СПД се престројува - што ќе стане со владата на Меркел? | Свет | DW | 09.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

СПД се престројува - што ќе стане со владата на Меркел?

Социјалдемократите на нивниот партиски конгрес се репозиционираа. Политички, партијата сака да се сврти повеќе кон лево. Што значи тоа за партијата на Ангела Меркел?

Богатите треба да плаќаат повеќе данок, посиромашните граѓани треба да добијат поголема поддршка од државата а оној кој е невработен повеќе не треба да биде ставен под голем притисок: барањата на СПД за воведување данок на богатство, укинување на таканаречената програма Харц 4, за реформа на пазарот на труд и промена на ограничувањето за задолжување се дел од партиската програма со што јасно ставија до знаење дека политички се вртат кон своите леви корени.
Три дена над 600 делегати на партискиот конгрес дискутираа за рамноправна распределба, животната средина и климата, разоружувањето, културата и медиумите, дигитализацијата, пазарот на труд и многу други теми. Добро е тоа што СПД сега ќе може да ја помести ЦДУ по одредени прашања, убеден е еден од делегатите на крајот од Конгресот, кој е задоволен од постигнатите резултати и исходот. Еден друг вели дека сега треба да се види што се може да се договори со партиите од Унијата што ќе го спроведе владата. Девизата гласи: почекај и види.
 

Кевин Кинерт набљудува

Јасно е. Партискиот конгрес им даде политички мандат на новите партиски лидери Заскија Ескен и Норберт Валтер Борјанс. „Им верувам и на обајцата дека точно знаат со какви пораки беа избрани од мнозинството партиски членови минатата сабота. А таа порака гласеше - не може да се продолжи како до сега," вели претседателот на младите социјалисти Кевин Кинерт. Тој заедно со подмладокот на социјалдемократите во изборната кампања обезбеди многу гласови за тандемот Ескен и Валтер-Борјанс и придонесе за победата на релативно непознатите политичари, на партискиот конгрес беше избран за потпретседател на СПД. Тој се смета себе си за чувар кој во Берлин ќе води грижа за тоа дали новиот курс се спроведува на дело - и во рамки на коалицијата со ЦДУ и ЦСУ.

SPD Parteitag Abschluss (Getty Images/O. Andersen)

Кевин Кинерт со новото раководство - Ескен и Борјанс



Големата коалиција на „условно"

Излегувањето од владата кое новото лидерско дуо индиректно го вети по нивниот избор засега е одложено. Наместо тоа ќе се преговара со Унијата што се` е политички спроведливо од коалицискиот договор во преостанатиот дел од мандатот до есента 2021 година.
„Бев и останувам скептик во однос на иднината на големата коалиција, и не го менувам моето мислење“, нагласи Заскија Ескен.
„Но со овој предлог ние и` даваме на коалицијата реална шанса да продолжи. Ни повеќе, ни помалку." Како ќе се продолжи понатаму се прашува и фракцијата на СПД во Бундестагот во еден твит.
Како треба да продолжи кога СПД ќе бара работи за кои е извесно дека ЦДУ и ЦСУ ќе ги одбијат? На пример промена на ограничувањето за задолжување кое е содржано во Уставот. Се работи за умешноста за преговори во државата вели Валтер- Борјанс. „На ниту еден претприемач не би му паднало на памет неговите машини да ги остави да рѓосаат само за да не земе кредит," се обидува поранешниот министер за финансии да направи споредба со економијата.

Дали ќе се тргне ограничувањето за задолжување?

На партиите од Унијата единствено им било битно да не направат нови долгови, вели Валтер Борјанс. „А, каква корист имаат нашите деца од тоа ако мерено на БДП им оставиме ниска задолженост, кога околината ќе им биде загадена, инфраструктурата порозна и Германија оставена во технолошки застој?", аргументира новиот претседател на СПД. „Тоа би биле непростливи долгови кои на друг, многу полош начин ги префрламе на следната генерација. А, тоа никако не смееме да го дозволиме."

Одговорот на Унијата стаса брзо. Нема основа да се поместува горната граница за задолжувањето, изјави шефицата нс ЦДУ Анегрет Крамп- Каренбауер во интервју за печатен медиум. И претседателот на покраинската група во Бундестагот, Александер Добринт, зборува за „сосем неосновано" барање. „Нема никаква смисла да се прават нови задолжувања бидејќи ако има премалку инвестиции, тоа не е поради недостиг на финансиски средства. Причината е што расположливите средства пребавно се одлеваат", вели Крамп- Каренбауер.

Deutschland | CDU-Parteitag in Leipzig (picture-alliance/dpa/M. Kappeler)

Консултации во Унијата: Маркус Зедер, Анегрет Крамп-Каренбауер и Ангела Меркел

Нова кавга е програмирана

Де факто буџетот предвидува милијарди за санација на училишта, градинки, дигитализација и заштита на климата. Од сојузните покраини минатата година не биле повлечени 10 проценти, а од локалната самоуправа дури 30 проценти од инвестициските средства.

Со одбивниот став на ЦДУи ЦСУ, 67- годишниот Норберт- Валтер Борјанс и 58 годишната Заскија Ескен нема да се помират. „Од почеток кажавме дека за нас големата коалиција не е прашање на да или не, туку дали таа може да ги решава прашањата на денешницата, и дали  тоа е возможно во таква констелација", вели Валтер Борјанс во разговор за ДВ. Иднината на големата коалиција јасно ќе зависи од тоа како ќе се напредува со актуелните теми.

Што ќе значи ова за Меркел?

За канцеларката Меркел тоа не се добри вести. Таа се надеваше дека по партискиот Конгрес конечно ќе има мир во коалицијата. Наместо тоа новите шефови на СПД, кои не сакаат да заземат министерско место во големата коалиција, политичките линии ќе ги диктираат од централата на СПД. Тоа може брзо да доведе до кавга не само меѓу СПД и Унијата, туку и внатрепартиска во СПД, меѓу левичарското раководство и политички умерените и повеќе прагматични членови на владата од редовите на Социјалдемократите. Политичарот на ЦДУ Фридрих Мерц, кому му се припишуваат амбиции за канцеларски кандидат во рамки на Унијата, новото раководство на СПД го споредува со фудбалски тренер.

На полувреме тој секако мора да даде некакви насоки. „Потоа екопата мора да истрча на терен и мора да игра, наместо постојано да гледа во тренерот и да прашуваат што смеат, а што не?", изјави тој на регионална средба на ЦДУ во Магдебург.

Повеќе: 

Германија тргната на пат кон нови избори

Револуција, или подобро не?

Германија воведува минимална пензија

Краткорочно и среднорочно планирање

Од барањата кои СПД си ги пиша во програмата на неодамнешниот партиски Конгрес, во рамки на коалицијата нема да може да се најдат сите на преговарачка маса. Со ЦДУ и ЦСУ ќе се разговара само за повеќе инвестиции, заштита на климата и зголемување на минималната плата за перспективно на 12 евра. Други барања како укинувањето на Харц 4 или воведувањето данок за побогатите слоеви пак треба да послужат за заострување на политичкиот профил на СПД во поглед на идни предизборни кампањи.

Новото раководство има големи планови за СПД. Истражувањето на јавното мислење кое со месеци покажува дека партијата котира меѓу 13 и 15 проценти, не влијае на Норберт- Валтер Борјанс и Заскија Ескен, кои ветуваат дека во рок од една година ќе ги извлечат Социјалдемократите од кризата. Во партискиот весник на СПД, „Напред” двајцата се цитирани со изјавата дека до крајот на 2020 година повторно се стремат кон „30 проценти поддршка, а можеби и повеќе од тоа".

DW.COM

Реклама