неодамна имаше таква и 'во сопствениот двор' (...) Понудената 'трампа' - вие нам автокефалија без обѕир на другите православни цркви, а ние вам титула на наша црква мајка, би била крајно необична, да не е просто неверојатна“, вели српскиот епископ.

Тој потенцира и дека БПЦ сепак е свесна дека не смее во служба на еден раскол, себе си повторно да се доведе во раскол, во каков што била 70 години поради етнофилетизам. Притоа тврди и дека ,„спорната одлука на БПЦ сѐ уште не е официјално доставена ни до Вселенската патријаршија, ни до СПЦ, ни до останатите сестрински православни цркви.

Neofit neues Kirchenoberhaupt in Bulgarien (Reuters)

Бугарскиот патријарх Неофит ќе се сретне со Севселенскиот патријарх Вартоломеј

Клучни разговори на 7-ми јануари

Но, извори од БПЦ досега во неколку наврати навестуваа дека нивната одлука веќе ѝ е позната на Вселенската патријаршија. За неа се очекува да биде разговарано и на 7-ми јануари, кога ќе се сретнат Севселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Неофит. Тие ќе служат заедно на 7-ми јануари, кога по шестгодишна реставрација повторно ќе бидат отворени вратите на бугарската црква „Свети Стефан“ во Истанбул, позната како „Железната црква“. Се очекува на свечениот чин да присуствуваат и бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, како и бројни претставници на бугарската заедница во Истанбул.

Повеќе на темата: 

Грчката црква: БПЦ да не се меша во јурисдикцијата на СПЦ

Ковачев: БПЦ да ја прифати подадената рака од МПЦ

Славов: БПЦ има обврска да ѝ помогне на МПЦ

Не стануваме Бугари ако БПЦ нѐ признае како мајка-црква

Портпаролот на САС на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, пред две недели запрашан дали БПЦ и официјално ја има известено Цариградската патријаршија за барањето на МПЦ, изјави дека бугарскиот црковен врв на 7-ми јануари патува за Цариград и смета дека тогаш ќе разговараат.

„Претпоставувам дека ќе бидат информирани. Од разговорот што го имавме тие ни кажаа дека се запознаени, меѓутоа колку се запознаени, во овој момент не можам да зборувам во нивно име“, изјави владиката Тимотеј.

Во однос на српските позиции по тоа прашање, владиката Тимотеј тогаш повтори: „Педесет години слушаме едно исто. И претходно кажав дека тие не се единствените играчи во православниот свет“.

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten (picture-alliance/dpa/G. Licovski)

Поглаварот на МПЦ. г.г. Стефан

Месечни средби

Според познавачите на црковната политика, изјавите од владици на СПЦ нема да влијаат на односите меѓу македонската и бугарската православна црква. На 22.12.2017 година веќе се одржа првата работна средба меѓу комисиите на двете цркви, на која бил подготвен акциски план за спроведување на одлуката што БПЦ ја донесе на 27 ноември 2017 година, а со која презеде обврска да биде промотор за признавање на автокефалниот статус на МПЦ пред православните цркви. Покрај седницата на меѓуцрковните комисии, еден ден претходно во Софија имаа средба бугарскиот патријарх Неофит и поглаварот на МПЦ. г.г. Стефан, по која изјавија дека очекуваат позитивен исход. Освен Архиепископот, во македонската црковна делегација беа и владиците Тимотеј, Климент и Петар.

„Не е лесен крстот што Бугарската црква го презема, затоа што досега ништо не се правеше за решавање на проблемот со македонската Архиепископија. Ајде сега, Божјата промисла да нè направи мудри учесници во меѓуцрковната комисија, за да се постигне посакуваниот резултат од сите“, изјави тогаш бугарскиот Патријарх.

Верскиот аналитичар и новинар од Софија, Горан Благоев, вели дека овие средби се позитивен исчекор и очекува да бидат сѐ почести.

„Ова е исклучително пријатно изненадување од Синодот на БПЦ поради брзината и темпото во кое се одвиваат работите, со оглед на тоа дека пред неполн месец Синодот објави дека ќе направи комисија и ќе почнат раговорите. Тие средби треба да станат месечни“, смета Благоев.

САС на МПЦ-ОА на 26-ти декември го прифати извештајот од почнатите разговори на црковните комисии на МПЦ и на БПЦ и одлучи разговорите да продолжат. Следната средба се очекува во втората половина на јануари.

 

DW.COM

Реклама