Сослушувања за украинската афера на Трамп - политичка драма во живо | Свет | DW | 13.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сослушувања за украинската афера на Трамп - политичка драма во живо

Денеска за првпат ќе се врши јавно сослушување на сведоците во истрагата за отповикување на американскиот претседател од функцијата - крупен настан пренесуван во живо на телевизиите. Првите три сведоци го товарат Трамп.

Доналд Трамп е бесен - американскиот претседател е во фокусот на сослушувањата, кои можат да доведат до постапка за негово отповикување од функцијата. Досега сослушувањата се одвиваа зад затворени врати, но од денеска сведоците ќе даваат искази пред телевизиските камери. А тоа воопшто не му се допаѓа на претседателот. „Не смее да има јавни сослушувања“, им изјави тој на репортерите во петокот.

И порано американски претседатели, кои беа соочени со постапка за нивно отповикување, мораа да се помират со тоа јавноста да има можност во живо да ги следи сослушувањата. Во случаите со Ричард Никсон и Бил Клинтон дојде како до затворени, така и до јавни сослушувања. Постапката која почнува денеска значи не е ништо посебно, барем во споредба со поранешните истраги за импичмент.

А сепак, ова ќе доведе до решавачка промена во политички Вашингтон: „Би рекол дури дека претстојните сослушувања се исклучително невообичаени. Тие сѐ друго фрлаат во сенка“, вели д-р Мајкл Корнфилд, политиколог во Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Amtsenthebungsverfahren in den USA

Драмата со импичментот ќе ја зголеми поларизацијата во земјата

За оваа недела се планирани две сесии сослушувања, денеска и в петок. Како ќе се одвива процедурата натаму, уште не е утврдено. Сепак, сигурно е дека таа го привлекува врз себе целото внимание на јавноста како некој магнет. Без оглед на телевизискиот пренос во живо, Корнфилд не верува дека сослушувањата во рамките на постапката за отповикување ќе прераснат во чиста шоу-манифестација, која би служела само за забава на масите. „Луѓето се свесни за што станува збор. А телевизиските станици се воздржуваат од реклами, освен во паузите во сослушувањата. Тоа ја истакнува сериозноста на случајот“, вели политикологот. Кога телевизија како СиЕнЕн се откажува од тоа своите извештаи секои десет минути да ги прекине со реклами, тогаш на Американците им е јасно - завршено е со шегата.

Тејлор, Кент, Јованович: Ниеден добар збор за Трамп

Денеска се почнува со исказот на Бил Тејлор, раководителот на американската амбасада во Украина. Тејлор ја презеде амбасадата во Киев по отповикувањето на неговата претходничка Мари Јованович во мај 2019 година. Тејлор вторпат ќе дава исказ во врска со Украинската афера. Во октомври тој веќе сведочеше пред Комитетот за тајните служби на Конгресот, при што рече дека владата на Трамп ја условувала исплатата на воената помош на Украина со тоа украинскиот претседател да отвори јавна истрага за корупција против синот на ривалот на Трамп, потенцијалниот претседателски кандидат на Демократската партија, Џо Бајден. А Трамп токму оваа поврзаност ја порекнува до денес.

Повеќе: 

Хаотични сцени во американскиот Конгрес - Републиканците го попречуваа сослушувањето за Украина

Се појави и втор свиркач против Трамп

Кои му се „пријателите“ на Трамп во Украина?

Што точно разговарал Трамп со Зеленски?

Денеска ќе биде сослушан и високорангираниот дипломат Џорџ Кент, исто така по вторпат. Кент во изминатиот месец зад затворени врати подигна тешки обвиненија против Руди Џулијани, личниот адвокат на Трамп и министер за надворешни работи во сенка. Според него, Џулијани водел „оцрнувачка кампања“ против амбасадорката Јованович, неомилена кај Трамп, ширејќи со месеци лаги и во голема мерка придонесувајќи за нејзино отстранување од функцијата. „Неговите тврдења и обвинувања против Јованович беа неосновани, погрешни, точка“, изјавил Кент.

Marie Yovanovitch

Мари Јованович тврди - жртва е на валкана кампања на Џулијани против неа

Самата Јованович ќе даде јавен исказ в петок. Во нејзиното прво сослушување изјавила дека била „шокирана“ од кампањата водена против неа од страна на Џулијани и други луѓе блиски на Трамп. Од Министерството за надворешни работи не добила никаква поддршка. А кога го прашала за совет американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондленд, тој ја советувал да го фали Трамп преку Твитер. Тоа му се допаѓа на претседателот. Но, и Сондленд, самиот наклонет кон Трамп, во меѓувреме изјави дека постоело условување на исплатата на американската помош на Украина. Тој лично на советник на украинскиот претседател му пренесол дека американската воена помош ќе потече повторно дури ако Киев најави отворање истрага против Бајден. 

Сослушувањата ѝ штетат на изборната кампања на Трамп

По почетокот на јавните сослушувања, на Трамп ќе му бидат потребни многу пофалби на Твитер. Корнфелд смета дека Трамп нема да може да им побегне на фактите излезени на светлина преку досегашните сведочења. Овој ефект ќе биде засилен преку јавните искази, кои секој Американец ќе може во живо да ги следи на телевизија. „Сега на Трамп му преостанува само тврдењето дека неговите престапи не се толку тешки за да предизвикаат негово отповикување од функцијата.“

Политикологот е убеден дека сослушувањата ќе се одразат и на претседателските избори во следната година. Трамп или самиот себе си ќе си наштети со непромислени изјави во врска со сведочењата на своите критичари или „ќе си поднесе оставка уште пред изборите“, смета Корнфилд.

 

DW.COM

Реклама