Совет за безбедност: Германија го дели шефовското место | Свет | DW | 01.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Совет за безбедност: Германија го дели шефовското место

Од почетокот на годинава Германија седи во Советот за безбедност на ООН. Од денеска пак официјално го презема претседателството, првпат заедно со Франција.

Што е тоа „двојно претседателство“?

И Германија и Франција во моментов се во Советот за безбедност на ООН. Франција има постојано место во Советот и врз основа на тоа секогаш е членка на највисокиот гремуим на ООН. Германија за годините 2019 и 2020 беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност. Двете земји го преземаат претседателството со Советот по еден месец - Франција во март, Германија во април. Како знак на блиската соработка двете ЕУ-земји своето претседателство за првпат го споија во „близначко раководење“. Иако  денеска има формално примопредавање на претседателството, де факто нема да се смени многу, бидејќи двете земји заеднички ја исполнуваат задачата на претседавање. Потесната соработка во ООН Берлин и Париз ја утврдија во договорот од Ахен.

Која агенда ја следат Германија и Франција?

Една од главните точки е превенцијата на кризи во Африка. Германија и Франција сакаат и натаму да ја поддржат мисијата во Мали, а и во Буркина Фасо сакаат блиска соработка во поглед на мирот и безбедноста. На хуманитарците во светот треба да им се олесни работата, да бидат подобро опремени и заштитени. Таквата иницијатива сојузниот министер за надворешни работи Хајко Мас планира да ја претстави во Њујорк. Друга важна точка е борбата против трговијата со ситно оружје на Балканот. Подобрата соработка на властите на тоа поле треба да биде пример и за други региони. Германија сака во договор со Франција да се ангажира за поголемо учество на жените во политиката и против сексуалното насилство во конфликти. Важна тема е и разоружувањето. Германија во април ќе раководи и со седница на Советот за безбедност за спречување на ширењето на нуклеарно оружје и за нуклеарно разоружување.

Кои клучни точки ги постави Германија досега во Советот за безбедност?

Од почеток на Германија ѝ беше важно да се залага за идејата за ООН, односно за меѓународна соработка. На растечкиот национализам на Доналд Трамп Германија и Франција сакаат да возвратат со мултилатерален пристап. „Двојното претседателство“ веќе е симболичен знак за таквата идеја, но Германија и Франција претходно тесно се координирале и со другите европски членки на Советот за безбедност (во моментов Велика Британија, Белгија и Полска). Заеднички европските држави се залагаат за опстојување на меѓународните договори, како на пример Парискиот договор за климатските промени или ИНФ-договорот за нуклеарно разоружување. Германија и Франција во Советот за безбедност инсистираат и на почитување на резолуциите на ООН. Па така, амбасадорот на Германија во ООН, Хојсген, неодамна остро протестираше поради кршење на меѓународното право од страна на САД со признавањето на Ерусалим како главен град на Израел, како и кршењето на резолуцијата на ООН за Голанската висорамнина.

Infografik Mitglieder des UN-Sicherheitsrates DE

Членки на Советот за безбедност на ООН во 2019 година: Велика Британија, САД, Русија, Кина, Франција, Германија, Белгија, Полска, Доминиканска Република, Перу, Екваторијална Гвинеја, Брег на слоновата коска, Јужноафриканска Република, Индонезија, Кувајт

Зошто ОН при големи кризи се речиси беспомошни?

Во суштина Советот за безбедност е често поделен околу големи светски политички прашања. Во однос на резолуција за Сирија, ова тело со години не може да се усогласи, бидејќи САД и Русија имаат различни интереси, но и двете се стремат кон искористување на правото на вето. И во однос на кризата во Венецуела, Советот за безбедност не може да најде заедничка линија. Резолуцијата на САД во која се бара испорака на хуманитарна помош и слободни избори има поддршка од Германија, Франција и други европски земји. Русија и Кина ја блокираат со вето. Со тоа по којзнае кој пат Советот за безбедност на ОН не постигна согласност околу надминувањето на еден конфликт, со што телото ја отсликува поделбата во меѓународната заедница.

Ќе добие ли Германија постојано место во Советот за безбедност?

Уште од обединувањето Германија води кампања за постојано место во Советот за безбедност. Германија и Франција при потпишувањето на заедничкиот Ахенски договор како заедничка цел објавија дека е потребна реформа на ОН и постојано место за Германија. Земјата има многу аргументи на своја страна: таа е на четврто место според уделот во заедничката каса, има најголем број војници во рамките на ОН и е глобално ангажирана на многу важни полиња за ОН, како што е климатската политика, човекови права и разоружување.

Германија не е единствената што се залага за реформи: Бразил, Јапонија и Индија се борат за ново место во Советот за безбедност. Но како што стојат нештата, реформата на ОН е со „милиметарски напредок“, како што неодамна појасни еден дипломат на ОН. Германија засега ќе мора да се задоволи само со местото непостојана членка во највисокото тело на ОН – постојано место сѐ уште не е на повидок.

DW.COM

Реклама