Со нелегитимни делегати - нелегитимен избор на лидер на ВМРО-ДПМНЕ | Македонија | DW | 11.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со нелегитимни делегати - нелегитимен избор на лидер на ВМРО-ДПМНЕ

На списокот со делегати за вонредниот Конгрес, има многу имиња опфатени со истрагите на СЈО и на ЈО, што ги зајакнува сомнежите дека тие до крај ќе го поддржуваат непринципиелното поведение на раководството

Без избор на сосема нови членови на Централниот комитет и избор на нови делегати кои ќе изберат нов претседател а потоа и Извршен комитет, евентуалниот избор на нов лидер по нарачка би бил целосно нелегитимен, вели професорот и екс-министер за образование во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Ненад Новковски.

Ваквиот став следи по синоќешната одлука на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на 22 и 23 декември во Валандово да се одржи вонреден, 16-ти Конгрес на партијата, на кој  ќе учествуваат 544 делегати од претходниот Конгрес.

„По огромни отпори го дочекавме имплицитното разрешување на Груевски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ. ЦК со големи осцилации дојде до конечно завршување на првиот чекор од процесот на саморазградување на окупаторската структура во партијата“, коментира Новковски.

Но, тоа не е доволно, укажува тој. 

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

Пред членството на ВМРО ДПМНЕ стои голема одговорност

Кој е вториот чекор?

Според Новковски, следен чекор за отстранување на таа „окупаторска структура“, е нелегитимните членови на Централниот комитет и на Извршниот комитет да си дадат колективна оставка.

„Тие органи се нелегитимни поради тоа што нивните членови во дел се инволвирани во тешки незаконитости, во дел се прикривачи на делата, а сите се одговорни за непокренување на никаква постапка против такви дејства што се нефрифатливи во каков било вид за една политичка партија. Потоа треба да следува избор на сосема нови членови на ЦК и избор на нови делегати кои ќе изберат нов претседател и Извршен комитет. Без овие постапки, евентуалниот избор на нов лидер по нарачка би бил целосно нелегитимен, но и нефункционален, поради тоа што голем дел од раководството ќе се најде и официјално од другата страна на законот, па ВМРО-ДПМНЕ наместо да води политичка борба со власта, ќе се најде во ситуација да дејствува како адвокат од улица. Таков исход е очекуван, имајќи предвид дека многу лица се обврзани на различни начини да поддржуваат до крај непринципиелно поведение на раководството“, предупредува Новковски.

Повеќе на темата: 

Наследникот на Груевски ќе се избира од „старата гарда“?

Додека на Груевски не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени

Груевски се повлекува од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ

Притоа потенцира дека е обврска на сите неизвалкани членови на партијата и на сите политички фактори, вклучувајќи ја меѓународната заедница, да се избегне таков исход.

„Секако, најголемата одговорност е на членството, коешто има обврска да ги заштити вредностите на опцијата, ако сака неговата партија во иднина да се врати во нормална политичка состојба и да функционира како фактор што ќе го поддржува демократскиот напредок на државата. Пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ се отвора нов прозорец на можности за враќање на линијата на европските вредности и носечка улога во водењето на државата во просперитет. Ако не се искористат овие можности, партијата ризикува да го доживее најголемиот пад“, констатира Новковски.

Ваквата оценка добива потврда ако се погледне списокот на делегати за вонредниот Конгрес, кој синоќа го објави ВМРО-ДПМНЕ. Во него доминираат многу имиња кои се опфатени со истрагите на СЈО и за кои се започнати судски процеси, но и лица на кои, по барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, судот им одреди мерки затворски или куќен притвор. Меѓу нив се делегатите Митко Чавков и Јохан Тарчуловски.

Nikola Gruevski (DW/P. Stojanovski)

Никола Груевски оставката ја поднесол како морален чин

Две гласања

Но, отворените обиди за поддршка на досегашниот лидер започнале уште на синоќешната седница на ЦК. И покрај тоа што Груевски ја поднел неговата неотповиклива оставка, во дел од дискусиите било побарано да се расправа и да се гласа за неа.

„При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање 'за или против' него, и со дополнителни аргументи ги убедуваше членовите на ЦК да поддржат одржување на Конгрес. Потоа во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката за одржување на вонредниот Конгрес“, информираат од партијата.

Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакнал дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Тој потенцирал дека локалните избори биле едни од најнерегуларните, со еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и корегирање на сите слабости, Груевски нагласил дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат. Потоа побарал од членовите на ЦК да биде изгласан термин за вонреден Конгрес и да биде избран нов претседател и раководство кое ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт.

На седницата се дискутирало и за актуелната политичка состојба и најостро бил осуден „политичкиот прогон и монтираните обвиненија за измислен тероризам против пратеници, уметници, глумци, режисери, полициски службеници и функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ“, со став дека сите притворени мора безусловно да бидат ослободени, а обвиненија против нив да бидат повлечени.

Рокот за кандидирање до 21 декември

Врз основа на Статутот на партијата, ЦК вчера усвоил заклучок, според кој, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата.

Досега својата кандидатура за лидерската функција јавно ја најави единствено Филип Петровски, кој исто така е делегат на Конгресот.

 

DW.COM

Реклама