Соочување со реалноста по изборите | Северна Македонија | DW | 02.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Соочување со реалноста по изборите

Дали главните играчи на политичката сцена, победници и поразени, ќе ги препознаат државните интереси, или и во оваа драматична ситуација ќе преовладеат теснопартиските мотиви за преземање на власта. Пишува Ерол Ризаов.

Што побрзо соочување со реалноста и на поразените и на победниците по локалните избори и по оставките на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев е единствениот точен патоказ кон излез од политичката криза. Дали главните играчи на политичката сцена, победници и поразени, ќе ги препознаат државните интереси, или и во оваа драматична ситуација ќе преовладеат теснопартиските мотиви за преземање и на парламентарната власт на јуриш, само една година ипол по парламентарните избори. Тоа е суштинското прашање од чиј одговор зависи дали Македонија ќе тргне кон ветените промени, или кон нова неизвесност која неминовно води кон уште подлабока криза. 

Додека траат разните сценарија и стотици комбинации на генералите по битките и ламентациите кој колку бил паметен и колку погодил што ќе се случува, дали Заев требал или не требал, избрзал или не избрзал, дали е тоа единствено добро решение или голема грешка, да поднесе  оставка, дали власта е делегитимирана или не, многу интересни за читање и слушање, но во суштина сега по завршените избори и поднесената оставка се јалови приказни и ја замаглуваат реалноста, а таа е дали имавме локални, или парламентарни избори и дали по локалните треба веднаш и кога да се оди на предвремени, или редовни парламентарни избори?

Моралните пропусти ја раѓаат политичката вина 

Политичките науки и филозофијата, бројните искуства одамна имаат дадено прецизен одговор на прашањето за вината и за поразите: „ моралните пропусти ја чинат основата од која се раѓа политичката вина. Повеќето, дури и најситни грешки, конформистичкото прилагодување, евтиното оправдување и неприметното поддржување на неправдата придонесуваат кон создавање јавна атмосфера која оневозможува јасно гледање на работите. 

Ерол Ризаов, автор на колумната

Ерол Ризаов, автор на колумната

Сето тоа предизвикува последици кои заедно прават предуслови за политичка вина за вкупните состојби и настани. Кога во еден момент, ќе се акумулираат тие состојби и ќе станат јасни,  поразот е неминовен во демократски системи, а прашањето на вината станува предмет на анализи и разни манипулации до моментот на поднесување на одговорноста. Тоа Заев го направи, останува на раководството на СДСМ и на коалиционите партнери да го одредат точно својот конформизам и придонес за катастрофалниот пораз и да ги извлечат потребните поуки.

И сосема спротивно на демократските системи, политичката вина и злосторствата можат да се претставуваат со популизам и лаги како голем успех, а одговорноста да се одбегнува ако претходно се воведе режим  и сеење страв со што се одржува долго власта, што веќе го видовме цели 11 години. 

Друга колумна од авторот: Пеколот е во вториот круг

Победниците пак на локалните избори, доколку сакаат да јаваат на истиот победнички бран и да ја освојат парламентарната власт на брзи предвремени парламентарни избори, мораат не само да обезбедат мнозинство во парламентот, туку и да дадат јасни одговори на повеќе прашања што останаа неодговорени уште од претходните порази на последните парламентарни избори пред неполни година ипол.

Станува збор за многу покрупни и стратегиски државни интереси за кои се искажани многу опречни ставови и манипулации, преточени во лажен патриотизам. Кој е ставот на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за Преспанскиот договор со Грција. За овој пресуден договор за евроатланските интеграции на Македонија, ВМРО ДПМНЕ помина низ повеќе фази на жестоки пропаганди. Од хистерија дека е извршено предавство на националните интереси, промена на уставното име на државата, на националниот идентитет, на одземање на славното античко минато до ветување дека ако дојдат на власт ќе го поништат, па потоа мало отстапување дека ќе направат подобар договор, до целосно премолчување на оваа чувствителна тема и божем нејзино препуштање на науката. 

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Големата лага е откриена 

Истото тоа во многу поизострена форма се случи со Договорот за добрососедство со Бугарија кој наводно веднаш ќе биде поништен по доаѓањето на власт и со бројни лажни најави дека тоа бргу ќе го решат без никакви отстапки и болни компромиси. Христијан Мицкоски не гледа никакви пречки додека е во опозиција во предизборна кампања за локални избори да вети, по долго премолчување, дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја внесе Македонија во ЕУ. Како тоа ќе го направи со поништување, или промена на договорите не е време за јавно изјаснување. Рано е сега да открива дека сето тоа Мицкоски ќе го прифати, ако победи на парламентарни избори со оправдување дека не е можно тие ратификувани договори да се поништат, или да се променат. Но таа голема лага- дека нема да ги чепка договорите со соседите- е веќе откриена, останува тоа да го дознае и пошироката јавност. 

И натаму останува нејасен односот на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски кон повеќе клучни прашања од домашната политичка сцена како што беа кампањите за загрозата на македонскиот јазик со законот за јазици и кон Охридскиот договор. Со најновите коалициони предизборни партнерства со албанските политички партии тие прашања се потиснати и повлечени од јавните настапи, но никогаш не се децидно прифатени како повисоки демократски дострели.

Друга колумна од авторот: По првата рунда - СДСМ во нокдаун

Загадочно е едно од најгорливите прашања за кои ВМРО ДПМНЕ јавно се декларира како заштитник на осудените „патриоти“ и организаторите на крвавиот обид за државен удар на 27 април 2017 година по парламентарните  избори кога не можеше да формира мнозинство во парламентот, а уште попроблематичен е односот на Христијан Мицкоски кон Никола Груевски кон кого се уште не е јавно искажана ниту една ограда, или осуда за ерата на груевизмот и злосторничките здруженија во кој и самиот е учесник.

На меѓународен план прозападната ориентација на ВМРО ДПМНЕ и кон западна Европа и кон Америка на домашен терен е видливо намалена, а во повеќето јавни настапи и текстови на познати симпатизери и припадници на ВМРО ДПМНЕ и јавно приопштувана како да станува збор за непријатели и противници на Македонија, а не сојузници. Се уште со такви јавни настапи се девалвира и членството во НАТО.

Друга колумна од авторот: Како да се „освои“ Европа

Не помалку е манипулативен односот на ВМРО ДПМНЕ кон пандемијата и последиците од здравствената криза. Еднаш се повикува на тревога поради строгите ограничувања на човековите права и слободи за веќе следниот ден остро да се нападне власта дека мерките се лабави. Еднаш се бара вонредна состојба, другиот ден нејзино укинување. Еднаш нема доволно вакцини, другиот ден да не се врши притисок за вакцинирање со отворена поддршка на противниците на имунизација. Еден ден жестоки и оправдани критики за организираниот криминал и високата корупција во власта, следниот ден заштита на невино осудените во монтирани политички процеси на поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ. 

Кој ќе вади зимава жешки костени?  

Сетоа ова е дневно политички димензионирано во зависност од пресметките колку во даден момент е примамливо да се приопшти на јавноста и да донесе партиски поени. Тоа во политичката борба е дозволено, но има век на траење. Сите тие се крупни прашања за кои мора да се има јасни ставови пред јавноста кога се во прашање парламентарни избори без оглед дали се предвремени, или редовни.

Во раководството на ВМРО ДПМНЕ и кај Мицкоски, кој веќе се гледа себе си во премиерската фотелја, ќе мора да се расчистат овие пропагандни манипулации со кои се прават обиди да се изедначат локалните со парламентарни избори. Ни претстои тешка енергетска зима, голема неизвесност со пандемијата и порастот на цените на прехранбените производи, можеби затоа беше прилично помирливиот тон на Мицкоски по објавувањето на големата победа на локалните избори со призвук дека не брза многу со предвремените парламентарни избори. Овие жешки костени ќе им ги остави за вадење до пролет на властите ако остане стабилно кревкото мнозинство во парламентот. Засега доволна му беше оставката на премиерот и претседателот на СДСМ Зоран Заев. Во политиката некогаш се случуваат пресврти во еден ден. Пет-шест месеци можат да бидат долг период, или само еден миг зависи од многу нешта. Некогаш многу непредвидливи.