Со европскиот или на „славјанскиот“ штит | Северна Македонија | DW | 29.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Со европскиот или на „славјанскиот“ штит

Чиј интерес е на два - три месеци пред полноправното членство во НАТО да се проблематизира Договорот од Преспа кој е влезницата на С. Македонија во Алијансата и да се промовира сојуз со Србија? Пишува Борис Георгиевски.

Три големи безбедносно-политички настани во регионот му дадоа печат на изминатиов месец: посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, француското вето на Самитот на ЕУ и заедничката воена вежба на Србија и Русија која следуваше по посетата на рускиот премиер Дмитриј Медведев на Белград. Најголемиот потрес секако го предизвика бриселскиот самит, но и останатите доведоа до земјотреси по кои следуваа серија афтершокови- од помал или поголем интензитет- настани, изјави, интервјуа или реакции. Штетите од земјотресите уште се мерат: на некои места ќе се мине само со оштетувања на фасади, а некаде веројатно ќе се утврди и структурно нарушување.
Статиката на државите од Западниот Балкан е традиционално ранлива на земјотресите кои ги предизвикуваат големите, а Македонија е особено чувствителна на нив. Особено кога заеднички прокламираната визија за стратешкиот пат на државата кон евроатлантските интеграции, некои го споделуваат само на хартија, но не и во пракса.
Првата последица веќе ја видовме: предвремени парламентарни избори. Владата во Скопје, заглибена длабоко во приказната за ЕУ по секоја цена одлучи дека оштетувањето на фасадата е доволна причина за реновирање на куќата, без притоа да ја причека оценката за статиката и структурата на домот. За волја на вистината, на експертската оценка веројатно ќе се изначекавме, што ќе рече, ќе останевме статисти додека ги чекавме геополитичките архитекти и инженери да ни кажат што да правиме. А и кого да (по)слушаме?

Чекајќи ги архитектите
И така сега, додека почвата уште се тресе, а во домот ни мери и премерува кој стигне, ние си чекаме во дворот со спружениот валкан веш, приседнати кој на што успеал да спаси. Едните стресени, во надеж дека работата брзо ќе заврши, прашуваат: „мајсторе пиво, ракииче да не треба?“ Другите окуражени, од подрумот извадиле што останало од резервите па мешаат чорба во казанот. Мирудии има доволно па може да излезе и паприкаш и боршч. Оти народот до април треба нешто да јаде. Макар и повраќаници. 

Претходни текстови од авторот: 

- Вториот Букурешт

Дури и да се исклучат интересите на држави како Турција, Русија или Кина, есапот на останатите „архитекти“ е доволно компликуван и за Македонија и за регионот. Во моментов во Македонија и на Балканот се судираат три концепти на западните држави: На Вашингтон и Берлин кои во однос на С. Македонија меѓусебно не се исклучуваат и, условно, на Париз.
За САД е битно Северна Македонија во најкус можен рок да влезе во НАТО, и со тоа да се исклучи од пазарењата кои ќе следуваат при решавањето на преостанатите отворени прашања како Косово и БиХ. Дали тоа членство ќе биде придружено и со отворање на патот кон ЕУ, за САД е важно, но не и клучно.
Германија усвои стратегија со која напредокот на Скопје и Тирана кон ЕУ се смета за оптимална опција за контрола на регионот, заштита на нејзините и интересите на ЕУ, и зацврстување на принципот „морков и стап“. Доколку овие земји некогаш ги исполнат условите за полноправно членство, Берлин нема проблем да им ги отвори вратите, но дури и да не успеат во тоа, ќе биде добро да останат во сферата на влијание на ЕУ и Германија. За разлика од Вашингтон, Берлин енергично отфрла било каква промена на границите во регионот.

Nord-Mazedonien Pompeo bei Pendarovski

Стево Пендаровски и Мајк Помпео во Охрид, 04.10.2019


Франција сега се наметнува со трета стратегија. Проблемот е што никој не знае која е крајната цел? Проширувањето одамна е, благо речено, спорна тема во Франција. И пред влезот на Хрватска, а особено потоа, се множат гласовите кои бараат запирање на процесот. Доколку се вратиме назад до април годинава и француската стратегија за Западниот Балкан, во неа со ниту еден збор не се споменува проширувањето. Некаква кохерентна политика во регионот Париз немал уште од распадот на Југославија, а единствената назнака каде би можела таа сега да се движи е посетата на Макрон на Белград во јули годинава.
Стратешка катастрофа
Поранешниот шведски премиер Карл Билт деновиве во колумна за Вашингтон Пост се двоумеше дали Франција ја турка ЕУ во стратешка катастрофа, но за Скопје, далеку поважно е прашањето дали Франција ги турка Македонија и регионот во стратешка катастрофа?
Доколку Франција одлучила да го запре проширувањето, тогаш ќе треба да понуди алтернативи. Во јавноста веќе се споменуваат три опции: „привилегирано партнерство“, „Европска економска зона“ и засилена регионална соработка. Формално, Париз досега не застанал зад ниту една од нив.
Во септември годинава, неименуван француски дипломат во Берлин, цитиран од Франкфуртер алгемајне цајтунг веќе проговори за насоките, но не и за опциите:
„Француските дипломати во Берлин, од тој аспект, изразуваат сомнеж, дали во дебатата за проширувањето е можен само еден ’бинарен систем’, односно дали не може да се најде и нешто трето меѓу полноправното членство и исклученоста". Единственото „нешто трето“ што било споменато од Париз, меѓу редови го слушнавме од Макрон, а подиректно од францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние. Имено, тоа е идејата за засилена регионална соработка во која неговата земја би требало да се вклучи како своевиден ментор кој ќе дава политички насоки и, по малку, пари.
Таква регионална соработка во регионот нуди единствено српскиот претседател Александар Вучиќ. Не знаеме дали во тоа има поддршка од Париз, но видовме дека Белград беше единствената станица на францускиот претседател Емануел Макрон на Балканот досега.
До македонскиот државен врв, според извори на ДВ, веќе подолго време доаѓаат „непристојни понуди“ во таа насока. Не само од Белград, туку, по некои канали и од Париз. Се предлагаат и нудат стратешки сојузи, регионални соработки и други форми на кооперација во кои се преклопуваат економски и политички интереси, чиј центар би бил Белград, а кон кој би гравитирале останатите земји од регионот. Доколку веруваме во случајности во политиката, можеме да заклучиме дека Вучиќ сосема спонтано одлучи да им понуди „мини балкански Шенген“ токму на Албанија и Северна Македонија (а не на Црна Гора и БиХ, на пример) и во пресрет на ветото на Франција во Брисел.
Кога сето тоа ќе се земе предвид, француското „нон“ на самитот, врз С. Македонија имаше троен ефект:
- Ја урна владата и нејзината проевропска приказна и им ги отвори портите на националистите одново да ја шират својата демагогија;
- Со одбивањето да се одвојат Скопје и Тирана од процесот кон ЕУ со аргументација: „да не се налутат Албанците“ отвори ризик за сериозен внатрешен проблем;
- Ја остави земјата на геополитичка „ветрометина“ во период кога се решаваат клучни регионални проблеми. 
„Стање ствари“
Не чекавме долго за да се увериме каде ја води тоа земјата, но веројатно ќе мора да почекаме до 13 април за да знаеме каде ќе стигнеме или барем каде ќе тргнеме.
Нервозата во владејачката партија излезе низ устата на пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири кој посочи дека главен брифер на францускиот амбасадор Тимоние е поранешниот советник за национална безбедност на Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски. Со други зборови, Франција се информира од човек близок до српските служби. 
Но афтершоковите во македонската политика не завршија тука. Напротив. Главните пораки стигнаа од „другата страна“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ охрабрена од неуспехот на самитот тргна во офанзива која далеку ги надминува вообичаените предизборни ветувања. Целта е Преспанскиот договор, а публиката не е (само) домашна. Антонио Милошоски во Франкфуртер алгемајне цајтунг, а Тимчо Муцунски за грчката Скај, разгласија дека нивната влада ќе работи на негово поништување (првиот дури разработуваше и сценарија како тоа ќе се случува), речиси во исто време кога Влатко Ѓорчев во американскиот Стејт Департмент ги убедуваше соговорниците дека нивната влада ќе им биде сојузник и партнер. Патем дознавме и дека „проширувањето на ЕУ е клинички мртво“ (Милошоски) и дека „од Франција треба да учиме" (Христијан Мицкоски). Големото финале беше „слободниот разговор“ на Иванка Василевска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за српскиот „Стање ствари“ во кое беше промовиран и сојуз со Србија, а се величаше и неутралноста на Вучиќ. Притоа, од нејзината партија немаше директен демант на ваквите ставови, туку објаснување дека „сѐ што демантирала професорката, не е став на партијата“. 
Во било која друга ситуација оваа какофонија би била смешна, но ситуацијата во земјава и во регионот е пресериозна за вакви будалаштини. Се работи за пет водечки луѓе на партија која за неполни шест месеци претендира да се врати на власт. Да се врати, а не да дојде, затоа што ни во наративот, ниту во идеологијата на оваа партија ништо не е сменето од „златните времиња“ на бегалецот од Будимпешта.
Уривањето на Преспанскиот договор, макар и само вербално, повторно ќе ги наелектризира односите со Грција и ќе ја стави земјата на тапет кај меѓународните партнери, и притоа одново ќе ги проблематизира и стратешките правци. Чиј интерес е на два - три месеци пред полноправното членство во НАТО да се проблематизира Договорот од Преспа кој е влезницата на С. Македонија во Алијансата?
Легендата вели дека пред некое гранапче во Скопје деновиве жестоко се дискутирало околу тоа дали „Славјанскиот штит“ и руските ракетни системи С-400 и „Панцир“ имаат домет до белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од дискутантите сметале дека мора да се искористи шансата додека тие се лоцирани во близина на Белград и да се провери дали се влезени под „штитот“, други пак смирувале дека дури и Путин да си ги земе назад во Москва, тука е Вучиќ за да помогне во секое време. На крајот сите се согласиле дека треба да се почека реформата на методологијата за преговарачкиот процес на ЕУ која ја подготвува Франција... и да потрае со години, чуму брзање? Потоа заминале во Чашка на средба со граѓани каде се дискутирале разликите меѓу Европска и Евроазиска унија. Не успеале да се договорат, па расправата ја заклучиле со цитат од интервјуто на Василевска: 
„Ако се не будемо меџусобно подржавали, лоше нам се пише“.