Со дрва и камења по Меркел и собирање политички поени | Свет | DW | 21.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со дрва и камења по Меркел и собирање политички поени

Популистите во Германија бараат итно затворање на границите и за нападот во Берлин ја обвинуваат Ангела Меркел. Започнува собирањето политички поени.

Почетниот удар го зададе Маркус Прецел, шеф на огранокот на Алтернатива за Германија (АфД) во покраината Северна Рајна Вестфалија. „Ова се мртви на Меркел“, напиша тој веднаш по првите штури вести за нападот во Берлин во понеделникот. „Германија веќе не е безбедна“, додаде набрзо Фрауке Петри, шефица на истата партија и животна сопатничка на Прецел. Таа додаде дека терористите и сите потенцијално опасни лица треба ригорозно да се депортираат од земјата. Десничарското „Идентитетско движење“ бара моментално затворање на границите и „ре-миграција наместо увоз на тероризам“. Неисцрпна е листата на такви и слични барања на социјалните мрежи.

Ширење ксенофобија

На политичкиот мејнстрим му е сѐ потешко да се бори против паушалните осуди на бегалците и дојденците. Претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт, предупреди дека не треба да се брза со вперување на прстот и барање едноставни решенија: „Оној кој јавно настапува, за време и веднаш по нападот, тој не сака да придонесе за решение, туку сака да го искористи нападот за свои потреби“, рече Ламерт. Шефот на партијата на Зелените, Џем Ездемир, ѝ префрла на АфД дека нападот на божикниот панаѓур во Берлин го користи за да поттикне ксенофобија.

Screenshot Twitter Marcus Pretzel

Твитот на политичарот на АфД, Маркус Прец, непосредно по нападот

Кардиналот Рајнхард Маркс, претседател на Конференцијата на бискупи, предупреди оти бегалците не треба да се ставаат под генерален сомнеж: „Би било погубно ако кажеме: Аха, сега знаеме дека бегалците се виновни. Не смееме да им дозволиме на терористите толку голем успех да тргнеме едни на други, да не се држиме заедно, да им приоѓаме на работите со омраза во срцата“, рече Маркс.

Само чекаа напад

Не е никакво изненадување што десничарските демагози ги користат случувањата за собирање гласови, вели Гудрун Хентгес, политиколог од Универзитетот во Келн. Тие, додава тој, само чекаа на некој поголем напад во Германија за да го инструментализираат. „Сите бегалци се ставени под генерален сомнеж, актуелната ситуација во анализите се заострува толку што може да се помисли дека живееме во состојба на апсолутна закана“, изјави таа за ДВ.

Таа се плаши оти десните популисти со таа тактика имаат успех. „Сѐ уште е отворено како ќе реагира владеачката коалиција, но многу политички конфликти течат така што десничарите поставуваат барања, а тогаш владата во некоја форма ги прифаќа. Затоа во овој напад гледам голема опасност од заострување на дебатата за бегалците“, додава Хентгес.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама