1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солидарен приход за сите невработени?

29 март 2018

Дали социјалната помош за невработените во Германија ќе биде укината? Расправата за тоа е иницирана, а министерот за труд Хубертус Хајл сега вели дека е подготвен за разговор за воведување на солидарен месечен приход.

https://p.dw.com/p/2vAkK
Geldscheinbündel
Фотографија: Fotolia/Jana Behr

„Солидарниот месечен приход“ би бил приход за лица кои се занимаваат со т.н. слободна општествено-корисна работа. А таа работа, досега, начелно не беше плаќана. Целта на иницијативата која се залага за овој вид приход е да се финансира „учеството“, а не “исклученоста“, за во време на модернизација и дигитализација да зајакне општествената кохезија. Солидарниот месечен приход, за разлика од безусловниот месечен приход, не значи дека на невработените граѓани ќе им се даваат пари туку-така, туку дека тие за возврат треба да работат - за државата.

Станува збор за работи кои ги обезбедува општината, а кои не смеат да бидат во конкуренција со дејностите на нормалниот пазар на труд. Такви се дејностите во областа на грижата за деца во приватни станови и куќи, грижа за стари и немоќни лица, помош на бегалци, советување за исхрана, организација на културни манифестации и сл.

Работодавачите против, синдикатите - за

Противниците на концептот на солидарен приход сметаат дека тој води кон зголемување на вештачки создадени работни места кои немаат никаква шанса во претприемачката конкуренција. Претседателот на Германското здружение на работодавачи Инго Крамер вели дека е тоа „погрешен пат во време на рекордна вработеност и стопански раст“ и дека фирмите сега се во трескавична потрага по работна сила на сите нивоа. Според него, тоа е шанса која треба да се искористи за лицата кои се долго без работа да се оспособат за пазарот на трудот.

Спротивно мислење имаат во синдикатот, каде со симпатии гледаат на предлогот. Шефот на Сојузот на германските синдикати ДГБ Рајнер Хофман смета дека тоа е вистинската насока која е дел од коалицискиот договор меѓу ЦДУ и СПД кој предвидува да се најде ткн. социјален пазар на труд за околу 150 илјади долгорочно невработени во Германија. 

#DE_facto: Како до работа во Германија?

Хофман укажува и на еден друг проблем, имено, на фактот дека долгорочно невработените, кога ќе најдат работа, често работат по најниски тарифи. Затоа неговиот предлог е платите на таквите лица да се усогласат со најниските тарифи кои важат за дејности во јавните служби.

Суми не се споменуваат

Засега не се споменуваат конкретни суми за солидарниот приход. Висината на актуелната социјална помош за невработени се пресметува индивидуално во зависност од брачната и имотна состојба, како и од бројот на деца. Основицата изнесува 416 евра месечно за возрасно лице кое живее само, за брачни партнери или лица кои живеат во вонбрачна заедница помошта е 374 евра, за дете помладо од 6 години се добиваат 240 евра. Освен тоа, покриени се и станбените трошоци за кирија.Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема