Споменот на легендарните „Садиловци“ во Охрид уште е жив | Македонија | DW | 14.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Споменот на легендарните „Садиловци“ во Охрид уште е жив

Во Охрид и денес се прераскажува животот на виолинистот Климе Садило и Тајфата. Трубадурите биле самоуки музичари и не знаеле ноти, но компонирале и пишувале песни. Пееле песни од целиот Балкан и биле омилени секаде.

Mazedonien Erinnerung an Klime Sadilo in Ohrid (DW/M. Jovanoski )

Климе Садило е втор од лево

Во Охрид, во срцето на стариот град во Варош, по тесните улички има многу кафеани. Во нив, особено на празници, се слуша надалеку прочуената охридска староградска песна. Градските убавици: Деспина, Билјана, Антица, Фросина...  добиле по некоја песна создадена низ времето, преку кои се преточени нивните животни судбини, а народниот творец опеал и бројни бурни и убави настани кои го обележале животот на охриѓани. Денес тие песни ги пеат нови  музички тајфи-наследници како достојни чувари на традицијата на некогашните „Садиловци“ - „Охридски трубадури“ на покојниот Стојан Златаноски и ансамблот „Билјана“, предводен од исто така покојните Сотир Димитровски - Ѕингл и Кузман Поп Стефанија.

Mazedonien Erinnerung an Klime Sadilo in Ohrid (DW/M. Jovanoski )

Милка Садилова

Ќерката на Садило живее со спомените

Трагата по „Садиловци“ нѐ одведе во домот на Милка Садилова. По охридски обичај разговорот започна по послуженото слатко од цреши и чаша студена вода.

„И пред тајфата на татко ми Климе Садило во Охрид имало други тајфи, најпозната е тајфата на Ангеле Караѓуле", ни раскажува во својот дом единствената наследничка на Садило, од осумте негови деца, 82-годишната ќерка Милка. „Живеам и во денешницата, но повеќе во спомените. Постојано се сеќавам на мојот татко, на неговите другари од тајфата и со сѐ она што е поврзано со нивното свирење преку кое го  одржуваа духот меѓу народот во овој крај и во цела Македонија“, вели Милка. 

„Садиловци“ - самоуки музичари

Климе Садило свирел виолина со лева рака. Тој бил омилен не само меѓу охриѓани, туку и во опкружувањето, а во тајфата членувале и виолинистот Наум Курте, Паско Пепелко и Димче Карче свиреле на лаута, а повремено со нив бил и Кирил Кузманоски-Катиљ, виолина. Тоа бил првиот состав. Подоцна на местото на Карче дошол Мехмед Утчи, а во оркестарот го вклучиле и Ѓоре Чочег со дајре.

Mazedonien Erinnerung an Klime Sadilo in Ohrid (DW/M. Jovanoski )

Ќемането сѐ уште не е во музеј

Пее на неколку јазици, популарни на цел Балкан

„Татко ми беше прекрасен човек, многу питом и разбран и дадениот збор за него беше закон. Беше домаќин, од пет жици го хранеше целото семејството“, вели Милка и додава: „Настапуваа насекаде каде што ќе ги поканеа. На свадби, крштевки, на сунети и на други ритуали и поводи каде музиката беше неопходна. Во Охрид и Струга во струшките села најмногу, ама и во Скопје, Белград и Софија. Имаа голем репертоар од македонски, српски, бугарски, албански, влашки, турски песни. Татко ми имаше една голема песнарка која љубоморно ја чуваше. Ја имавме долго и не знам ни сама како и кога песнарката просто исчезна од дома“, вели Садилова. 

Нивната виртуозност и уникатност стигна до Бродвеј

Во една пригода во 1959 година „Садиловци“ ги слушнал српскиот поет Бранко Миљковиќ, кој воодушевен од нивниот начин на свирење ги нарекол „Охридски трубадури" и во нивна чест ја напишал „Баладата за  Охридските трубадури".

Mazedonien Erinnerung an Klime Sadilo in Ohrid (DW/M. Jovanoski )

Садиловци и Бродвеј ги врзува оваа плоча

„Садиловци“ свиреле и за Божик, Водици и Велигден и на сите други слави. Омилена песна на Климе му била „Фросина“, а ги сакал и револуционерните песни. Во младоста поради нив над една година одлежал затвор во Битола во време на Турците. „Татко ми беше автор на музиката и текстот на многу песни и ора што ги изведуваа, на пример - 'Собарско оро' и 'Излези на пенџере Рисавѓи'“, кажува Милка. 

Неколку години пред тајфата да згасне, благодарение на човек од Јанковец, излегла лонг плеј плоча со „Садиловци“ и тоа на Бродовеј во Америка: „Музиката е снимена во Македонија и сега ми е спомен од татко ми. Тајфата подоцна сними уште една сингл плоча во Загреб, нејзе ја немам, а никогаш не стигнаа ни тантиемите од неа, иако се продадоа во големи тиражи", вели Милка.  

„Садиловци“ ги нема, Охрид уште не им се оддолжил

Mazedonien Erinnerung an Klime Sadilo in Ohrid (DW/M. Jovanoski )

Виолината на Климе Садило е стара речиси два века

Садило починал на 21 јуни 1965 година во Охрид. Друштво на Милка сега ѝ прават виолината од татко ѝ Климе, стара речиси два века, купена кога тој учел да свири во Битола, во познатото музичко семејство Лозанчеви и ќемането. Разочарано вели дека неколку години чека Заводот и Музеј од Охрид и Министерството за култура да одвојат средства и да ѝ ги откупат инструментите на кои местото им е во музеј, за да сведочат во иднина за богатото музичко минато на Охрид, но позитивен одговор уште не добила. Жали што во Охрид за „Садиловци“ нема ниту едно обележје во знак на почит и сеќавање на нив, иако со тоа што му го оставиле на Охрид - заслужуваат. 

Реклама