Со бајракот на патриотизмот во ѕидот | Северна Македонија | DW | 28.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Со бајракот на патриотизмот во ѕидот

Настаните околу држ-недај преговорите за референдумот, отстапките што беа направени од двете страни, покажуваат дека работата за пацификацијата на регионот не може да им се остави на хировите на локалните политичари.

Македонскиот таен агент Ашенден во средата и четвртокот уште еднаш се обиде да направи мала конфузија на политичка сцена наметнувајќи агенда за која не се знае нарачателот. Ашенден (кој сега во Македонија се претставува како Антонио Милошоски) пред да се потпише Договорот од Преспа речиси секојдневно емитуваше „спектакуларни“ информации од македонско-грчката преговарачка маса, како да има поставено минијатурна камера во едно од пенкалата. Сите тие информации од класифициран код требаше да го навестат колапсот на преговорите и да го нагласат ужасниот дилетантатизам на македонските преговарачи. Она што потоа се потпиша во преспанското село Нивици немаше никаква врска со овој „спектакл“ – документот излезе сосем поинаков од она што го сугерираа каблограмите во вид на фејсбук-постови.

Еден дел од јавноста очекуваше вакви каблограми да се појават и од сеансите во Клубот на пратениците. Но, очигледно таму ги смениле пенкалата, па таа минијатурна камера ја снимала само потставата во некој џеб. Или можеби за овие сеанси требало многу повеќе да се молчи, затоа што заштитата на интересот на партијата е многу поголем од оној за заштита на државата. Кога наеднаш пак се појавија каблограми со детали за преговорите за името, на седницата на Комисијата за надворешни работи, овој пат процесуирани од кабинетот на шефот на државата. Тие треба да бидат крунскиот доказ за националното предавство на државата од страна на македонските преговарачи, да го поткрепат ветото искажано со стиснати усти на Ѓорге Иванов и ако може да истурат уште една кофа скандали во напрегнатото општество. 

OSZE PK zu Parlamentswahlen in Weißrussland (Reuters)

Антонио Милошоски

Што се случи преку ноќ

Се разбира, Милошоски како претседател на комисијата може да го одредува текот на нејзината работа и да бара од министрите отчет за одредени договори, како и за водењето на политиката. Тој дел од парламантарната рамка е непобитен, така треба и да биде. Но да се бара пред јавноста да се изнесуваат класифицирани документи за преговори при уште незавршен договор (иако поптишан) во најмала рака е сомнително. Ашенден/Милошоски многу добро знае каква е работата на дипломатијата – ако таа на виделина ги изнесува сите детали тогаш ќе биде апсурдно да се нарекува дипломатија. Тогаш, што беше неговата цел? Да го поткрепи ставот на неговата партија дека договорот е „капитулантско дело“? Или да им даде дополнителен погон на други политики од други центри. Настаните во средата го сместија овој „спектакл“ како изолиран инцидент. Попладнето на брза лента беа изгласани од сите пратеници трите закони кои го отвораат патот за референдумот, а Милошоски на таа седница не дојде. Не треба да се бараат ни премногу објаснувања зошто, самите постапки доволно зборуваат. Можеби тој не знаел за завршените преговори на неговата партија, или има друга агенда која е различна од онаа на новото раководство.  

Други колумни од авторот: 

-Времето може да почека

-Мозаикот од кој се изроди договорот

-Во кој свет живее Христијан Мицкоски?

Тоа беше специфичен увод во денот кој на шините го стави компромисот меѓу власта и опозицијата. Може само да нагаѓаме што се случи преку ноќ. Дали тоа поттурнување го направи германскиот министер за Европа, Михаел Рот (кога веќе знаеме колку голема улога одигра Берлин во конципирањето и потпишувањето на Договорот од Преспа)? Дали доаѓањето на високиот функционер на НАТО, Џејмс Меки, со што беа формално отворени преговорите за членство во алијансата, некому му стана јасно дека веќе нема враќање назад од патот по кој зачекори државата? Или му беше помогнато да му се разјасни. Вака изгледа дека само докторандот од Дуисбург и човекот од одаите на Водно не сакаат да видат што се случува.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски, автор на колумната

Можеби веќе да изгледа дури и здодевно, но оваа драма со низок интензитет околу референдумот ја има таквата судбина да остане само едночинка со низок интензитет. Шаховската табла на Балканот е поставена, отворањето на Западот преминува во добиена позиција, а Москва се обидува да извлече некако реми. Заборавете на сите приказни, жалопојки, клетви и проколнувања на судбината, заклетвите во македонизмот и погледнете што се случува во големата игра – или Македонија ќе биде со оние што ја обликуваат мапата во регионот, под геслото на демократијата и либералните општества, или ќе пропадне во дупка од која нема излез. Изгледа грубо и ја одзема шансата за поинакво решение, но текот на историските настани е безмилосен. По Првата светска војна пропадна една извонредно организирана империја како Австро-Унгарија, а двете нејзини оски, Австрија и Унгарија, се сведоа на мали држави. Крајот на Втората светска војна го означи почетокот на умирањето на двете големи колонијални сили, Британската империја и Франција. Историските текови не можат да се запрат. Дојде време за конечно обликување на Балканот и таа стратегија мора да се оствари. Овој пат не со војни, туку со дипломатски притисок и понуди што не можат да се одбијат. Романтизмот е завршен, сега господари реал-политиката.

Иста цел, различен вокабулар

Нелогично би било да се каже дека новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ тоа не го чувствува, иако инстинктивно се обидува да се храни од митовите на револуционерната организација. Со бајраците на кои се извезани тие митови, тоа мисли да извлече некакви концесии за поранешните шефови и некаков авансиран потег за иднината. Не е прашањето дали тоа има храброст да се погледне во огледалото барајќи нешта кои се незамисливи за ЕУ и НАТО (како амнестија за учесниците во 27 април или за оние што десет години ја водеа државата како елдорадо за корупцијата и автократизмот). Поголемото прашање е како изгледа кога со бајракот на патриотизмот ќе се удриш во европскиот ѕид.

Професорот Димитар Димитров во текст за „Призма“ пред некој ден на илустративен начин објасни како се хранеле заблудите во револуционерната партија. Опишувајќи го времето кога тој и покојниот Никола Кљусев му биле советници на Никола Груевски и побарале статутот на партијата да се промени во согласност со уставот и европското право и со тоа да се реформира, биле изненадени кога лидерот категорички го одбил нивниот предлог. Тој се повикал на „професорот по политички науки Ѓорге Иванов, кој го советувал пет пари да не дава за внатрепартиската демократија. Партијата по дефиниција била полувојничка организација, со железна хиерархија и дисциплина под команда на лидерот“. Таа дефиниција на „проповедникот на автократизмот“ ја прогонува партијата и со новото раководство. Изгледа невозможно ова раководство да направи чекор настрана од оваа дефиниција и митовите со кои е задоено. Христијан Мицкоски на митингот пред две недели во Кавадарци го почна говорот со обраќањето „комитско Кавадарци“. Уф, тие митови. Да кажеше „Македонија прво“ ќе беше поразбирлив и подиректен.

Ашенден/Милошоски и Иванов користат поинаков вокабулар. Тој кокетира со митовите, но концептот е поинаков. И алатките се поинакви, иако целта е речиси иста. Неизвесноста и хаосот посредно треба да сугерираат дека погледот би требало да се сврти на друга страна, кон исток. Намерите повеќе се опортунистички отколку стратешко-концепциски. А што доаѓа оттаму? Извонредниот руски новинар, Константин фон Егерт, во текст за Дојче веле, објасни што сака Москва на Балканот и како завршија нејзините желби. „Во сите изминати години, Москва во регионот систематски култивираше националисти, опскурни ликови, конспиратори и едноставни бандити. Ги купуваа, им ласкаа, им шепотеа... Сѐ под мантрата на словенското братство, православниот идентитет и борбата против ‘одвратните западни вредности'. Истото, освен делот за словенството, важи и за традиционално левичарската и антиамериканска Грција. Судејќи по ‘брилијантните’ резултати, играта на историска реконструкција очигледно ја одведе руската политика во ќорсокак".

Оние што се реални во Москва тоа јасно го забележуваат, а оние што фантазираат овде не можат да прогледаат. Пред две недели во Загреб се одржа состанок на американскиот министер за одбрана Џејмс Матис со седумина негови колеги од Балканот. Додека камерите ја снимаа средбата зборот „Русија“ не беше споменат, иако сите го имаа на ум нејзиното мешање во регионот и обидот да создаде нестабилност и поделби во регионот. „Ние не сме наивни и сме многу свесни дека некои други места би сакале да видат како не успеваат нашите напори овде денес“, изјави Матис пред неговите колеги. Неговата посета на регионот дојде во критично време за Западен Балкан, кога Русија го зголемува своето мешање во Босна, Македонија, Црна Гора и Србија. На конференциската маса во загрепскиот хотел остана празно столчето наменето за српскиот министер за одбрана. Само тој не се појави. По поканата за членство во НАТО за Македонија тоа јасно го покажа ќор-сокакот на руската политика, како што вели Фон Егерт. Сега само Србија и Република Српска останаа отворени за руското влијание на Балканот. 

Настаните околу држ-недај преговорите за референдумот, отстапките што беа направени од двете страни, покажуваат дека работата за пацификацијата на регионот не може да им се остави на хировите на локалните политичари. Зоран Заев мораше да направи отстапка за концептот на пржинска влада (она што своевремено беше баба рога за вмровците), а Мицкоски да ја стави настрана директната и индиректната амнестија. Бидејќи она што беше покренато пред година-две во Вашингтон, Брисел и Берлин – за решавање на спорот околу името, не може да биде запрено од локалците. Едноставно, влогот е преголем. Може да се дозволат одредени излети за да се задоволат суетите на политичарите, но работата мора да се заврши. Со неколку збора – референдумот да успее. Некому му се чини неправедно, но така изгледа кога ќе ја погледнеш стварноста. Што би рекол Алан Форд: „За да победиме не смееме да изгубиме“.

 

DW.COM

Реклама