Спелео-туризмот во Македонија се’ уште е во повој | Северна Македонија | DW | 29.11.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Спелео-туризмот во Македонија се’ уште е во повој

Во развојот на алтернативниот туризам значајно место може да има спелео-туризмот. Македонија изобилува со околу 350 пештери и јами кои чекаат да бидат истражени и дел од нив отворени за туристите и за науката.

Билјана Гичевски, секретар на спелеолошкото друштво „Урсус Спелеос“

Билјана Гичевски, секретар на спелеолошкото друштво „Урсус Спелеос“

Статистичките податоци дека во Македонија бројот на странски туристи од година во година е во пораст ги охрабри и натера граѓаните низ разни форми да го развиваат алтернативниот туризам. Природните богатства се посебно привлечни за современите туристи. И покрај немањето национален катастар, во светот се' повеќе се знае за македонските пештери и пропасти (јами) невообичаено богати и недоистражени. Дојче веле на оваа тема разговараше со Билјана Гичевски, секретар на Истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ од Скопје, која воедно е и докторант на Институтот за карстологија и пештери во Постојна – Словенија.

ДВ: Колку спелеолошки друштва има во Македонија и каде?

Билјана Гичевски: Во зависност од интересот на членството постојат повеќе клубови во Македонија кои се занимаваат или само со истражување или само со спортско влегување во пештери и пропасти (јами). Како секретар и член на здружението „Урсус Спелеос“ би апелирала на потребата повеќе внимание да се обрати на истражувачката, односно научната димензија на спелеологијата. Но, неминовно е дел од спелеолозите да се занимаваат со спортска спелеологија, која е блиска со алтернативниот туризам. Низ Македонија има шест или седум клубови, од кои три се во Скопје и по еден во Охрид, Прилеп, Кавадарци и Штип и не ми е позната судбината на клубот во Кичево, кој беше на границата на функционирање и згаснување.

Како изгледа македонската спелеолошка карта?

Македонија е една од ретките земји во која, во цела Западна и Централна Македонија и мали делови од Источна Македонија каде што има наслаги од варовник и доломит, има преку 350 истражени пештери и пропасти. Тоа е една импозантна бројка во поглед на објекти. Меѓутоа, за жал, за туризам во Македонија уредена е единствено само пештерата Врело во околината на Скопје. Сепак, разновидноста на пештерите и јамите, нивната големина и височина, пештерските канали и тавани, богатството со пештерски украси, сето тоа дава можност да се разгледа варијантата за развој на алтернативен спелео-туризам и во Македонија. Особено како пропратен мотив на веќе постоечките развиени туристички центри, како на пример Охрид, во чија околина има неколку пештери, меѓу кои и Асаматска Дупка, која заинтересираните ќе можат да ја видат одблизу. Интересна би била и пештерата Горна Слатинска кај Македонски Брод, која е единствената пештера со влез и излез во Македонија. Влегувате од една, а излегувате од друга страна. Мора да се признае дека спелео-туризмот во Македонија е се’ уште во повој.

Како е во светот, колку може да се заработува од овој вифд туризам? Вие сте докторант во Словенија. Како е таму?

Македонија слободно може да учи од примерот на Словенија во оваа област. Пештерата Постојнска Јама којашто е надалеку прочуена во светот е првата туристички уредена пештера во Словенија и воопшто во светот. И денеска, како резултат на посетеноста од еден и пол милион туристи годишно кои влегуваат, таа има голем удел во полнењето на словенечкиот буџет. Македонија има и капацитет и потенцијал за да го следи примерот на Словенија, но од друга страна треба да се поведе посебна сметка кои пештери ќе бидат отворени за спелео-туризам. Претходно, пред да се отвори одредена пештера за масовна посета на туристи, треба да бидат задоволени повеќе аспекти. Недостига научна студија којашто подразбира во еден подолг период следење на природните процеси што се случуваат во пештерите. Да се види дали има значаен животински или растителен свет во нив. На пример, во пештерите живеат мали животни и инсекти кои се ендемични и при секое влегување може да се наруши нивната животна средина и во налет на комерцијализацијата тие да исчезнат. Со секое зголемување на бројот на посетителите се зголемува влажноста во пештерите. Тоа подоцна врши уништување или спречување на растот на пештерските украси. Доколку во пештерата има подземна река која може да биде алтернативен извор за снабдување на одредено населено место и тој аспект треба да се анализира дали таа пештера или пропаст се погодни за туризам.

Mazedonien Speleo-Tourismus Slatinski Izvor-Grotte

Пештерата Слатински Извор

Постојат ли некои тури до пештерите преку некои туристички агенции?

Очигледно првио странците треба да дојдат, да не‘ посетат и видат и да ни извршат промоција, па во нас да се разбуди свеста дека имаме богатство кое треба да го посетиме. Значи не треба да одиме во некоја од соседните земји за да посетиме некоја туристичка пештера, како на пример Петралона во Грција, во која што се остварува најголемиот приход во областа на спелео-туризмот во Грција, туку едноставно можеме да отидеме во Пешна кај Македонски Брод, којашто со своите 30 метри височина претставува пештера со најширок влез во Македонија. Пештера во која по интензивните дождови и топење на снегот има извор кој извира од неа. Искрено, како друштво имаме соработка со одредени туристички агенции во кои во последно време се јавуваат лица кои сакаат да ги посетат пештерите и за нив се прават посебни тури. Претежно тоа се странци кои сакаат да ги видат нашите пештери. Во оваа работа безбедносниот аспект е многу битен. При посета на секоја пештера спелео водичот, покрај тоа што треба да ги има основните познавања за поширокиот крај на пештерата и за нејзината внатрешност, секако треба да има основни познавања од спелео спасување.

Имаме ли такви стручни лица кои можат да го прават тоа?

За среќа да. Во нашето друштво имаме пет членови коишто континуирано одат на обуки во странство, бидејки кај нас нема такви курсеви и често се ангажирани од агенциите за да бидат дел од туристичките групи како нивни водичи и чувари за време на разгледувањето.

Како да се поттикне државата да го помогне развојот на спелеолошкиот туризам и создавањето на спелеолошки катастар?

Секој спелеолог, дури и да е аматер, го интересира колкав е бројот на пештери во Македонија, каде е нивната локација, колкава е нивната должина или длабочина. Официјален катастар на пештери во Македонија нема. Сите земји кои имаат карст веќе имаат база на податоци за своите спелеолошки објекти, ние и во оваа област по обичај доцниме. Клубовите и оние што одат да ги истражуваат пештерите си имаат свои посебни катастри, ама национален и единствен катастар нема. Секако дека е потребен и во неколку наврати сме аплицирале за проекти и се надевам дека во иднина потребата ќе биде препознаена во некоја институција или министерство. Што побрзо ќе биде направен катастарот тоа подобро. Освен што е значаен за истражување на пештерите, преку катастарот секоја институција во рамките на државата ќе може да добие соодветни информации за тоа што се’ има на територијата на општината во поглед на тоа дали пештерата е погодна за развој на туризам, дали таа пештера претставува културно-историско наследство, дали таа пештера може да стане алтернатива за снабдување со вода на населението. Особено овој аспект за водоснабдување е многу интересен во светот, со тоа што многу пари се финансираат за заштита на подземните води. Постои податок дека 40 проценти од населението во Македонија пие вода од карстните простори. И можете да замислите што ќе се случи доколку дојде до загадување на овие подземни води. Скопје, како најголем град, се снабдува со вода од карстниот извор Рашче. Охрид пие вода од Билјанините извори, а и изворите во Свети Наум преку езерото влегуваат во системот за водоснабдување. Сето тоа е поврзано со карстот и за жал и државата нема развиено свест колку е потребно инвестирањето во научен кадар карстолози и особено спелеолози. Бидејќи, ако во иднина дојде проблем за водоснабдување, спасот државата ќе го бара во нас, научниците кои ги истражуваме подземните води и пештерите.

Mazedonien Speleo-Tourismus Puralo-Grotte

Пештерата Пурало

Сега сте докторант во Постојна. Што се Вашите преокупации?

Мојата докторска теза е подземни води односно Хидрогеологија и Спелеологија, со тоа што го истражував просторот во Поречје, односно заштитеното подрачје Споменик на природата Слатински Извор, односно најдолгата пештера во Македонија долга 4 километри низ чија цела должина минува речен тек. Тоа подразбираше мое комплетно научно истражување. Прво, во петте пештери кои се во самиот простор ги истражив пештерските украси. Зедов примероци од водата и се испитуваше хемискиот состав за да се исклучи можноста од загадување. За првпат во Македонија, во нејзината спелеолошка историја која започнала од 1960 година, ќе остане запишано дека имам ставено инструмент кој на секој половина час дава значајни податоци за тоа што се случува во подземните води.

И што забележавте?

За среќа подрачјето коешто беше предмет на истражување на водата покажа дека има чиста беспрекорна вода за пиење, а воедно во текот на самото истражување се спроведе и хидролошко трасирање. Поставивме натриум флуорестин, тоа се посебни типови на бои коишто се користат за боење на подземните води. Со ова истражување ја најдовме критичната и црвената точка на самата пештера, односно точка којашто во иднина ќе бара заштита. Бидејќи секој еден, несовесен посетител којшто сака да го уништи квалитетот на водата или да предизвика каква било деградација на животната средина во пештерата, доколку се направат лоши интервенции на таа точка, каде што ја утврдивме, секако дека ќе се наруши и квалитетот на водата.

Можете ли да направите топ листа од најубавите три пештери кои треба да се доживеат?

Првата пештера би била Слатински Извор, бидејќи две и пол години наназад секој месец влегував во пештерата, се бањав и на температура од 9 степени. Пештерата и целата нејзина околина се заштитени како Споменик на природата – Слатински Извор. Следна е јамата Срт, во повеќенаменското подрачје Јасен. Јама којашто изобилува со корали со најразлични украси. Човек како да е во друг свет кога ќе влезе во неа. Како трета би ја издвоила и пештерата – убавица на Матка, која се’ уште не е допрена од страна на човекот, која има една извонредна белина како резултат на чиститот калцит од кој што се формирани пештерските украси.

Реклама