Со ЕУ нема шега: праведна казна за Епл и Ирска | Економија | DW | 31.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Со ЕУ нема шега: праведна казна за Епл и Ирска

Европската комисија презема мерки против агресивното избегнување данок и илегални повластици за одредени концерни. Само така! Тоа носи поени кај граѓаните, оценува Бернд Ригерт.

За што ни е потребна Европската унија? На ова прашање одговор даде еврокомесарката за пазарна конкуренција Маргрете Вестагер. Само таа може да презема мерки против неприфатливите даночни модели на одделни ЕУ-држави, кои се претворија во компањони на меѓународните концерни. Националните закони во Ирска не се прекршени во полза на компјутерскиот гигант Епл, но прекршено е европското право за конкуренција. Да ја немаше ЕУ, Ирска, Холандија, Луксембург и други држави и натаму же можеа да си ја водат својата неправедна даночна политика, која бесрамно преферира одделни фирми. Само заедничкиот внатрешен пазар нуди можности да се стори нешто против тоа.

Добро е што Европската комисија сега постапува остро со извршителите и оние кои се служат со нивните услуги. Таа нема да попушти ниту пред критиките од Ирска, ниту под притисокот на САД, кои настојуваат да ги заштитат американските фирми. На граѓаните кои уредно плаќаат данок или средните претпријатија, ЕУ им покажува дека, настрана од бегалските кризи и драмата околу излегувањето на Велика Британија од ЕУ, сѐ уште е од некаква полза. Таа нуди правна сигурност и разумни правила.

Додуша, казнените мерки против Ирска, Луксембург, Холандија и четири други држави, доаѓаат прилично доцна. Па моделите за штедење данок и олеснувањата за одделни концерни постојат веќе 30 години. На искусните им беа познати со смешни имиња како „Double Irish“ или „Dutch sandwich“. Дури откако пред две години се дозна дека Луксембург на некои фирми им овозможува повластен третман, се разбуди и Европската комисија. Таа својата предистражна постапка ја прошири на сите 28 членки на ЕУ, затоа што сомнителни „дилови“ од таков вид има насекаде. Само во Луксембург тоа се однесува на повеќе од 300 фирми.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Сѐ уште има само мал број казнени постапки. По Старбакс во Холандија и Амазон и Фијат во Луксембург, Епл во Ирска е четврта голема фирма која ќе мора да доплати данок. И Ирска и Епл сега сакаат да се жалат пред Европскиот суд, затоа што износот што треба да се плати не е мал: 13 милијарди евра. Но, тие пред европските судии ќе имаат мали шанси. Одлуката на ЕУ не задира во даночната сувереност на земјите, иако ирскиот премиер тврди нешто друго. Ирска сега не ги сака 13-те милијарди евра, кои на пример во времето на финансиската криза добро ќе ѝ дојдеа. Тогаш Ирска стигна на работ од банкрот и немаше скрупули кога требаше да се земат 70 милијарди евра од европскиот чадор за спас. Оној што своите даночни приходи ги намалува вештачки, не би требало да добива кредити за спас. Ирска не смееше да ја намали својата даночна стапка од 12,5% на 0,005% и тоа само за Епл. Тоа е неправедно, тоа е државна помош и против тоа сега се активираше ЕУ.

Многу бавно се менува и свеста на министрите за финансии. По големото натегање, тие се согласија од 2017 година да им дозволат на даночните власти меѓусебно автоматски да разменуваат информации за моделите на заштеда на данок и фаворизирање на одделни фирми. Јавноста за тие модели нема да дознае ништо. Така е пропишано со обврската за чување на даночните тајни.

Државите кои се поврзани со заеднички внатрешен пазар долгорочно ќе мора да создадат и единствени даночни системи, за фирмите и граѓаните да имаат еднакви услови. Но државите членки на ЕУ од тоа се далеку. Тие инсистираат на својата даночна сувереност и си конкурираат меѓусебо со даночните стапки. Среднорочно министрите за финансии сакаат да дефинираат барем заедничка база за оданочување претпријатија и да размислат за некаква минимална даночна стапка. Тоа оди бавно, но без ЕУ не би одело никако. Затоа ни е потребна ЕУ.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама