Собранието на работа, ВМРО-ДПМНЕ на тест | Северна Македонија | DW | 09.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Собранието на работа, ВМРО-ДПМНЕ на тест

Парламентот е прв тест за опозиционерот Мицкоски: ќе се определи за политика на конструктивност или за политиките на својот претходник? „Патриотски организации“ најавуваат кампања за граѓанска непослушност.

Седници на две собраниски комисии и шест пленарни седници. Со ваква агенда пратениците го почнуваат првиот работен ден во 2018 година, во која треба да бидат усвоени голем број реформски закони и ратификувани важни одлуки за интегративните процеси на Македонија. До утрово беше неизвесно дали парламентот ќе заседава во полн состав или без пратениците од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека денеска претпладне ќе одржат координативен состанок, на кој ќе решат дали пратениците ќе се вклучат во работата на парламентот, односно кои чекори партијата ќе ги преземе во иднина. Тие го бојкотираат Собранието по притворот на нивните шест пратеници, осомничени за настаните од 27-ми април.

Доколку денеска не биде донесена таква одлука, не е исклучено опозицијата да се врати во Собранието на 15-ти јануари, а повод за тој чин да биде доставувањето на нивниот законски предлог за амнестија на осомничените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.

Жежок јануари

Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде и своевиден прв тест за политиките на партијата под водство на новиот претседател: дали Христијан Мицкоски ќе се определи за политика на конструктивно дејствување или ќе ги продолжи политиките на бојкот и опструкции, кои неговиот претходник Никола Груевски го доведоа до тежок изборен пораз и заминување од лидерската позиција.

Особено, што од денеска во парламентот ќе се расправа за жешки и реформски закони, кои често беа предмет на критика од опозицијата. На дневен ред на закажаните седници денеска се предлог-законот за употреба на јазиците, за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, за укинување на Советот за утврдување на факти, и ред други за кои владејачкото мнозинство не сакаше да се гласа во отсуство на опозицијата. На дневен ред на денешната седница е и изборот на уставни судии. Но, и во наредните денови е важно присуството на опозицијата.

Повеќе на темата:

Илија Димовски се повлече, Влатко Ѓорчев ги координира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

И Мицкоски ја препознал новата можност, но како?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 15-ти јануари ја закажа седницата на која пратениците ќе го разгледуваат предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1-ви август минатата година во Скопје. На истата седница на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од препораките на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. Потоа, на 18 јануари напладне, пред пратениците треба да се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска e во Атина

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој денеска во Атина ќе има средба со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, и со алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, очекува конструктивност на опозицијата и заради неопходните реформи во интерес на граѓаните, и заради европската иднина на земјата.

„Една третина од реформските закони се гласаат со квалификувано, двотретиниско мнозинство, и можното отсуство на опозицијата ќе го оневозможи нивното гласање. Верувам дека поради тежината на консензусот во овој период, и опозицијата ќе помогне во гласањето на тие закони“, изјави Османи.

Повик за граѓанска непослушност

Но, паралелно со овие заложби, од дел од јавноста стигнуваат и други пораки, кои бараат „консензус“ во одбивањето на најавените законски проекти во парламентот. Со Проглас за „граѓанска непослушност“ се огласи патриотското здружение „Тврдокорни“, а кампањата е најавена како заедничка активност со „Македонски обединети сили“ (МОС), Движењето „Преродба“ и Светскиот Македонски Конгрес (СМК).

Во прогласот се вели дека кампањата за граѓанска непослушност и морално жигосување се води против внатрешните сили, партии, организации и поединци кои вршат дејства во спроведување на плановите за разнебитување на македонската нација.

„Не ги признаваме за легитимни органите кои себе си се нарекуваат: Собрание, Влада и судство на Република Македонија, сѐ додека управувањето со Македонија не му се врати на нејзиниот легитимен историски носител - македонскиот народ. Посебно не признаваме ниту една одлука од национален карактер која ќе ја донесат наведените органи. Во секоја прилика ќе даваме отпор во спроведувањето на секоја нивна одлука. Сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ“, се вели во прогласот.

Како „антимакедонски“ ги посочуваат законот за употреба на јазиците, Договорот за добрососедство со Република Бугарија, Планот 3-6-9, и договарањата за името. Во прогласот следи и предупредување дека „сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани како изроди од македонскиот народ, а нивните нечесни семејства, нечесни родители и нечесно потомство секаде ќе бидат подложени на третман како одродници“.

DW.COM

Реклама