Со единство и солидарност против тероризмот | Свет | DW | 05.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со единство и солидарност против тероризмот

По нападот во Лондон, многу е важно да не се загуби солидарноста на луѓето, смета Биргит Мас.

Загрижена сум: три напади за само три месеци. Колку и како тоа може да промени една земја? Што се случува во мојата сакана, шарена Велика Британија, каде на мал простор живеат луѓе од сите страни на светот, главно во мирен соживот? Дали мојата муслиманска соседка, млада жена која носи високи потпетици, повторно ќе биде изложена на зли погледи, дури и на погрдни дофрлувања на улица, каков што беше случајот по последниот напад во Лондон? Дали ќе има уште напади, ќе бидеме ли нервозни кога детето ни се качува некаде во автобус?

Повеќе од 30 луѓе ги загубија животите од март наваму, прво во Лондон, па во Манчестер, и повторно во Лондон. Во споредба со остатокот од светот опасноста од тероризам во Европа - значи и во Велика Британија - е сѐ уште мала. Но сепак, полицијата во моментов под надзор има околу 3000 лица за кои постои сомневање дека се вмешани во терористички активности. Третманот на терористите мора да се промени, мора да се водат „незгодни дебати“, рече Тереза Меј. Повторно стануваат гласни барањата осомничените едноставно да бидат уапсени и затворени, без судење. Такво нешто, на пример, бараше и шефот на десничарско-популистичкиот УКИП во предизборната кампања.

Да. Мора нешто да се преземе, не смее да има толеранции кон екстремистите. Со тоа, според мое мислење, би требало да се започне веќе во училиштата, кои во Велика Британија се често верски обоени. На децата во училиштата мора да им се пренесуваат британските вредности и во никој случај первертирани верзии на исламот.

Maaß Birgit Kommentarbild App

Биргит Мас, авторка на коментарот

Уште пообмислено и покорисно за заедничкиот живот би било кога училиштата воопшто не би биле определени од религијата. Без оглед на тоа што повеќето верски училишта имаат мирољубиви намери - на овој начин едноставно настануваат паралелни општества и плодно тло за нетолеранција и за потенцијална радикализација.

Фокусирање на борбата против тероризмот на интернет, доста е од штедење на полицијата, тоа е важно. Но притоа не смее да се заборави дека решавачка е солидарноста во општеството. Тоа и самата го почувствував во Манчестер по нападот.

Видов така полицајка која качена високо на коњ мораше еден ден по атентатот да одржува ред во толпата и која сепак најде време на еден инвалид во количка со насмевка да му порача: „Внимавај на себе, душо“. Возачот на такси, муслиман, сѐ уште видно шокиран, не сакаше да ни земе пари со објаснување дека на ваков ден сите мора да се држат заедно: We are all one. Колку само негови колеги во ноќта на атентатот превезоа ранети во болниците! Насекаде во центарот на градот можеа да се видат љубезни Сики кои делеа колачи, вода и чипс. И лондончаните во текот на ноќта понудија кревет во својот дом на целосно непознати луѓе, кои во хаосот повеќе не можеа да си дојдат дома.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан е муслиман. Неговата порака гласи: нема да им дозволиме на терористите да победат. „ Не дозволувајте, мојата ќерка да стане жртва“, викаше во камерите очајната мајка на 15-годишно девојче убиено во Манчестер. Хуманост и сочуство, тие две вредности не смееме да ги загубиме.

DW.COM

Реклама