Со играчки „се вртат“ милијарди евра | Економија | DW | 27.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Со играчки „се вртат“ милијарди евра

Родителите најчесто не штедат кога се децата во прашање, па индустријата за играчки стана значаен економски фактор. Актуелните трендови во браншата која со години е во подем од денеска се прикажани на саемот во Нирнберг.

Играчките се не само важен фактор во животот на децата, туку и значаен економски фактор. Британците, на пример, во просек годишно трошат по 460 евра за секое дете наменети само за играчки. Зад нив според потрошувачката се Французите, а Германците со просечно 360 потрошени евра годишно се на трето место. Но, што значи тоа на ниво на целото национално стопанство најдобро зборува фактот дека проценките се оти во 2015. година прометот само во Германија изнесувал околу три милијарди евра! Занимливо е дека 40 проценти од прометот браншата ги остварува само во неделите пред Божиќот, кога традиционално се купуваат подароци за сите во семејството.

Трговците во Германија не можат да се пожалат, оти од 2008. година, и покрај светската еекономска криза и намалените стапки на наталитет, прометот, освен еден мал пад во 2013, континуирано расте. А во моментов не е на повидок било каква пречка тоа да не продолжи и годинава. Од Германското здружение на индустријата за играчки укажуваат дека речиси 60 проценти од претпријатијата и годинава очекуваат позитивен развој. За оваа бранша радосна вест е и дека почна да расте стапката на наталитет.

Занимливо е дека децата и натаму подеднакво ги сакаат модерните електронски играчки, како и старите класични пластелин, реденки, монополи и други колективни игри на табла или лего-коцки. Во просек денес децата еден час поминуваат забавувајќи се со својот смартфон или таблет, кои ги потиснаа класичните компјутери и конзоли за видео-игри. Само во првото полугодие лани во Германија се продадени софтвери за забава во вредност од 175 милиони евра. Рецептот за успех: апликациите се нудат бесплатно, надградбата мора да се плати.

Што е во моментот најинтересно во светот на играчките и какви се трендовите најдобро може да се види на саемот во Нирнберг, водечки во светот, кој од денеска е отворен за посетителите. Околу 2850 излагачи прикажуваат повеќе од еден милион играчки. Приближно една третина од годишниот промет се постигнува со нови производи.

Освен фактот дека традиционалниот пластелин и модерните електронски средства за игра и забава се подеднакво барани, тренд е и се' поголемото значење што му се придава на дизајнот на играчките, како и понудата на играчки за ментален тренинг.

Кај електрониката се нудат усовршени модели на квадрокоптери (дрон-летала) и различни роботи со далечинско управување. Квадрокоптери со кои со задоволство би си играле и татковците чинат околу 100 евра. А интелигентните кучиња-роботи во меѓувреме и до најситен детал се слични на природните и прават многу нешта од она што го прават домашните миленици: се движат слично на нив, го следат господарот, седнуваат на команда „седи", ја подаваат шепата за поздрав, па дури и ја донесуваат фрлената топка. Куче-робот на еден кинески прпоизводител дури прави и јога-вежби!

„Машина за пари" се и ликовите и опремата на филмски јунаци, првенствено оние од „Војната на ѕвездите". Новиот филм од таа серија минатата година заработи околу 9,2 милијарди евра од прикажување во кино, продажба на ДВД и слично. Но најголем дел, токму половина од заработувачката, е остварена со продажба на играчки со ликовите на Дарт Вејдер и друштвото, како и со нивните оружја и опрема.