Сорос воскресе? Навистина воскресе! | Македонија | DW | 17.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сорос воскресе? Навистина воскресе!

Зборот „Сорос“ и изведенките од него се најупотребувани во реториката на ВМРО-ДПМНЕ, која борбата со Фондацијата од домашен терен ја префрли и на меѓународен. ДУИ се дистанцира од офанзивата против НВО.

Употребата на зборот „Сорос“ и погрдните изведенки од него - соросоиди и сороспии, како и најавената „десоросоизација“, достигнуваат рекорди во реториката на владејачката партија и медиумите под нејзина контрола. Етикетата „соросоиди“ експресно ја заработуваат сите што ќе изречат макар и еден ред критика за политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Тој епитет власта го користи за да ги релативизира и обезвредни аргументираните критики против неа, а на терминот му дава повеќезначност: од корисници на грантови од Фондацијата на Сорос, преку платени протестирачи и дестабилизатори на земјата, па сѐ до платеници на „странски служби“. Со ова, власта го „воскресна“ Сорос во сите пори на македонското секојдневие, па и таму каде што Фондацијата реално нема активности. 

Последните во низата на штотуку „прекрстени“ во соросоиди, се голема група албански интелектуалци кои деновиве упатија јавен апел до партиите што учествуваат во водењето преговори за состав на нова влада.

„Треба да се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се води од луѓе кои имаат одговорност за катастрофалната состојба во секој сегмент од општествено политичкиот живот и како такви тие не уживаат кредибилитет за и понатаму да ја водат државата. Тука се сомневањата и обвиненијата за нивното опфаќање на мегаскандали, уривање на институции, уривање на евроатланските интеграции и газењето по човечкото достоинство“, нагласија тие во писмото.

Нападот врз нив беше брз, синхронизиран, непотпишан и идентично објавен во сите провладини медиуми: „Во игра се парите на Сорос, директното политичко влијание на СДСМ и Беса со цел во општеството да се фингира привидност дека сите се против составување на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во суштина станува збор за политичка игра на неколкумина фактори поразени на последните избори“.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski (Reuters/O. Teofilovski)

Груевски на почетокот на јануари изјави дека Сорос во Македонија „поддржува криминалци и авторитарни политичари“, а од невладините организации направил „модерна армија“

Приоритетна е правдата

Професорот по Уставно право, Осман Кадриу, кој е еден од потписниците на апелот, досега поддржан од над 200 личности, со индигнација ги отфрла ваквите етикетирања и вели дека потписниците ги раководи една, единствена цел: Македонија што побрзо да излезе од криза.

„Насетуваме дека две партии сакаат да опструираат, за да нема влада. Политичка влада мора да има поради две основни причини. Имавме тешка политичка криза и изборите треба да создадат услови за излез од неа. Второ, поголем број гласачи се определија за промени. Двете партии немаат кредибилитет да формираат нова влада, поради инволвираност во криминал, заради што и е формирано СЈО. Мнозинството од гласачката волја е упатена кон други субјекти“, вели Кадриу.

За него е загрижувачки и индикативно тоа што ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ не ги нагласиле главните приоритети што водат кон излез од кризата.

„Бидејќи основата на политичката криза беше правната криза, поради несанкциониран криминал на носители на високи функции, сега намерно се остава 'недостаток' во партиските определби: ВМРО-ДПМНЕ отворено се изјасни против продолжување на мандатот на СЈО, а ДУИ бегло го поддржува. Притоа нема јасна заложба, не само за отворање специјално судско одделение во Кривичниот суд, туку соодветно и во Апелацискиот и Врховниот, поради што со песимизам гледам на можноста за излез од политичката криза, ако нема решение за правната“, вели Кадриу.  

Професорот потенцира дека на Македонија ѝ треба влада што ќе ужива углед кај граѓаните, која ќе биде одговорна и непристрасна, транспарентна и отчетна. Но, ако се реализираат сценарија кои ќе ја оневозможат правдата, стравува дека - не само што ќе нема влада, туку ќе следи еден турбулентен период на протести, а во прашање ќе се доведе безбедноста и стабилноста на земјата. 

Logo Open Society Foundations

Фондацијата на Сорос е гаѓана од сите оружја со кои располага ВМРО-ДПМНЕ

ДУИ се дистанцира

Во меѓувреме, борбата на ВМРО-ДПМНЕ со Сорос почна да се префрла од домашен терен на меѓународен. По интервјуто на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, за италијанскиот весник „Ла верита“, каде тој обвини дека Фондацијата на Сорос влијае на внaтрешната политика во Македонија, пламенот на битката го понесе и мала група Македонци, кои во Њујорк протестираа под паролата „Претседателе Трамп, заштитете ја Македонија од Сорос“.

Сето ова се случува во време кога тече рокот во кој мандатарот Никола Груевски треба да преговара за состав на нова влада, а притоа сите надежи му се свртени кон досегашниот коалициски партнер - ДУИ. Засега меѓу двете партии стои голем јаз - посочените приоритети од декларацијата на албанските партии за кои ДУИ соопшти дека не може да бидат предмет на преговори. Но, сега меѓу точките на кои нема совпаѓање, влегува и процесот на „десоросоизација“. ДУИ се дистанцира од ваквата офанзива на ВМРО-ДПМНЕ против невладините организации.

„Невладините организации треба да имаат можност слободно да работат. Истото се однесува и на Фондацијата. Државните органи треба и ќе реагираат само доколку постојат сомневања околу изворите на финансирање или доколку нивната дејност е спротивна на законот. ДУИ ќе продолжи да има коректна соработка со невладините организации во земјава“, изјавија од ДУИ за ТВ „Алсат-М“.

Дали ДУИ сѐ повеќе се оддалечува од ВМРО-ДПМНЕ?

Трајко Вељаноски завчера изрази убедување дека „двете партии од 23 до 29 јануари ќе ги затворат сите отворени прашања и дека господинот Груевски и господинот Ахмети ќе изнајдат решение за создавање влада“.

„Мислам дека клопчето ќе се одмота од идниот понеделник“, изјави Вељаноски. Но, според партиски извори, прашањата може да бидат затворени и пред тој датум. Само што е неизвесно дали тоа значи дека клопчето ќе се одмота, или дополнително ќе се замота.

DW.COM

Реклама