Со тест на крвта до рано откривање на осум видови рак | Панорама | DW | 04.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Со тест на крвта до рано откривање на осум видови рак

Откривање рак само со едноставен тест на крвта - визија која воопшто не е толку далечна како што се мисли, велат американските научници.

Тумори на јајници, црн дроб, желудник, панкреас, хранопроводник, дебело црево, бели дробови и на дојка - сите може да се откријат со еден единствен тест на крвта и тоа во многу ран стадиум, кога пациентот сѐ уште не покажува симптоми на болеста, кога ракот не е раширен и кога е доволна само една операција за пациентот да оздрави. Спасување животи без тешките хемотерапии.

Звучи навистина убаво за да биде  вистинито. Научниците повеќе години спроведуваат истражувања со ваква „течна биопсија“, значи со можноста наместо во ткивото, клетките на тумор да се откриваат во крвта.

Гледај видео 00:42

Македонија во врвот по болни од рак на бели дробови

Научниците од Високата медицинска школа на универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор, САД, во медициското стручно списание „Наука“ го претставија тестот на којшто работат под името CancerSEEK.

Рак-ДНК во крвта

Кога телесните клетки се претвораат во клетки на рак, се менува наследниот материјал. Честопати станува збор за многу конкретни мутации кои ја поттикнуваат клетката на неконтролиран раст. Кога една клетка на тумор ќе умре, од кои и да е причини, делови од нејзе завршуваат во крвта. Тогаш наследниот материјал или протеините на клетката на рак може да се откријат во крвта. Токму врз тоа се заснова новоразвиениот тест CancerSEEK - тој докажува присуство на осум протеини и 16 ген-мутации во крвта кои се карактеристични за клетките на ракот.

Авторот на студијата Џошуа Коен вели дека тимот во истражувањето се ограничил намерно само на малку специфични тумор-маркери. „Тоа е важно за да се минимизираат погрешно позитивните резултати и за ваков еден скрининг-тест да биде финансиски поднослив.“ Тестот би требало да чини околу 500 американски долари, се надеваат научниците. Меѓутоа, тестот уште долго нема да се најде во лекарските ординации, затоа што мора да се спроведат уште многу натамошни истражувања.

Krebs Krebszelle Illustration Lungenkrebs (Imago/Science Photo Library)

Клетките на рак се разликуваат генетски од здравите клетки

Слаби резултати кај ракот на дојка, добри кај ракот на јајници

Научниците го спровеле тестот на група од 1005 пациенти со рак во сите стадиуми. Просечната чувствителност на тестот била 70 проценти. Тоа значи дека околу една третина од сите тумори останале непрепознаени. Особено лоши биле резултатите кај ракот на дојка - тука со тестот бил детектиран само секој трет тумор.

Кај ракот на јајници и на црн дроб тестот бил многу добар - биле препознаени 98% од пациентите со рак. Научниците истакнуваат дека за пет видови рак кај кои тестот покажува добри резултати досега воопшто не постоеле скрининг-постапки. Самиот тој факт е напредок. Што се однесува до ракот на дебелото црево, колоноскопијата дава прилично задоволителни резултати.

Важно кај скрининг-постапките за рак е и прашањето колку здрави пациенти по грешка биле означени како болни. Американските научници испитувале над 800 здрави лица. Седум од нив - значи помалку од еден процент - со тестот биле по грешка означени како болни.

Brustkrebs-Screening Uniklinik Greifswald (picture-alliance/dpa/B. Wüstneck)

Тестот не покажал добри резултати кај ракот на дојка

Воздржана одушевеност

Експертите предупредуваат дека очекувањата од новоразвиениот тест не треба да се преголеми. Холгер Зилтман од Центарот за истражување на ракот во Хајделберг, Германија, смета дека студијата е „важен чекор на патот до подобрено дијагностицирање во рана фаза“. Сепак, тестот токму кај туморите во ран стадиум не покажал добри резултати - пронајдени биле само половината од сите случаи на заболени од рак во ран стадиум.

Ако тестот препознава тумори кои се главно во напредната фаза, тогаш тоа е од мала помош за скрининг-постапката. „Препознавањето во раните стадиуми е одлучувачко за со рана терапија да се спаси животот“, вели Клаус Пантел од Центарот за експериментална медицина на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф. „Резултатите од студијата сигурно ќе поттикнат натамошно развивање на тестови на крвта за рано откривање на тумори“, додава Пантел, кој заедно со колешката Кетрин Аликс-Панабирс го воведе поимот „течна биопсија“ во 2010 година.

Гледај видео 02:03

Фуадовите перики за децата болни од рак

Експертите стравуваат и дека во реалноста погрешните позитивни резулати би биле многу почести отколку во студијата. Причина: научниците во својата контролна група немале учесници со хронични заболувања. Меѓутоа, еден од протеините кои се детектираат со тестот често се наоѓа и во крвта на пациенти со воспалителни процеси. Во таков случај многу луѓе би морале да прават дополнителни испитувања.

Носител на надеж

„Еден тест не мора да биде перфектен за да биде од полза“, потенцира раководителот на студијата Николас Пападопулос за магазинот „Природа“. И коавторот Берт Фогелштајн е на мислење: „Ако сакаме да постигнеме напредок во раното откривање на ракот, мора да почнеме да размислуваме реално.“

Сега е во тек ново истражување кое се заснова на претходното. Здравствениот систем Гајсингер во Пенсилванија, заедно со универзитетот Џонс Хопкинс, го тестира CancerSEEK на 50.000 жени на возраст помеѓу 65 и 75 години кои никогаш немале рак. Прашање е дали тестот во наредните пет години ќе успее меѓу сите овие жени да ги пронајде оние кои имаат рак, а кои за тоа не знаеле претходно. Во таков случај, тоа навистина би бил успех. Само ако тие резултати бидат задоволителни, тестот можеби навистина ќе се најде во лекарските ординации.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама