Социјалдемократите во Европа: Падови и подеми | Свет | DW | 11.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Социјалдемократите во Европа: Падови и подеми

СПД во Германија не е единствената социјалдемократска партија во Европа која поминува низ тешка фаза. Други партии се во уште потешка ситуација. Но, има и такви кои се во подем. Кои се причините за успех или неуспех?

Данска

Најнов пример за успех на социјалдемократите се случи во Данска.  На парламентарните избори на 5 јуни социјалдемократите освоија најголем број гласови. Младата шефица на партијата Мете Фредериксен се залагаше за мешавина од остар курс против доселување и класично левоориентирана социјална политика. Тоа посебно им се допадна на традиционалните социјалдемократски избирачи- бројни Данци од работничкиот слој и пониската средна класа, кои со години гласаа за деснопопулистичката Данска народна партија, се вратија кај социјалдемократите.

Франција

Речиси никаде европските социјалдемократи не паднаа толку ниско како во Франција. Уште во 2012 година Социјалистичката партија имаше мнозинство во Националното собрание, а социјалдемократот Франсоа Оланд беше на чело на државата. Потоа следеше пад. На парламентарните избори во 2017 година социјалдемократскиот кандидат доби малку повеќе од шест проценти гласови и беше на петто место.

Frankreich Sozialistische Partei (PS) (picture-alliance/MAXPP/L'EST REPUBLICAIN/A. Marchi)

Екстремен пад на француските социјалисти

На европските избори социјалдемократите паднаа на шесто место. Германскиот политиколог Уве Јун вака го објаснува нивниот проблем: „ПС посебно беше погодена од вртлогот недоверба кон политичкиот естаблишмент, зашто пред последните претседателски и парламентарни избори беше водечка политичка партија.“

Холандија

Слично помина и холандската Партија на трудот на последните парламентарни избори во 2017 година. Некогаш гордата партија од чии редови трипати по Втората светска војна произлегуваа премиери, падна на 5,7 проценти, што е 19 проценти помалку отколку на минатите избори и најлош резултат во историјата на партијата. Но, на европските избори оваа година Партијата на трудот неочекувано стана најсилна холандска партија.

Niederlande Europawahl 2019 | Sieg Partij van de Arbeid | Feier (Getty Images/AFP/K. van Weel)

Приврзениците на холандската Партија на трудот имаа причина за радост на европските избори

Политикологот Јун смета дека тоа е само поединечен успех кој се објаснува со популарноста на Франс Тимерманс, носител на листата на европските социјалисти и социјалдемократи на изборите за Европски парламент.

Велика Британија

Претседателот на Лабуристичката партија Џереми Корбин, кој сега има 70 години, беше посебно популарен меѓу младите кога во 2015 година го презеде водството во партијата. Тој им даде поттик на социјалдемократите и во другите земји. По повеќе години поминати во опозиција, се чинеше оти Корбин на лабуристите им вдахна нов живот. Тој ја застапува старата левичарска политика на прераспределба и национализација, во почетокот се залагаше дури и за излез од НАТО. Но, сонот за враќање на власт се распрсна со кавгата околу Брегзит, околу разводот од ЕУ партијата е поделена исто како и целата земја. На европските избори Лабуристичката партија освои само 14 проценти гласови. Растат сонмежите во адекватноста на Корбин за премиерска функција. Бројни избирачи во меѓувреме се прашуваат каква политика застапува Корбин и се свртуваат кон други партии.

Шведска

Шведска се смета за показен пример за социјалдемократијата. Во ниедна друга европска земја социјалдемократите немале долгорочно такви успеси. На сите избори за Рајхстаг од 1917 година тие беа најјака политичка сила, иако премиерот не доаѓаше секогаш од нивните редови. На последните парламентарни избори во 2018 година социјалдемократите освоија само 28 проценти од гласовите, што е нивен најлош резултат во последните 110 години.

Сепак, социјалдемократите останаа најсилна партија. Но, како и во други европски земји, и во Шведска социјалдемократите имаат сѐ повеќе тешкотии поради десните популисти, кои во Шведска се нарекуваат Шведски демократи.

Австрија

И австриските социјалдемократи имаа доживеано подобри времиња, дури многу подобри. По 1945 година, од 28 австриски влади, 15 канцелари биле од Социјалистичката партија на Австрија. До 1990 година социјалдемократите на парламентарните избори добиваа повеќе од 40 проценти гласови, во златните 70-те години дури и преку 50 проценти. Денес СПА е далеку од тоа, иако остана поштедена од пад како во Германија.

Österreich Pamela Rendi-Wagner, SPÖ (picture-alliance/picturedesk.com/H. Neubauer)

Шефицата на австриските социјалисти, Памела Ренди-Вагнер

Специфичност во Австрија се честите големи коалиции на социјалдемократите и конзервативната австриска Народна партија.  Но, тие доведоа до подем на десно-популистичката Слободарска партија. Сепак, занимливо е што социјалдемократите не профитираа од аферата поврзана со шефот на ФПО, Хајнц-Кристијан Штрахе, која доведе до распад на владејачката коалиција меѓу Народната партија и Слободарската партија.

Источноевропски земји

Во повеќе источноевропски членки на ЕУ социјалдемократските партии се слаби. Унгарските социјалдемократи се безначајни уште од падот на комунизмот пред 30 години, додека со политичкиот простор речиси целосно владее десно-популистичкиот Фидес на премиерот Виктор Орбан. Во Полска некогашната социјалдемократска партија СЛД на европските избори настапи само како дел од проевропскиот опозициски сојуз.

Но, во овие две земји постојат и нови партии со социјалдемократски правец, во Полска е тоа Виосна, а во Унгарија - Демократската коалиција. Во Словачка партијата Смер, која е официјално социјалдемократска, застапува делумно и национално-популистички ставови (на пример во врска со миграцијата).  Во Романија и натаму владејат социјалдемократи, но ним им се префрлува дека ги преправаат законите заради заштита на партиски членови осомничени за корупција. На европските избори романските социјалдемократи освоија 23 проценти гласови, што е лош резултат за партијата.

Шпанија и Португалија

Најголема надеж за европската социјалдемократија доаѓа од Пиринејскиот Полуостров. По повеќегодишна агонија во Португалија, од 2015 година на власт е социјалистот Антонио Коста, иако самите социјалисти немаат мнозинство. На европските избори социјалистите беа потврдени како најголема политичка сила.

Spanien Parlamentswahlen in Madrid (AFP/J. Soriano)

Во него полагаат надежи европските социјалдемократски партии - шпанскиот премиер Педро Санчез

Уште подобра е позицијата на социјалдемократите на премиерот Педро Санчез во Шпанија. Неговата ПСОЕ освои јасна победа на последните избори во април. И на европските избори  шпанските социјалдемократи беа успешни, па со 20 пратеници ќе бидат најсилна групација во рамките на пратеничката група на социјалдемократите и социјалистите во Европскиот парламент.

 

DW.COM

Реклама