СПД: Враќање во иднината | Информации и анализи за Германија | DW | 11.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

СПД: Враќање во иднината

Повеќе од една година во СПД се дебатира за нејзината политичка обнова. Од тоа произлезе „Социјалната држава 2025“. Со планот треба да се заборават несаканите Харц-реформи од ерата Шредер.

На крај сѐ одеше мошне брзо. Проширениот раководен состав на партијата заседаваше само два часа во Берлин, а новиот државен концепт беше веќе усвоен. Кога по средбата, на петтиот кат во седиштето на СПД, се јадеше супа од грашок, шефицата Андреа Налес се презентираше весела пред новинарите. „Гледате добро расположена, позитивна претседателка на партија која доаѓа од средба на добро расположени и позитивни членови на раководство."

Со новиот концепт „Социјална држава 2025“ партијата се чувствувал „добро опремена“. Биле донесени „важни одлуки кои го дефинираат идниот правец".

„Може со право да кажеме дека го оставаме Харц 4 зад себе и дека не го менуваме само името", вели Андреа Налес сумирајќи ја, според неа, најважната порака на денот. Харц 4, како што актуелно се нарекува основната помош за невработени лица која изнесува 428 евра, е централен дел од „Агендата 2010-та“. Тоа е социјалната и реформа на пазарот на труд која Социјалдемократите заедно со Зелените во 2003 година ја воведоа во време на канцеларот Герхард Шредер и оттогаш им стои како кнедла в грло. Многумина во партијата ја сметаат за неправедна и одговорна за пропаста на партијата.

Deutschland | SPD-Klausurtagung Andrea Nahles und Lars Klingbeil (picture-alliance/dpa/G. Fischer)

Андреа Налес го отвора состанокот на партиското раководство

Државата како партнер, а не контролор

Наместо Харц 4, сега треба да има вид социјална помош наречена „пари за граѓани”. За луѓе кои работеле со години таа ќе биде исплаќана дури по 33 месеци невработеност, а не по една или две години како досега. Повеќето услови и санкции од Харц 4, ќе отпаднат за 2 години. Досега мораше да се трошат заштеди и да се смени станот ако центрите за вработување ги оценеа како преголеми или прескапи. Во принцип и натаму ќе биде задржано начелото за „поддршка и барања", но акцентот треба да биде ставен на поддршката.

„Со голема наклонетост им излегуваме пресрет на луѓето и сакаме да имаат доволно време да бараат работа, наместо да бидат малтретирани со прашање за големината на станот", вели Налес. Во средиштето на новиот концепт е „праведност во поддршката". Кој долго време уплаќал придонеси за социјалниот систем, треба да може и подолго да ги користи неговите услуги. Секој кој е невработен или чија работна позиција е загрозена, добива и право на обука. По три месеци може да се плаќа и помош за невработени.

Повеќе: 

Прогноза за германската политика во 2019: Ќе биде интересно!

Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија

Една година се собирале впечатоци од базата

Други поенти во концептот кој опфаќа 17 страници се барањето за основно осигурување за деца, кои на тој начин треба да бидат извадени од Харц 4 системот и со него поврзаната стигматизација. Потоа, треба да биде формирано право на „Home Office", односно можноста да се работи од дома и зголемување на минималната плата од девет на 12 евра по час. Бараната минимална пензија од СПД е исто така дел од новиот концепт. „Солидарност, човечност, единство - се принципите врз чија основа сакаме да ја уредуваме новата социјална држава", вели Налес.

Социјалдемократите долго работеле на новиот концепт. „Си создадовме слика, отворено и љубопитно", билансира Налес. Ширум цела земја се дебатираше на партиски дебатни кампови. „Ги слушавме луѓето", нагласува претседателката на СПД. Партијата добила илјадници предлози за процесот на обнова и дебатирала со многу социјални и еколошки здруженија. „Процесот е сега заокружен. Ние сме подготвени од стекнатите сознанија да формираме нова социјалдемократска политика."

Deutschland | SPD-Klausurtagung Andrea Nahles und Lars Klingbeil (picture-alliance/dpa/G. Fischer)

Ларс Клингбајл (д.): Ние гледаме нанапред

Отпор од Унијата

Како се вклопува оваа политика во големата коалиција со ЦДУ и ЦСУ? „Ова е само позиционирање на СПД", одговара Андреа Налес. Всушност, владиниот партнер веќе го критикува концепот на социјална држава. „Со нас нема свртување кон лево во владата", се вели од Унијата. „Ние не планираме нов коалициски договор", изјави баварскиот премиер Маркус Зедер. Со нејзините планови СПД сака да ја закопа социјалната пазарна економија, критикува премиерот на Хесен, Фолкер Буфие.

„СПД е партија, која сѐ уште има право да се залага за кохезија“, одговара генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл. Со оглед на исходот од „работилницата“ на ЦДУ за справување со бегалската криза која се одржа во неделата, Унијата само се врти наназад, оценува тој и додава: „Ние гледаме нанапред."

Пари има доволно

Но кој ќе го плати концептот на СПД тежок неколку милијарди евра? „Дури и од аспект на мојата стара работа како министер за труд можам да кажам дека пари нема да недостасуваат“, изјави Андреа Налес. „Касите ни се полни, исто како и социјалните фондови."

Состанокот на раководството на СПД трае и денеска. Покрај социјалната политика, ќе се разговара и за европската и за надворешната политика. Партијата се надева дека со нејзиниот нов концепт ќе придобие поголема поддршка од гласачите. Според последните анкети, СПД не може да добие повеќе од 14% до 15%. Тоа ја стави Андреа Налес под дополнителен притисок. Со новата програмска ориентација лидерката на СПД се надева на еден вид подем – дури и во партиските редови.

DW.COM

Реклама