Со катанец против Ковид -19: Европа ги враќа рестрикциите | Свет | DW | 29.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Со катанец против Ковид -19: Европа ги враќа рестрикциите

Надминат е прагот од 10 милиони случаи на коронавирус во Европа, што го вклучи црвеното светло во повеќето земји. Не е ништо подобра ситуацијата и во земјите од Западен Балкан каде речиси секој ден се уриваат рекорди 

Европа го надмина прагот од 10 милиони случаи на коронавирус. Изминатата недела, според СЗО, европскиот континент бележи најголема раст на случаи ковид-19 од почетокот на пандемијата – во изминатите седум дена се пријавени 1,5 милиони пациенти. 
„Вкупниот број на потврдени случаи се зголеми од седум на девет милиони за само 14 дена, а денеска Европа го надмина прагот од 10 милиони случаи“, соопшти регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа Ханс Клуге. Во Европа податоците се загрижувачки, поради што сè повеќе европски земји се затвораат и ги враќаат на сила ограничувањата. Нови мерки во Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон, најави дека Франција од утре ја враќа блокадата на национално ниво со цел да ја потисне пандемијата на Ковид-19, која повторно се заканува да излезе од контрола. 
Се воведуваат и нови мерки за шестгодишните деца во Франција. Од учениците на возраст од шест години или постари се бара да носат маски во училниците. Носењето маски во училиштата во Франција веќе беше задолжително за учениците на возраст од 11 години и повеќе.
Белгија е на раб на здравствена криза. Земјата би можела да побара меѓународна помош поради огромното зголемување на бројот на заболени од коронавирус, како и на хоспитализираните, предупреди епидемиологот Пјер Ван Дам. Во моментот, 6.000 пациенти заразени со корона се хоспитализирани во белгиските болници, а бројот на хоспитализации се удвојува на секои осум дена. 

Гледај видео 02:20

Германските институти за јавно здравје пукаат по шавови


„Зголемувањето на инфекцијата со коронавирус и хоспитализацијата ги надмина обидите на владата да го спречи ширењето, а здравствената заштита во земјата може да пукне во рок од десет дена“, предупреди Ван Дам. Тој додава дека Белгија ќе мора да ја распореди војската и да повика на меѓународна помош затоа што пандемијата на коронавирус продолжува да го турка националниот здравствен систем кон работ на колапс.
Вонредна состојба
Шпанија ја продолжи вонредната состојба за уште шест месеци. Вонредната состојба во земјата ќе остане во сила до 9 мај. Шпанија е едно од најголемите жаришта на коронавирусот во Европа, со повеќе од 1,1 милиони заразени од почетокот на пандемијата и над 35.000 смртни случаи.
Никогаш полош ден немало ниту во Австрија од почетокот на епидемијата. Денеска беше поставен нов рекорден број нови случаи со коронавирус, бидејќи во последните 24 часа се регистрирани 4.453 нови инфекции.
Нови мерки воведе и Унгарија. Владата донесе одлука за задолжително носење маски во ресторани и забавни објекти, што ќе стапи на сила следната недела, изјави заменик-шефот на оперативниот комитет за борба против епидемијата на коронавирус, Роберт Киш. Оваа одлука ќе биде на сила од 2 ноември. Според новите правила, носењето маска ќе биде задолжително во забавните простории и рестораните, како и во сите угостителски објекти, а на гостите ќе им биде дозволено да ги вадат маските само додека јадат или пијат.

Frankreich Coronavirus Maßnahmen

Се празнат супермаркетите во Франција пред новиот карантин


Во Романија никогаш немало повеќе луѓе на интензивна нега како сега. Денеска се пријавени 6.481 нови случаи на ковид-19, што е најголем број на случаи за еден ден од почетокот на пандемијата, објави Група за стратешка комуникација.
Загрижувачка состојба и на Балканот
Во изминатите 24 часа во Босна и Херцеговина се регистрирани 1.903 новоинфицирани и 21 смртни случаи, пренесува Дневни аваз. Во Црна Гора, пак, се регистрирани 354 новоинфицирани лица со коронавирус и осум смртни случаи, соопшти Институтот за јавно здравје.
Во Србија е соборен нов рекорд. Во последните 24 часа, 9.450 лица биле тестирани за коронавирус, од кои 1.384 биле позитивни, додека шест лица починале. Белград сè уште има најмногу новозаразени - 728, или 52,6 проценти од вкупниот број. Србите денеска ја надминаа бројката од илјада хоспитализирани. 
Според податоците кои ги објави Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИПХК) во последните 24 часа регистрирани се 284 нови случаи на ковид-19. 

DW.COM

Реклама