Соборот на СПЦ го одобри канонското единство со МПЦ-ОА | Северна Македонија | DW | 16.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Соборот на СПЦ го одобри канонското единство со МПЦ-ОА

На овој начин се решава спорот кој датира од 1967 година, кога Македонска православна црква се одвои од Српската православна црква, тврдат медиумите во Србија. Во Македонија, засега, молк.

Соборот на СПЦ го одобри канонското единство на СПЦ со Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Со тоа, како што јавуваат српските медиуми, е решен спорот кој датира од 1967 година, кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ. Пред ваквата одлука на Собранието биле обновени разговорите меѓу српскиот патријарх Порфириј и претставниците на МПЦ, на чело со владиката Стефан, кои се водеа на преговарачка маса во Ниш и тоа во најголема тајност. 

„По 20 години, откако на 17 март 2002 година беше постигнат Нишкиот договор меѓу Српската православна црква и МПЦ, на истото место, за време на првомајските празници, повторно беше воспоставена официјална комуникација, а плодовите од таа комуникација вродија со денешната одлука на Собранието“, наведуваат медиумите во Белград.

Дијалог и разбирање

Од СПЦ соопштија дека се поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, најшироката можна автономија и целосна независност на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, доделена во 1959 година, „благодарение на Бога и со радост“. „Бидејќи со ова се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година, се воспоставува целосно литургиско и канонско причестување“, се вели во соопштението.

Nord-Mazedonien Weihnachten in Skopje

Дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и наменски, легитимен и реален, велат од СПЦ

Со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и наменски, легитимен и реален. „Во дијалогот за нивниот иден, и евентуално конечен канонски статус, СПЦ ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за 'реалполитички, геополитички, црковно-политички' и други слични факти или еднострани иницијативи и не подлегнувајќи на ничии влијанија или притисоци“, велат од СПЦ.

Притоа се додава дека Собранието нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората.

Заедничка богослужба?

Ваквата вест следи откако Македонската православна црква – Охридска Архиепископија демантираше дека планира одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на МПЦ и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, којшто ќе се одржи во Белград. 

Српските медиуми викендов јавија дека СПЦ планира да „признае единство“ со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“. 

-повеќе на темата: Крај на изолацијата: Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА за канонска

Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници. 

На 5 јуни, на празникот Педесетница или Света Тројца, најверојатно во Истанбул, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. 

Светиот Синод на Вселенската патријаршија на 9 мај, под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ја призна за канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата веќе не е во шизма и раскол со православниот свет. 

DW.COM