Спас од ромското гето со помош на музиката | Свет | DW | 06.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Спас од ромското гето со помош на музиката

Во ромската населба Надежда во бугарскиот град Сливен нема надеж. Царува сиромаштија, луѓето се социјално изолирани. Малата Маријана бара спас од гетото - со помош на класичната музика!

Ромската населба Надежда во Сливен е една од најголемите во Бугарија. Тука живеат над 25.000 луѓе. Социјално изолирани. „Надежда“ значи надеж, но нејзе тука ја нема.

Класична музика е нешто што во ваква населба најмалку се очекува. Маријана Демирева во својот скут нема бебе, како што инаку е вообичаено за 13-годишните девојчиња во населбата. Таа го има прегрнато своето чело. Тоа е нејзината гума за спасување од калта на сиромаштијата. Зашто за едно девојче како неа, животот се одвива по добро утврдено сценарио.

„Според нашата традиција, девојчињата се мажат на 12-13 години. На 13 добиваат деца. Но јас не сакам да сум дел од тоа“, вели Маријана.

Татко ѝ, Никола Демирев, е уверен дека во населбата надежда нема надеж. Затоа, како што вели, ја охрабрил Маријана, „зашто музиката за мене значи култура. Имам сон - да излезе од ова гето!“

Bulgarien Videostill Mariana Demireva, Musiktalent aus Sliven

Маријана и Никола Демиреви на пат кон музичкото училиште

Врсниците на Маријана го напуштаат училиштето на два-тринаесетгодишна возраст. Најголемата опасност за едно девојче во ромската заедница е да биде грабнато и силувано. Зашто, по такво нешто девојчето нема да може да се омажи. За да ја избегнат таа опасност многу родители ги мажат своите ќерки уште додека се малолетни. Ромската населба бележи еден тажен рекорд - тука живее најмладата мајка во земјата. Има 11 години. Таткото на Маријана за неа има предвидено поинаков пат - музиката!

Во оваа заедница Маријана е како бела ластовичка, зашто музицирањето не е својствено за ромските девојчиња. Таа привилегија ја имаат само момчињата или мажите. Маријана најчесто седи дома. За да не биде грабната, но и за да вежба. Од пред четири години посетува настава по класична музика.

Три пати неделно татко ѝ, кој е слеп, го кажува челото на рамо, се потпира врз својата ќерка и двајцата тргнуваат на пат кон еден поинаков свет. Надвор од гетото. Цел еден свет во една поранешна гаража.

Тие одат во музичкото училиште за млади на познатиот бугарски виолинист Георги Калајџиев. Тој од 1993 година живее и музицира во Германија. Пред десет години го има почнато проектот „Музика наместо улица“. Сака со помош на музиката да го промени животот на децата во гетото. Онака, како што се променил неговиот живот на ромско момче.

Повеќе за приказната на Георги Калајџиев, која почнала со пронаоѓањето на еден плик со пари, во видеото:

Гледај видео 07:16

Спас од ромското гето со помош на музиката