Сноуден доби уште три години престој во Русија | Свет | DW | 07.08.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сноуден доби уште три години престој во Русија

Едвард Сноуден доби уште три години престој во Русија, соопшти неговиот адвокат. Американскиот „свиркач“ со тоа ќе има право да побара и руско државјанство, а веќе и се вработил во рамките на струката.

Поранешниот соработник на американската тајна служба Едвард Сноуден доби нова дозвола за привремен престој во Русија во траење од три години, соопшти денеска неговиот адвокат Анатолиј Кучерена, додавајќи дека не станува збор за политички азил.

Сноуден добил привремен престој од 1 август годинава, кога му истекол претходниот престој кој беше во траење од една година. Според Кучерена, Сноуден сега има право да побара и руско државјанство и може слободно да се движи низ Русија, да излегува и да се врати во земјата во рок од три месеци. Адвокатот исто така истакна дека Русија досега не добила од САД официјално барање за израчување на Сноуден „кое би одговарало на меѓународните акти“.

Кучерена потврди дека Сноуден во Русија го чува приватна фирма за обезбедување. „Тој нема државно обезбедување и не може да има. За државно обезбедување постојат бројни бирократски пречки“, рече тој.

Авокатот исто така потврди дека Сноуден во меѓувреме почнал и да работи во информатичко-технолошката бранша, но не кажа детали за каде работи.

Едвард Сноуден на медиумите им предаде документи за програмите на американската Национална безбедносна агенција- НСА, а во јуни 2013 година побегна од САД во Хонгконг. Оттаму одлета за Москва, каде и остана откако американските власти му го поништија пасошот.

Реклама