Спорот околу подморниците ја извади на површина кризата помеѓу САД и ЕУ | Свет | DW | 24.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Спорот околу подморниците ја извади на површина кризата помеѓу САД и ЕУ

Големите западни демократии се наоѓаат на крстосница и делуваат дека се разидуваат. Тоа се поени за диктатурите и автократиите кои ја нудат својата наводна совршеност и едноставност. Пишува Ивор Мицковски.

Во мај 2018 година, Емануел Макрон и тогашниот австралиски премиер Малком Турнбул се фотографираа на француска подморница, прославувајќи го сега веќе пропаднатиот договор

Во мај 2018 година, Емануел Макрон и тогашниот австралиски премиер Малком Турнбул се фотографираа на француска подморница, прославувајќи го сега веќе пропаднатиот договор

Мирот помеѓу Франција и САД е вратен по случајот АУКУС и спорот околу подморниците. Француската воена индустрија ќе го преживее ножот во грб од Вашингтон откако Бајден му вети на Макрон нови бизнис можности со Индија и поголеми воени заложби во Сахел, но вистинскиот губитник од оваа приказна е Европската Унија. 

Европа уште еднаш покажа дека нема заедничка надворешна политика, додека ниедна земја-членка не демонстрираше солидарност со Париз, иако суштински и стратешки Европа е таа која трпи најголема штета од одлуките на американскиот партнер и сојузник. Проблемот АУКУС се сведе на билатерално прашање, па оттука, од неговото решение корист ќе има само Франција.

Но, нема решение за стратешкиот проблем со кој се соочува Европа и ЕУ, односно, нејзината безбедносна и воена ирелевантност во 21-от век, во фактот дека е осудена да биде светска периферија, токму во моментите кога новата Студена војна влегува во својата жешка фаза.

„Доктрината Бајден“ 

Со други зборови, Европа е првиот континент и регион кој највеќе губи од новата „доктрина Бајден". Стариот континент лошо ги поднесе последните две големи и стратешки одлуки на американскиот претседател без воопшто да биде консултиран. Првата беше наглото и избрзано повлекување од Авганистан, втората е раѓањето на нови стратешки геометрии и нов клуб на демократии во Индо-Пацификот. Набрзо, поточно веќе денес, ќе следува и третиот удар: Самитот КВАД каде покрај САД се и Индија, Јапонија и Австралија, кој повеќе од безбедносен „дијалог", полека но сигурно се претвора во политички и воен сојуз помеѓу големите демократии од Истокот, еден вид на источно НАТО, чија задача ќе биде да одговори на подемот на Кина. Помеѓу се ова се случи и спорот околу подморниците, кој делува како јасна потврда кои се ставовите и погледите на Бајден и САД во однос на Европа.

Друга колумна од авторот: Судбината на Европа и Западот по Авганистан

Ставот е дека Европа не им е потребна на САД во дуелот со Кина. Тоа значи дека Вашингтон повеќе не само што смета дека нема потреба, туку очигледно нема ни доверба во своите НАТО сојузници. Денес за САД поважни се Австралија и Јапонија или Индија, покрај верната и послушна Британија, затоа што освен што како англосаксонци се роднини по крв, блиски се и според културата, историјата и традицијата да сакаат заеднички да војуваат. Фактот дека за САД единствениот европски партнер е токму земјата која ја напушти ЕУ, односно Британија, само ја потврдува новата реалност и потенцира дека сојузниците на Вашингтон мора да бидат понизно послушни. 

Ивор Мицковски

Ивор Мицковски, автор на колумната

Оттука, не случајно казната и пораката до Европа падна врз грбот на единствената европска земја, односно Франција, која никогаш своеволно не се потчини како сателит на светската суперсила, и единствената која има каква-таква воена моќ и желба за војување, седиште во Советот за безбедност на ОН, нуклеарен штит и свое влијание и присуство во Пацификот. 

Двостран проблем

Сега проблемот треба да се гледа двострано. Едната страна од проблемот е што Европа е успана и живее во свет на фантазии, каде се испреплетуваат соништа за некаква независна заедничка одбрана која никогаш нема да се случи, со реалноста дека европските држави или нејзините граѓани воопшто не ги интересира новиот светски поредок, новите конфликти и новите проблематики кои допрва ќе се јавуваат. Втората страна од медалот е дека навистина е неразбирливо како САД, наместо да се посветат на ветениот мултилатерализам и зајакнат дијалог и соработка со ЕУ, се одлучија на сосема спротивното – Европа стратешки да се напушти и запостави. Таков чекор, во момент кога светските автократии напредуваат, кога конфликтот (се надеваме не воен) со Кина се зажестува, а оној со Русија не спласнува, наликува на сериозен политички аматеризам и на огромна стратешка слепост. Неразбирливо е воедно, зошто САД работи на доближувањето помеѓу Русија и Кина, нешто што е директна последица на овие потези, и како светската суперсила мисли да ја одржи својата хегемонија напуштајќи ја или игнорирајќи го најважниот и најпросперитетниот континент на светот, Европа?!

Друга колумна од авторот: Крај на ерата Меркел

Недискутабилно е дека за разлика од Европа, каде Америка има силно воено присуство низ десетици бази, нуклеарно оружје и што не друго, нејзиното присуство во Индо-Пацификот е далеку поограничено. Исто така е точно дека ситуацијата со се поагресивната Кина, која забрзано се вооружува, не се плаши кибернетички да се меша во работите на САД, која го задуши Хонг-Конг и ги згази Ујгурите, и која претендира да го освои Тајван и да стане поморска суперсила, бара нештата и односите на сила повторно да се доведат во рамнотежа. Таа рамнотежа сигурно ќе се постигне со еден вид на источно НАТО, но тоа не значи дека треба да се создаде нова нерамнотежа онаму каде веќе постои.

Што може Европа да направи за да си помогне самата на себе? Прво, треба да ја прифати новата реалност на меѓународните односи каде климата е променета и повеќе не постои стариот систем. Тоа значи дека Европа повеќе не може да се потпира единствено на политичките активности и почитувањето на правилата, биле тие трговски, технолошки, човекови права, и да очекува дека тоа е доволно за да имаш кредибилна надворешна политика. Во денешниот свет, ако сакаш да вредиш нешто и така да бидеш вреднуван, мораш да ја развиваш безбедносната димензија, која неминовно е врзана за твоите воени и борбени капацитети.

Поени за диктатурите

Тоа не значи дека Европа треба само да се вооружува, иако светот е во трка за вооружување, туку и дека треба да биде кредибилен партнер кој има капацитет да учествува во светските сојузи, да реагира во светските кризи, да има интеракција и право на збор во одлуките на САД, и да има способност убавите зборови да ги поткрепи со дела, ако треба и да ги „извалка“ рацете.

Големите западни демократии се наоѓаат на раскрсница и делуваат дека се разидуваат, секој тргнувајќи по својот пат. Тоа се поени за диктатурите и автократиите кои ја нудат својата наводна совршеност и едноставност, пред комплицираноста и несовршеноста на демократиите. Тоа ќе доведе до ослабнување на демократските процеси во Европа, особено во земјите на нејзината периферија, кои и онака се нецелосни и нефункционални демократии.

Најголем проблем за Европа ќе биде ако се поделиме на проамерикански и проевропски држави. Модерната историја на Европа се потпира на два столба - на заедничка Европа и на сојузништо со Америка. Редно време е и НАТО да се модифицира потпирајќи се на американски и на европски столб. За таа цел Европа мора конечно целосно да се обедини вклучувајќи го Западен Балкан, да развие комплементарна на НАТО европска војска и да ги зајакне заедничките политики во полето на надворешните работи и безбедноста.

Се друго е само сон, опасна успаност пред еден свет кој забрзано се менува и не чека никого.