Со мала помош на Петар Богојески | Македонија | DW | 23.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Со мала помош на Петар Богојески

Гордана Силјановска-Давкова ги премолчи дваесетината прашања на вмровскиот реформатор. Одговорите на тие прашања ќе го разјаснеа нејзиното политичко кредо. Но таа одлучи да молчи, барем засега. Колумна на Љупчо Поповски.

Вмровскиот реформатор, или како и да се претставува, Петар Богојески, во февруари, по изборот на Гордана Силјановска-Давкова за кандидат на партијата за претседател на државата, на професорката од Правниот факултет и постави дваесетина прашања преку кои побара таа да го презентира нејзиното политичко кредо.  Прашањата се интересни, на одреден начин го детектираат моментот на постпреспанска Македонија. Не дека и други не ги поставуваат (новинари, политичари, аналитичари, обични гласачи) и не дека важат само за Силјановска-Давкова, но собрани на едно место тие на свој начин ја даваат сликата каква треба да биде иднината на државата и за каков концепт се залагаат претседателските кандидати.

Веројатно поради политички опортунитет или поради стоењето на професорско-кандидатската висина, Гордана Силјановска-Давкова преку нив помина како и да ги нема. А можеби и не ги прочитала, а тоа, сепак, не може да и се припише како некаков грев. Силјановска-Давкова во овој период пред официјално да започне кампањата беше во неуморна обиколка на македонските општини. Таа обиколка првенствено имаше една задача – општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да се запознаат со професорката, која досега не ја знаеја партиските структури, за потоа активистите да тргнат по лов на гласови. Тоа е добра стратегија за претставување на жената која партиските членови единствено ја знаеја преку нејзините елоквентни елаборирања во телевизиските емисии за правото и функционирањето на системот. Но на членството требаше да му се претстави реалната Гордана Силјановска-Давкова, политичарката која се бори за највисоката функција во државата, а не професорката чии ставови можат да бидат само едни од повеќето.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски, автор на колумната

Загревање во општинските комитети

Ако ги гледаме соопштенијата или видео-инсертите од овие партиски средби оваа стратегија има одреден успех меѓу членството. Не е особено важно дали на средбата во една општина се собрале 10, 30 или 70 луѓе, важно е дека реалната Силјановска-Давкова направи контакт со партиските структури. А без нивна помош успехот е практично невозможен. Има една забележлива нишка од оваа пред-кампања. Професорката, прилично искусна во методолошкиот пристап поради долгите години поминати на факултетот,  се обиде на тие нејзини настапи да биде секогаш различна. Па, ако во еден ден посетува три општини, нејзините изјави, иако куси, се разликуваа по содржината и темата. Во некои од нив знае да поентира, во други го промашува контекстот. Во основа, тоа е некаков вид загревање за вистинската политичка битка што треба да почне на 1 април.

Други колумни од авторот:

-Амбициите на Гордана Силјановска Давкова

-Реинвентирање на Заев

-Македонските „бурбони“ и реставрацијата

На овие средби за запознавање и во неколкуте интервјуа, Гордана Силјановска-Давкова речиси и да не даде одговори на прашањата на Петар Богојески. Затоа, еве објаснувања на некои од прашањата кои би можеле да го конципираат нејзиниот политички хабитус.

Богојески ја прашува: „Дали Вие подржувате членство на РСМ во НАТО или сте против, со оглед на фактот што Вашата кандидатура е поткрепена од Даскаловски и Ванковска, антиНАТО активисти?" Тоа е мошне директно и во себе го содржи новото име на државата. Силјановска-Давкова во начело е за членството во НАТО, но не на Република Северна Македонија, туку на Република Македонија. Држава со такво име веќе нема, освен во некои „џепови на отпорот". Професорката вели дека на научно и меѓународно комисиско ниво ќе се бори да се врати старото име и дека новиот назив за неа е огромна навреда. Професорката по уставно право не соопштува врз каков устав ќе се заколне ако биде избрана за претседател – оној изменетиот што го усвои Собранието или оној што веќе не е важечки. Таа, исто така, не сака да соопшти на чија армија ќе биде врховен командант – на Република Северна Македонија или на Република Македонија. Таа не сака да соопшти дали кога Протоколот за НАТО, кога ќе биде ратификуван од сите земји членки, таа ќе се согласи земјава да влезе во алијансата како Република Северна Македонија. Кога беше во Радовиш таа изјави дека лично нема да го употребува името Северна Македонија. „Бидејќи државата сега тие ја нарекуваат Северна Македонија, ние никогаш тоа име нема да го употребиме барем јас, држете ме за збор... Ние сме наследиле име и имаме обврска вековна да го пренесеме тоа на оние кои што доаѓаат по нас". Можеби ниедна од овие драми нема да се случи ако стане претседател, но сега е важно да се молчи и да се биде дел од патриотскиот круг за да не се загубат некои од недоверливите гласачи. А Богојески можеби забележал – професорката Ванковска како нејзин главен поддржувач ја снема од јавноста да не би кажала нешто во лутина што веднаш би се префрлило врз Силјановска-Давкова.

Гордана Силјановска-Давкова не му одговара на Петар Богојески на неговото прашање „што мисли за 'џебното вето‘ на претседателот и дали ќе го практикува". Но во честите експликации за постапките на Иванов таа наоѓа разбирање за него. Таа дури има уште поголеми амбиции – да го промени Уставот и да ги зголеми ингеренциите на претседателот на државата, па ветото да не го чува во џебот туку во некоја поголема чанта за да не се истутка. Таа неколку пати, што директно, што индиректно, навести дека има намера да продолжи онаму каде што ќе застане Иванов. Но за да не остане осамен жител на Водно таа уште сега бара предвремени парламентарни избори за да се смени власта и така да се обиде да ги оствари своите уставни амбиции.

Омилени слогани

Професорката нема одговор ни на прашањето за договорот со Бугарија. Едноставно го премолчува, иако Иванов се изјасни позитивно за него, но не го поддржува ВМРО-ДПМНЕ. Можеби Силјановска-Давкова мисли дека со него е завршена една невралгична етапа во односите меѓу двете држави (иако приказната не е целосно завршена), но таквото нејзино изјаснување би било во спротивност со ставот на нејзиниот патрон во партијата, Христијан Мицкоски. За нејзините ставови посредно дознавме од она што го напиша Андреј Ковачев, европратеник од бугарската владејачка партија ГЕРБ, кој на својот Фејсбук профил го напиша ова по средбата со Силјановска Давкова во Брисел на состанокот на ЕПП: „За жал, г-ѓа Силјановска-Давкова ми кажа дека има многу забелешки за Договорот со Бугарија за добрососедство и има поинаков поглед на историјата. Искрено жалам што негативниот став кон Бугарија, наследен од времето на комунистичка Југославија и зацврстен од Никола Груевски, се уште доминира во главите на многу луѓе во Македонија". Ковачев ги дознал нејзините ставови за договорот, но македонската јавност уште не ги знае. Можеби во кампањата ќе дојде денот кога ќе ги дознае.

Затоа таа се префрла на омилените слогани на партијата и на нејзиниот лидер – за „заевизмот“, за корупцијата, за инструираните судии, за „шокантното“ приведување на Стевчо Јакимовски. Професорката вели дека „сега треба да ја делигимитираме власта зашто успехот на претседателските избори значи дека се што правеле претходно било нелигитимно, а богами и нелегално. Успехот на претседателските избори значи вовед во предвремени парламентарни избори.  А, само тогаш ние можеме да почнеме таму каде што некогаш било запрено да докаже ВМРО-ДПМНЕ дека е реформирана, дека раскрстила со минатото, дека научила лекции демократски". Како дозна професорката дека ВМРО-ДПМНЕ била реформирана? Со тоа што стана кандидат на партијата за претседател? Богојески можеби има уште прашања на оваа тема, а не само она: „Каков е Вашиот став 'европскиот концепт‘ за иднината на ВМРО ДПМНЕ?"

Во некоја рака е разбирливо што Гордана Силјановска-Давкова молчи и за прашањето: „Дали сте на чисто со 'груевизмот‘“, затоа што за тоа молчат сите во врвот на партијата. Не молчи еден, двајца, тројца, туку молчат сите. Зошто тогаш би зборувала за системот на бегалецот во Будимпешта кога партијата преку ноќ била реформирана. Таа не сака да зборува за тие теми од минатото (она минато до пред само две години), туку сака да зборува за иднината под повторната вмровска команда. Па дури и ќе ги повика разочараните учесници на „Шарената револуција" да гласаат за неа, дека во неа треба да го најдат факелот којшто ќе им ги исполни со светлина нивните изневерени надежи. Тие „шарени револуционери", кои тргнуваа секој ден од пред седиштето на СЈО, сега треба нејзе да и го дадат гласот и на партијата чиј кандидат е, а која ги впрегна сите сили да го укине тоа СЈО. Професорката е извонреден логичар, но прашање е дали има логика граѓанските чувари на СЈО да ги викне да застанат на нејзина страна за да се елиминираат Катица Јанева и нејзините обвинители. 

Петар Богојески може да го насети одговорот на неговото прашање: „Дали Ваша определба е граѓанскиот концепт на македонското општество или националниот?" Кога некој предава уставно право би требало да се подразбира дека треба да тргне од граѓанскиот концепт, но кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика сите националности, освен Албанците, да гласаат за Силјановска-Давкова, тоа во старт предзвикува проблем кај кандидатката за претседател. Од кого таа треба да бара поддршка – од сите граѓани или од некои да се откаже уште на стартот. Силјановска-Давкова сака да го прошири своето обраќање, а партијата што и ја организира кампањата го стеснува. Пресметан ризик за гласови? Можеби. На партијата или нејзин? На тоа засега нема одговор.

Но Богојески може да биде задоволен што таа јасно одговара на дилемата дали би заговарала бојкот на вториот круг на изборите ако партијата не биде задоволна од резултатот во првото гласање. Силјановска-Давкова неколку пати ја отфрли таквата можност, верувајќи дека со таквата тактика ќе биде искористена за бруталните партиски интереси.

Но одговорот на клучното прашање: „Од Вас очекуваме јасна и јавна определба – европскиот или грујовиот концепт за иднината на македонската Република?", барем засега го нема. Кој знае, можеби после визитата на Брисел, каде што им беше претставувана на партнерите од Европската народна партија, и каде што популистот Виктор Орбан (најголемиот вмровски пријател) грубо беше суспендиран од членството во оваа голема европска групација, професорката сфатила како изгледа допирот со европската политика – дека може да те толерираат до одредена граница, а после следи екскомуникација. Таа отиде таму како гостин на ВМРО-ДПМНЕ од Северна Македонија и тоа е брутално соочување со фактите, кои никаква патриотска елаборација не може да ги промени.

DW.COM

Реклама