Сончево, студено и со можност за притвори во попладневните часови | Македонија | DW | 29.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сончево, студено и со можност за притвори во попладневните часови

Алтернативата, да не се расчисти „крвавиот четврток” како последица на некаков политички пазар за „подобро утре”, сигурно ќе предизвикаше поголема штета на нашето државотворно и општествено ткиво. Пишува Петар Арсовски.

Денов осамна со студено време, зимско сонце, и повеќе видни личности од јавниот и политичкиот живот со одлуки за притвор, во еден од можеби најголемите и најсериозни кривични предмети во историјата на Македонија. Во овој момент, поради високиот профил на случајот, се појавуваат разни драматични и високо емотивни изјави, анализи и заклучоци, кои фрлаат барем делумна магла на случајот, но мислам дека основните параметри можат да се анализираат и во екот на развојот. 

Затворање на болните поглавја

Точно е дека сега е сѐ уште нејасно дали е ова конечниот опсег на обвинети, дека не се знае како ќе се одвива случајот и дали ќе предизвика посериозни политички последици врз општата сцена во државата.  Сепак, мислам дека ваква кристална слика не ни треба да се очекува. Сепак овој случај е голем обид за отворање на болни поглавја од блиското минато, и претставува релативно масовен и сериозен проект. Нормално е дека во ваква комплицирана ситуација и комплексен процес ќе има политичка хистерија, правна неизвесност и институционални предизвици. Не треба да имаме преголеми очекувања од ниту еден актер вклучен во оваа драма, ниту пак треба да бидеме претерано обесхрабрени доколку овој процес не поминува со кристално чист резултат кај сите вклучени или пак не поминува мазно. Квалитетот на спроведувањето на случајот не може да биде различен од општиот квалитет на системот, кој, да бидеме искрени, не е многу висок.  Сепак, храброста и решителноста да се влезе во ваква катарза, со сите нејзини недостатоци, е добар сигнал за намерата и правецот во кој ќе се одвива реституцијата на нормалноста во Македонија.

Претходни колумни од авторот: 

За хушкачите и шушкачите

3:0 во гости

Мурто си отиде...

За новата ера на новиот живот во новата Македонија!

Најнапред, неколку работи се јасни и на прв поглед.  Прво, јасно е дека постои политичка одлука и волја да се влезе во ваква разрешница. Суштински, не е ни важно дали е тоа под притисок на меѓународната заедница или претставува автохтон локален обид за расплеткување, ниту пак е многу значајно дали во овој случај има и малку емотивен мотив кај дел од сегашната политичка елита, која би била задоволна со строг третман на оние кои им ги загрозија животите при настаните на 27-ми. Поентата е дека реално има основ за ваков случај, и дека сегашниот политички врв имал храброст да не влегува во матни полу-решенија, туку демонстрира одлука да се соочи со ризикот од отворањето на ваквите процеси. Тоа е секако добра вест за општеството, бидејќи претставува индикатор дали и другите случаи кои произлегуваат од матното минато, а чија разврска допрва ни следува, сегашната гарнитура ќе ги гони или ќе ги “гали”. 

Petar Arsovski (Petar Arsovski)

Петар Арсовски

Хистерија и фрустрации

Тука, истовремено треба да се очекува дека ваквиот процес ќе помине со голем протест и релативно висока доза на хистерија од страна ВМРО ДПМНЕ. Нереално е да се мисли дека тие ќе прават било што друго освен да врескаат дека ова е политички прогон, заробена држава (каква иронија), и државно насилие врз политички неистомисленици. Не се надеваме белким, дека ќе дадат политичка поддршка за процесот.  Напротив, бидејќи се работи за нивен опстанок како политички играч, мислам дека ќе ги продолжат и засилат опструкциите врз секоја фаза од развојот на случајот. Тие сега се исфрустрирани од неколку работи, и тоа дополнително ќе ја засили нивната нервоза и поведение. Прво, непријатно се изненадени со леснотијата со која судскиот систем, кој тие самите го инсталираа во последната деценија, им подели обвиненија, притвори, и се стави во служба на сегашниот процес, дури понекаде, можеби, со жестина карактеристична за „ослободени” довчерашни послушници. Потоа, сигурно не е пријатен фактот кој е очигледен, а тоа е дека постои сериозен раскол во партијата околу тоа како и со која жестина да се одговори на овој развој на настаните насочен кон нивната партија. Самиот податок за тоа колку малку присутни донесе јавниот повик на врхушката за општ народен протест покажува дека сериозен дел од партијата има дилема дали обвинетите треба да „се пуштат низ вода”, да се минимизира штетата и да се влезе во посериозни резови и реформи. 

Гледај видео 01:45

Мачна вечер на насилство во Скопје

Вистинското прашање е што ќе значи овој процес политички за ВМРО ДПМНЕ, особено што жестината на процесирањето е истовремено и најава дека ваквиот пристап на отворање и прогон на претходните властодршци ќе продолжи. Постојат две опции: или ќе ги збие нивните редови, или ќе ги забрза внатрепартиските реформи. Судејќи по млакиот одзив на вчерашните протести, мекото мјаукање на Иванов, како и смирувачките тонови од доцната средба на Груевски и Заев, изгледа дека сепак не постои капацитет за посериозен граѓански револт, па така склон сум да верувам дека ваквите случки само дополнително ќе го направат сегашното раководство на ВМРО ДПМНЕ политички “лепрозно”.

Чист процес

Единствената суштинска забелешка на тековниот процес е можеби постапувањето со пратениците, каде, согласно изјавата на Џафери, и во законодавниот дом постојат дилеми дали се целосно почитувани одредбите за пратенички имунитет. Останатиот дел е релативно едноставен, барем за јавноста (ако се изземат правните лавиринти во кои сега влегува процесот, особено поради квалификацијата на делата) – доказите се очигледни, луѓето се тие, процесот тече, институциите постапуваат. Сепак сме како општество малку затруени од претходната деценија, и прелесно подлегнуваме на теории на заговори, намери, местенки и политички прогони.  Ако се апстрахираме од хистеријата, она што останува е релативно чист, иако правно и општествено комплициран, процес.

На крајот, ако ги резимираме последните 24 часа (додека ја пишувам оваа колумна), резултатот е следен: правосудните органи покажуваат волја за храбро, одважно правно расчистување на еден од најкомплицираните настани во историјата на Македонија, процесот не оди кристално чисто и јасно, но имајќи го предвид вкупниот капацитет на системот, без преголеми грешки, а притоа немаше посериозно нарушување на нормалниот тек на политичките и општествени процеси. Алтернативата, да не се расчисти “крвавиот четврток” како последица на некаков политички пазар за “подобро утре”, сигурно ќе предизвикаше поголема штета на нашето државотворно и општествено ткиво.  Затоа, мислам дека ако по утрото се познава денот, работите тргнуваат во вистинска насока.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама