Со старите тактики до нови гласачи | Македонија | DW | 22.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со старите тактики до нови гласачи

Старите тактики за изборни манипулации повторно се активни на терен, велат од граѓански организации кои го мониторираат предизборниот период. Ги повикуваат гласачите да пријават секакви форми на притисок

Притисоци во образовните институции, уцени и закани за работното место, злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓани и низа други облици на кршење на човековите права и слободи во изборен контекст...Тоа се дел сведоштвата на граѓани со кои се среќаваат мобилните тимови на невладини организизации за мониторинг на предизборниот период во повеќе општини во земјата.

Една од нив е „Цивил - Центар за слобода“, која по постигнувањето на меѓупартискиот договор за одржување предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, ги активира сите капацитети за долгорочен изборен мониторинг. Истите активности организацијата ги спроведуваше и за претходно најавените изборни циклуси, кои потоа беа одложени.

„'Цивил' во континуитет ја набљудува состојбата на теренот преку своите регионални и мобилни мониторинг тимови низ целата земја. Речиси секој ден пристигнуваат извештаи и информации за силен притисок врз граѓаните. Притисокот е засилен особено врз социјално ранливите категории на граѓани, уценување и корумпирање со ветувања за вработување, но и со закани за отказ. Се бележат и бројни злоупотреби на јавните ресурси за партиски цели. Во извештаите од теренот се бележи посебно изразен притисок врз учесниците во 'Шарената револуција'. Оваа недела пристигна извештај дека една граѓанка е отпуштена од работно место во мала продавничка. Оштетената тврди дека била предмет на мобинг и политички притисок од сопственикот на продавницата поради тоа што нејзиниот сопруг бил учесник во 'Шарената револуција'. Повеќе набљудувачи на 'Цивил' јавуваат и за директни притисоци врз нив“, вели претседателот на оваа организација, Џабир Дерала.

Во директна комуникација со граѓаните, локалните медиуми, со претставниците на граѓанското општество и политичките партии, тимовите разменуваат информации за политичката ситуација, за дејствувањето на партиите на теренот, како и за состојбата на човековите права и слободи, со фокус на изборниот процес. Податоците од анализата на состојбите на теренот во изминатиот период, организацијата ќе ги соопшти во текот на наредната недела. Досега искуството на тимовите покажало дека дел од соговорниците и натаму сакаат да останат анонимни поради страв од последици за нивните работни места, социјалниот статус, па и безбедноста, но некои се охрабриле и јавно да говорат.

Удар врз сиромашните

Расте свеста за важноста од фер-избори, но и бројот на граѓански иницијативи кои се посветени на надминувањето на досегашните изборни манипулации. Притисоците традиционално се најголеми врз социјално ранливите категории - сиромашни, невработени, приматели на социјална помош...

„Често народот знае својот глас да го 'продаде' за 10 или 20 евра, за 'кило месо кое било расипано', па дури и за едно кафе…,“, е едно од низата сведоштва што биле изнесени на дебатите, кои група млади Роми - граѓански активисти во изминатиот период ги организирале во неколку општини во Македонија. Акиф Кариман, еден од активистите на граѓанската иницијатива „Ромски глас“ неодамна соопшти дека започнала кампањата „Поголема правда за Ромите“, со што е отворена можноста ромската заедница во Република Македонија да се изјасни во однос на актуелната политичка криза и ромскиот глас да биде слушнат. Формиран е и веб-портал „Ромски глас“, на кој можат да се најдат сведоштва на анонимни граѓани, колумни и други вести поврзани со оваа проблематика. Истовремено, формирани се локални тимови во шест градови во Македонија за теренска работа. Активистите во изминатиот период одржале јавни дебати во Скопје, Штип, Тетово и Дебар, на кои Ромите ги изнеле своите ставови во однос на оранизирањето слободни, фер и демократски избори.

„Учесниците на дебатите истакнаа дека Ромите неретко живеат на работ на егзистенцијата и дека нивните социјални проблеми се користат од политичките партии само пред и за време на избори, бидејќи Ромите се гледани како гласачка машинерија“, истакнаа активистите на оваа граѓанска иницијатива, презентирајќи и цитати од граѓаните кои учествувале на дебатите. Еден од нив гласи: „Јас имам идеја во Шуто Оризари да се отвори една канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ и секој што ќе сака да се вработи да оди директно таму, а не кај ромските политички партии, бидејќи само така нема да може да не уценуваат за гласови.“ (граѓанин, 35 години)

Од иницијативата „Ромски глас“ и во иднина ќе продолжат со организирање на јавни дебати, со цел Ромите да ги знаат избирачките права и да не бидат манипулирани како на претходните избори.

„Анкетираните одговорија дека на последните локални и парламентарни избори излегле на гласање и дека најчесто за нивниот глас добивале пари (10-20 евра), или им било ветено вработување. Најголемиот дел од анкетираните не им веруваат на институциите и сметаат дека нивниот глас ќе биде искористен, без разлика дали ќе гласаат или нема да гласаат“, обелодени Арифе Шакири, активистка на „Ромски глас“.

Избирачите да пријават притисоци

Македонија веќе една година се обидува да воспостави елементарни стандарди за фер-избори, во кои покрај другите услови, најважно е да нема заплашување на гласачите. Во писмото до премиерот испратено на 21 февруари во кое се потенцираше дека во тој момент не се исполнети условите неопходни за организирање кредибилни избори на 24 април, амбасадорите на САД и на ЕУ изразија загриженост за „првичните извештаи за вршење притисок и заплашување гласачи и на други лица“. Тоа покажа дека дотогаш не е направен исчекор во однос на забелешките потенцирани и во Извештајот на Прибе од 8 јуни 2015 година: „Очигледната директна вмешаност на високи владини и партиски службеници во нелегални активности, вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на моќ и власт, конфликт на интереси, уцена, изнуда (вршење притисок врз државни службеници да гласаат за одредена партија под закана дека ќе бидат отпуштени од работа)...“

Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, на 8 јули годинава во извештајот посочи за „веродостојни наводи за вршење притисок врз вработени во јавниот сектор да одат на контра-протести, вклучувајќи и закани за прекинување на договори за работа. Ова го покренува прашањето за правото на гласачите да гласаат ослободени од стравот од одмазда, како што е предвидено со став 7.7. од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година“.

Засега не постојат никакви гаранции дека нема повторно да се користи истата манипулативна тактика. Граѓанските организации кои го мониторираат предизборниот период и изборниот ден, сметаат дека најголема гаранција за спречување на изборните манипулации остануваат - избирачите. Тие ги повикуваат граѓаните да пријават секаков вид на политичка корупција, притисок, закана, злоупотреба или каков и да е облик на кршење на човековите права и слободи во контекст на изборите, за да се спречат понатамошни нарушувања на процесот на демократизација.

DW.COM

Реклама