Собранискиот маратон продолжува во вжештена атмосфера | Македонија | DW | 10.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Собранискиот маратон продолжува во вжештена атмосфера

По жестоките вербални препукувања за време на викендот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во Собранието денеска продолжува конститутивната седница. На дневен ред и натаму се истите точки, исходот неизвесен.

СДСМ најавува скорешен избор на нов претседател на Собранието, додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со блокадите и обвинувањата дека се ризикува унитарниот карактер на државата. Во пресрет на денешното продолжение на собраниската конститутивна седница, викендот мина во размена на навреди и обвинувања меѓу двете најголеми политички партии во парламентот. „Фронтот“ го отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој се закани со „остра реакција од народот“, доколку СДСМ се обиде со „незаконско и неделовничко однесување“ да избере претседател на Собранието. Во интервју за српски „Блиц“, Груевски тврдеше дека, доколку се формира коалиција меѓу СДСМ и трите албански политички партии, „Македонија ќе стане бинационална држава“.

Во повеќе провладини медиуми од вчера кружат информации, чиј извор се функционери на ВМРО-ДПМНЕ, дека СДСМ за денеска подготвува „насилен упад во Собранието“.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski (Reuters/O. Teofilovski)

Груевски се заканува со „остра реакција на народот“

Обвинувања за поттикнување насилство доаѓаат и на сметка на Груевски од СДСМ. Оттаму порачуваат дека „многу бргу ќе биде избран нов претседател на Собранието“ и апелираат за мирен трансфер на власта.
„Груевски има интерес да ја дестабилизира државата затоа што се надева дека ќе избегне одговорност за криминалот“, одговараат Социјалдемократите.

Од партијата во повеќе наврати најавуваа дека Собранието наскоро ќе биде деблокирано, но досега не изнајдоа начин да го сторат тоа. Не помина ни минатонеделниот обид преку потписи на десет пратеници да се премине на следната точка за избор на спикер, откако претседавачот Трајко Вељаноски го отфрли предлогот. 

Конститутивната седница на Собранието формално започна на 30 декември минатата година, но оттогаш, изборот на претседател, а потоа и обидот да се избере влада од пратениците на мнозинството кое го формираа СДСМ, ДУИ, Алијансата на Албанците и Беса, е блокирано од ВМРО-ДПМНЕ.

Претставниците на ЕУ, САД и НАТО во повеќе наврати упатија апели да се почитува мнозинската волја на граѓаните и да се дозволи избор на собраниски спикер и на нова влада во Македонија.

DW.COM

Реклама