Софија сака да ги види и Бугарите во македонскиот Устав | Северна Македонија | DW | 23.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Софија сака да ги види и Бугарите во македонскиот Устав

Според техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, промената на Уставот е еден од начините за решавање на проблемите.

Бугарија инсистира во Уставот на Република Северна Македонија да биде запишано постоењето на бугарското малцинство во земјата. Ваква порака испрати техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев. 

„Ако го погледнете Уставот на РСМ по 2001 година, таму Бугарите, како народ што живее на територијата на сегашната држава, не фигурираат. Има Срби, има Албанци, има Роми, има Турци, Бошњаци, но нема Бугари“, вели Стоев. Промена на Уставот на Северна Македонија, според него, е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарската национална заедница во земјата.  

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во март годинава предложи и бугарската заедница да биде впишана во Уставот. Тогаш на предлогот се спротивстави шефот на државата Стево Пендаровски.  

-повеќе на темата: Османи со нов предлог Бугарите да бидат споменати во Уставот

„Ние ја третираме Република Северна Македонија како суверена држава со сето она што произлегува од таквиот однос“, изјави Стоев, додавајќи дека бугарското Министерство за надворешни работи треба „да добие поширока рамка за водење на процесот на преговори“. Според него, дијалогот ќе продолжи и во иднина, а целта е заедничка- Република Северна Македонија да започне преговори со ЕУ. „За да тргне по тој пат на земјата ѝ треба политичко лидерство“, изјавил Стоев за БГНЕС.  

-повеќе на темата: Пендаровски контра Османи: Нема потреба од измени на Уставот

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев нагласил дека на средбите со претставници на земјава за време на Форумот во Дубровник, бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров предложил разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија да продолжат и да не се губи време во билатералниот дијалог. 

„Александров во моментов е во Словенија, каде што е и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и доколку побара, тој може да се види и да разговара со неговиот бугарски колега. Емоциите се пречка, треба де се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Северна Македонија“, вели Стоев. Тој истакнал дека Скопје не назначува амбасадор во Софија повеќе од една година, а говорот на омраза останува сериозен проблем во билатералните односи.  

Македонскиот премиер Зоран Заев неодамна по средбата со бугарскиot колега Стефан Јанев во Софија, порача дека РС Македонија прeд членството во ЕУ мора да го отвори Уставот и ставот на Владата е дека сите помалку бројни народи во државата да бидат впишани, вклучително и бугарскиот.