Собранието ќе помирува без преминување на „црвени линии“ | Северна Македонија | DW | 30.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Собранието ќе помирува без преминување на „црвени линии“

Македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека согласност за процесот на помирување е постигната, но предупреди дека црвените линии не смеат да се поминуваат.

Ние изразивме политичка волја, а сега да им оставиме на правните тимови да ги направат следните чекори, изјави денеска по средбата со Координативното тело за помирување и интеграција во Собранието, премиерот Зоран Заев. Според него, мора да се направи „дистинкција“ помеѓу „насилство и и учество“ во настаните од 27 април 2017 година во Собранието. 
Заев нагласи дека би требало да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, како и што е физичко насилство, а што реализација и осмислување и што значи учество во толпа и заведеност или понесеност за такво учество. Тој тврди дека постои волја и желба за помирување, но потенцира дека црвените линии не смеат да се поминуваат за „да не ни падне напамет да влијаеме врз правосудниот систем“. 

Повеќе: Помирувањето бара и дијалог меѓу Заев и Мицкоски

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, која е копретседателка на Координативното тело за помирување и интеграција, потенцираше дека разговорите се водат во духот на „стратешките цели на Република Македонија, а тоа е заокружување на процесот на уставни измени, добивање на членство во НАТО и секако процесот на започнување разговори со ЕУ, што искрено очекуваме да почнат во јуни следната година“.

Повеќе: Македонско помирување

Според Ременски, сите овие процеси се комплеметарни. Оценувајќи дека јавноста и медиумите се фокусирани на Законот за амнестија, Ременски додаде дека „работните групи и тела имаат мандат, бидејќи го имаат веќе и составот, ги имаат и претставниците од Владата што ќе учествуваат во работата на ова тело, дека ги имаат сите механизми што им се дадени согласно со одлуката, да вклучуваат и други пратеници, правни експерти, да ги вклучат МАНУ, цивилно општество, медиуми, коишто ќе можат да сугерираат и даваат решенија за овој комплексен процес“.

Емилија Александрова, копретседавач на Координативното тело од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека на денешната средба се водела конструктивна дебата и дека се формирани три подгрупи за интеграција, реформи и помирување, кои до вторник треба да ги разгледаат своите области и да излезат со конкретни предлози и решенија, со што би се дало динамика на процесот.

DW.COM

Реклама