Софија бара реакција против „групата за плукање“ | Северна Македонија | DW | 27.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Софија бара реакција против „групата за плукање“

Бугарија ја цени брзата акција на Скопје во случаите на говор на омраза, но посочува и други примери. Домашната опозиција ќе бара да се дискутира за доверба на Владата

Софија ја цени брзата акција на властите во Скопје против провокациите. Овој став бил изнесен откако привремениот шеф на амбасадата на Република Северна Македонија во Софија вчера бил поканет на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи, објавија тамошните медиуми.

На средбата, бугарската страна соопштила дека ја цени брзата акција на властите во Скопје во случајот со палењето на бугарското знаме и за манифестациите на говор на омраза на социјалните мрежи против членовите на бугарската влада. За време на средбата било изразено и очекување на реакција во однос на податоците дистрибуирани на Фејсбук за лица со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Република Северна Македонија и повиците за пресметка со нив.

Говор на омраза

Како што посочуваат бугарските медиуми, станува збор за групата на Фејсбук „Ајде да плукаме по Бугари и бугараши“, во која се пласираат навреди и говор на омраза кон Бугарите, „повици за физичко насилство кон бугарофилите и за напаѓање на бугарските туристи во Македонија“, како и објавен список за плукање по „истакнати македонски бугараши“.

„Оваа ФБ група докажува дека правилно сме им ја покажале вратата“. „Го заслужуваат ветото. Овие луѓе не са зрели за ЕУ“, се дел од коментарите во бугарски медиуми.

За атмосферата што завладеа по бугарското вето сведочат и голем дел од коментарите кои содржат навреди и говор на омраза кон Македонците, но има и дел кои се критични кон бугарските власти и кон недоличните коментари во тамошната јавност.

„Тешко дека постои попатетичен народ од Бугарите кои се обидуваат да уценуваат друг народ за да признаат дека се дел од него. Ова е преседан во светската историја“. „Ајде прво да си ги преиспитаме нашите изливи на ‘пријателство’“.

Дел oд реакциите се однесуваат на нивото на комуникација и информираност, но и за политиката на властите.

 „Не станува збор само за историја, туку за сегашност! Само помислете колку често и во кои прилики се покриваат тековните настани од Република Македонија во нашите медиуми! Дали има дури и кабелски или сателитски оператор за емитување на која било македонска телевизија?!“

 „Бугарското вето е нож во грб од постариот брат! Апсолутно антибугарски, антимакедонски чин, што ќе ги отуѓи нашите братски народи. Популистички чин со краткорочни придобивки за следните избори. Срамота за владејачките антибугари!“

На тест довербата во Владата

Во моментов меѓу два огна е најмногу македонскиот премиер Зоран Заев. Неговото интервју за Бгнес, според коментарите на бугарски граѓани предизвикало различни реакции. Дел изразуваат сомнеж во неговите добри намери и ги повикуваат бугарските власти „никако да не отстапуваат од ветото“. Дел му честитаат за храброста и визинерството, за кое сметаат дека ѝ недостига на бугарската влада.

На македонскиот премиер нема да му биде полесно ни на домашен терен. По вчерашниот протест на кој повика опозицијата критикувајќи ги ставовите на Заев во интервјуто за Бгнес, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави и следен чекор. Во гостување на ТВ „21“ тој рече дека неговата партија ќе поднесе предлог за гласање на доверба на Владата, од чие формирање наскоро истекуваат 100 дена.

„Ценам дека сите овие порази кои се случуваат на македонската политичка сцена, а кои се резултат на незнаењето, неработењето или ограничените капацитети на одговорните, треба да кулминираат со една постапка во Собранието каде ВМРО-ДПМНЕ заедно со другите опозициски партии ќе побара дебата за работата на Владата после овие 100 дена“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека ваквото барање ќе го поднесат наредната недела.

„Да видиме којшто ќе каже, бидејќи силите во парламентот се пола-пола“, рече Мицкоски.