Сметката на Макрон со многу варијабли | Свет | DW | 14.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сметката на Макрон со многу варијабли

По повеќенеделни протести против неговата политика, францускиот претседател Макрон напиша писмо во кое бара помирување со народот. Тоа ќе оди тешко, но не е невозможно, смета Макс Хофман.

Во неделата вечерта Претседателот конечно го испрати долго најавуваното писмо до своите сограѓани. Во него поставува 32 основни прашања. Тие се однесуваат на даноците, екологијата и државата како таква. И, објаснува како сака во неделите што доаѓаат повторно да стапи во дијалог со Французите. Комуникацијата е сѐ, особено кога се работи за спас на еден однос.

Цела Франција треба да дискутира за елементарните политички прашања два месеца, на пример во градските собранија, на работното место или на пазарите. Макрон лично ќе го почне сето тоа со „голема дебата“ на 15 јануари во Нормандија. Тој веќе има направено сличен обид, кога минатата есен тргна на голема турнеја во знак на сеќавање на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна. И тогаш се работеше за повторно воспоставување контакт со народот, за воскреснување на барем малку од духот кој владееше за време на неговата изборна камапња пред две години.

Сакаат ли Французите воопшто помирување?

Меѓутоа, тие денови, ако се погледнат протестите на „Жолтите елеци“ кои траат повеќе од два месеца, се чини се неповратно поминати. Во текот на викендот бројот на учесници на протестите повторно се зголеми. Ширум Франција демонстрираа 84.000 луѓе и се чини како интензитетот на насилството да се зголемува. Во таков случај, дозволено е да се постави прашање - дали Французите воопшто сакаат да ги искитираат односите со својот Претседател?

Hofmann Max Kommentarbild

Макс Хофман

Макрон во своето писмо става јасно до знаење дека не сака почеток на нов радикален курс. Многу повеќе тој бара разбирање за она што го има започнато и за своите убедувања поврзани со она што го прави. Тој се обидува да стави јасно до знаење дека француската држава може да даде само онолку колку што зема. Инсистира на тоа дека „еколошки пресврт“ е неизбежен. Останува на тоа да не го воведува неодамна укинатиот данок на богатство. Голем дел од експлозивните работи поради кои се распали движењето на „Жолтите елеци“ се сѐ уште тука.

Животниот еликсир на „Жолтите елеци“

Очигледно францускиот претседател со својата подготвеност за комуникација се обидува да му ја одземе силата на движењето. Тоа сигурно би било поуспешно доколку несогласувањата помеѓу Претседателот и народот почиваа на низа недоразбирања. Меѓутоа, ова не е таков случај. Макрон уште во текот на предизборната кампања стави јасно до знаење што сака да направи и тоа во голема мерка и го прави. Тој може единствено да поработи на својот стил, кој честопати се восприема како владетелски, и да направи мали корекции на курсот. Во спротивно, ќе ја загуби веродостојноста во очите на многумина, како што тоа им се случи на некои негови претходници кои потклекнаа пред синдикатите и бесот на улицата.

Но, дали тоа ќе биде доволно? Сигналот на „Жолтите елелци“ во текот на викендот беше прилично јасен. Се чини дека не се грижат многу за офанзивата на шарм на Претседателот. Конфликтот со него е животен еликсир за движењето и тука нема ништо да се промени. Но, што е со остатокот од нацијата? Според истражувањата на јавното мсилење, отприлика половината од Французите е на мислење дека е доста со протестното движење. Значи, поддржувачи на Претседателот сѐ уште има. Па сепак, Макрон од тој факт не може да извлече јасно упатство за делување.

На Французите им е потребна интензивна терапија

Затоа тој го прави веројатно единственото можно во неговата позиција - не ги издава сопствените уверувања, поради кои и беше избран за претседател. Истовремено, бара подобрување на стилот и се прикажува како отворен за сите предлози кои ќе се искристализираат во текот на големите дебати во наредните месеци.

Се разбира, се надева дека неговите реформи ќе покажат првични ефекти и дека во меѓувреме „Жолтите елеци“ ќе загубат сила. Тоа е сметка со многу варијабли. Па сепак - би можело да успее. Во политичките односи често е како во меѓучовечките. Тие многу полесно се уништуваат отколку што се градат. Макрон и Французите во наредните месеци се соочени со интензивна терапија, чиј исход е неизвесен.

DW.COM

Реклама