Со конгрес на народите во Сирија до решение на конфликтот? | Свет | DW | 23.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со конгрес на народите во Сирија до решение на конфликтот?

Со конференција на која би учествувале што е можно повеќе страни во конфликтот во Сирија, Москва, Анкара и Техеран сакаат да ја поттикнат потрагата по политичко решение за граѓанската војна во земјата

Во заедничка декларација, претседателите Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани ги повикаа владата и опозицијата во Сирија да учествуваат на таканаречениот Конгрес на народи . Министерствата за надворешни работи на трите сили гаранти добиле инструкции да изготват листа на учесници и да определат датум на одржување на конгресот, изјави шефот на Кремљ, Путин, на трипартитниот самит на лидерите на Русија, Турција и Иран во Сочи.

Путин  уште истакна оти е постигната „нова фаза“ во сириската криза, но дека поттикувањето на политичко решение бара компромис од сите страни, меѓу кои и од сириската влада. 

На самитот во рускиот приморски град, кој се очекуваше со нетрпение, Путин, Ердоган и Рохани разменија мислења за сириското помирување. Трите земји претходно се договорија да бидат гаранти на сирискиот мировен процес. Во поздравното обраќање Путин рече дека состанокот доаѓа во клучно време за сирискиот вооружен конфликт, кога се појавува можност за негово запирање.

„Милитантите во Сирија добија одлучувачки удар и сега постои реална шанса да заврши повеќегодишната граѓанска војна“, рече рускиот лидер.

За да може да биде искористена таа шанса на Сиријците  треба да им се пружи период на мир за време на кој би биле во можност да ги решат своите разлики. Исто така, потребен е компромис меѓу сите страни во Сирија, значи како владините сили така и бунтовиците, истакна рускиот претседател.

Трилатералниот самит на лидерите на Русија, Иран и Турција би можел да создаде одлучувачки чекори за завршување на крвопролевањето во Сирија, порача пак турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Ваквите самити се ретка можност да се соберат лидерите на Русија и Иран кои го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал-Асад, на иста маса со Ердоган кој ги поддржува противниците на Асад.

Путин, Ердоган и Рохани заеднички констатираа дека се отвораат можности за мир во Сирија сега кога Исламска држава е протерана од своето последно големо упориште во земјата.

„Точката до која дојдовме е важна, но не е доволна“, порача Ердоган на собирот на кој присуствуваа и началниците на генералштабовите на армиите на трите земји како и министрите за надворешни работи на трите земји.

 

DW.COM

Реклама