Спор за името: 25 години лет во место | Северна Македонија | DW | 31.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Спор за името: 25 години лет во место

Како што одминуваат годините, Македонија, се чини, добива сѐ „полоши“ предлози, а оние што биле неприфатливи за Скопје во 1990-те години, денес се неприфатливи за Атина. Се рециклираат и „аргументите“ во дебатите

И Атина и Скопје деновиве со нетрпение го очекуваат новиот предлог на медијаторот на ОН Метју Нимиц во спорот за името. Откако во Њујорк на 17 јануари беше поставена новата рамка за изнаоѓање компромис во спорот, во јавноста „протекоа“ и предлозите на искусниот дипломат. Горна, Северна, Вардарска, Нова или Република Македонија (Скопје), наводно се решенијата околу кои ќе се бара компромисот. И додека во македонската и во грчката јавност одново започна лицитацијата околу можните (прифатливи) имиња и дилемите поврзани околу нив, прегледот на архивските материјали и документи од последните 2,5 децении покажува дека и предлозите на Нимиц и дебатите кои се водат околу нив се речиси потполно исти. Поточно, Македонија и Грција ги добиваат, и отфрлаат, истите или слични предлози за решавање на спорот. Дури и дебатите во политичките кругови и во домашната јавноста си наликуваат како „јајце на јајце“.

Неодамнешното повторно ставање во оптек на предлогот „Централно балканска република“ од страна на националистичките кругови во Грција кои одбиваат да прифатат споменување на поимот Македонија во името на соседната држава, иако веднаш отфрлен како несериозен, сепак не е изненадување за оние кои го паметат оригиналниот предлог на австрискиот дипломат Алојз Мок и Васил Тупурковски - специјалниот пратеник на претседателот Киро Глигоров од 1992 година.

Гледај видео 01:42

Нимиц оптимист по разговорите во Њујорк

Илустративна дебата

Најдобра илустрација за 25 годишниот лет во место е дебатата водена во македонскиот парламент на 9 и 10 декември 1992 година, но не само затоа што течела речиси пред точно 25 години. Расправата се водела во пресрет на самитот на Европската заедница во Единбург, а поводот бил предлогот на тогашното британско претседателство до претседателот Киро Глигоров и тогашниот шеф на дипломатијата Денко Малески, во уставното име Република Македонија да се додаде со цртичка или во заграда Скопје. Во замена била понудена поддршката на Лондон во ЕЗ, и во Обединетите нации. Глигоров, Малески и тогашната влада на Бранко Црвенковски јавно застануваат зад предлогот и го ставаат на расправа пред Собранието. Опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинува за предавство и за противи на предлогот. Предлогот никогаш не стигнува на гласање затоа што тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов од страв дека не може да се обезбеди мнозинство, не го става на дневен ред.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister (DW/P. Stojanovski)

Пропуштена шанса за решение на спорот уште во 1992 година, предупредуваше професорот Денко Малески


Малески во 2009 година, во изјава за магазинот Глобус, објаснува дека проблемот тогаш можел да биде затворен.

„Доколку го прифатевме имавме добри шанси да нѐ поддржат. Откако го одбивме, тие рекоа – тогаш, проблемот нека остане отворен. Но, беше донесена таа резолуција на Советот за безбедност во која нѐ обврзаа да бараме заемно прифатливо решение со Грција“, изјави тогаш професорот Малески. Главна пречка за изнаоѓање решение тогаш, ќе оцени ексминистерот за надворешни работи, биле „домашниот национализам“ и немањето расположение за решавање на спорот. Во истото издание на згаснатиот магазин, Андов вели дека сличен предлог добил и од тогашниот грчки премиер Константин Мицотакис на тајна средба во Давос во јануари 1993 година. Сепак Андов сметал дека усвојувањето на името со додавката Скопје во тој период би ја усложнило македонската преговарачка позиција и би ѝ дало предност на Грција.
Професорот Малески во тој разговор (2009 година) прогнозира дека Македонија оттогаш добива сѐ полоши предлози, и предвидува дека на крајот сепак ќе мора да отстапи од некои свои позиции доколку сака да се реши спорот и тоа под полоши услови.

„Затоа да бидеме чесни, а не ова што го зборуваат интелектуалците, ќе се согласиме со Северна Македонија ама ќе задржиме Македонци и македонски јазик. Нема да биде така! Ќе прифатиме Северна Македонија, ама ќе биде Македонија со славомакедонци. Тоа е она што го бараат Грците и нема никој да интервенира за да нѐ спаси од тоа. Сега имаат и изговор. Имено, кој ве тера да се плеткате со антички Македонци. Сега кога веќе отидовте дотаму мора да се направи дистинкција. Овој дел ним ќе им го дадеме, овој дел вам ви го даваме. Тоа ќе биде на крајот“, прогнозираше Малески. 

Mazedonien Skopje Stojan Andov ehemaliger Parlamentspräsident (DW/P. Stojanovski)

Стојан Андов во 2009 предлагаше Државна стратегија за решавање на спорот за името, но предлогот беше одбиен

Дали ќе се остварат прогнозите на професорот Малески и денес е тешко да се прогнозира, но преговорите во спорот за името во меѓувреме одат во насоката која во 1992 година ја прогнозира и пратеникот Џеладин Мурати. „Потрудете се да го добиете она што го сакате инаку ќе ве присилат да го сакате она што ќе го добиете“, порача Мурати од собраниската говорница цитирајќи го писателот Марк Твен. Дотолку повеќе што во 2008 година, тогашниот премиер Никола Груевски на самитот на НАТО во Букурешт го прифати името Република Македонија (Скопје), но Грција тогаш веќе го одби.

Не се живее од митови

Глобус во 2009 година објавува и потсетување на ставовите на водечките политичари во 1992 година во врска со спорот, но и историјата. Тогашниот претседател Киро Глигоров на пратениците им порачува дека „не може да се живее од митови и историја“. „ На овие балкански простори, мораме да признаеме, и по тоа денеска светот не препознава, сите балкански народи премногу живеат од историјата, од митовите, и од се' што е поврзано со тоа, а многу малку со сегашноста и иднината. Тоа не е моја констатација, тоа е констатација којашто сум ја чул на многу места. Затоа ние сме и толку назад од сите овие процеси кои се одвиваат во светот. Ние треба да одиме кон интегрирање со европските народи, кон поврзување со сите тие култури. Не да се откажуваме од нашите митови, од нашата историја и нашите традиции, но во исто време да го имаме присутен и рационалниот дух на крајот на овој век“, ќе порача Глигоров.

Tod von Kiro Gligorov ehemaliger Präsident Mazedonien (Petr Stojanovski)

Не се живее од митови, велеше поранешниот претседател Киро Глигоров

Тогашниот премиер Црвенковски и владата во изјава до Собранието му даваат поддршка на предлогот.   „Изразувајќи подготвеност, за надворешна употреба на нашето име Република Македонија да се додаде во заграда името на главниот град Скопје, Република Македонија прави уште еден чекор на добра волја за надминување на блокадата на нејзиното признавање во ЕЗ“, се наведува во соопштението.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието жестоко се спротивставуваат на предлогот, а партијата во соопштение го опишува „брилијантниот настап" на лидерот Љубчо Георгиевски и неговите пораки до „пратениците на СДС“.

„Беше навистина брилјантно тоа што го говореше нашиот претседател (Љубчо Георгиевски, н.з.) кој во еден момент им препорача на пратениците комунисти: „Господа пратеници на СДС, отворете го Уставниот закон на РМ и во неговиот член 14 ќе видите дека пишува: Надворешната политика на РМ ќе ја води СФРЈ. Веднаш по ова настана збрка кај комунистите кои се надеваа на неточност, за да можат потоа да пријдат на говорницата и да го завршат нивниот најсакан линч. Но, се случи обратното: морално беа дотолчени во нивната битка за разнебитување на Македонија и македонскиот народ, во нивната срамна битка за власт“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 10 декември 1992 година. 

Георгиевски, пак, во говорот ја отфрла и самата помисла да се дискутира за такво решение: 
„Самата помисла за дискусијата што сигурно значи дека некој доволно прави анализи, сигурно претставува голем аларм, значи веќе неколку часа дискутираме дали името на РМ треба да се промени во Република Македонија Скопје. Се поставува прашањето, прво на самиот чин на промената на тоа име Република Македонија Скопје, и се поставува прашањето на една цела политика која ја водеше македонската надворешна политика во минатите две години и која еве денеска ја круниса таа своја политика со овој предлог кој го доживеавме во македонскиот парламент..."

Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei (DW/P. Stojanovski)

Љубчо Георгиевски во 1992 година одбиваше воопшто да дискутира за Република Македонија (Скопје)

Кој распалува страсти?

Пратениците Тито Петковски и Петар Гошев во дискусијата бараат за решението да одлучуваат граѓаните на референдум, додека Љубисав Иванов-Ѕинго тврди дека „името Македонија ќе остане, било што да му се додава или одзема". Ешреф Алиу одПДП апелира до ВМРО-ДПМНЕ да не ја провоцираат Грција и ги обвинува дека токму нивните испади ја прават Атина агресивна кон Македонија.

„Сега сакам да ве потсетам кој најмногу придонесе да ги разбуди страстите на Грција и на грчката официјална политика да стане така остра, беспримерна и сурова против нас... Тие што со јазикот без факти градат митови со Александар Велики. Тие што наредниот конгрес во знак на триумфалност го предвидуваат во туѓа земја. Тие што печатат карти и во тие карти Солун останува доста внатре на територијата на Голема Македонија“, ќе рече Алиу.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама