Случај „Рекет“ - танго за кое се потребни тројца | Северна Македонија | DW | 22.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Случај „Рекет“ - танго за кое се потребни тројца

Жртва, посредник/ци и центар на моќ. Тоа е триаголникот во кој може да се реализира оваа криминалната шема. Истрагата што поскоро мора да ја утврди и третата страна.

Обвинителката Катица Јанева има дадено овластувања за обвинителите кои ги застапуваат предметите на СЈО пред судовите, потврдуваат од ова Обвинителство. Тие објаснуваат дека и досега била таква практика кога обвинителката била отсутна заради боледување, одмор или службени патувања. Според тоа, додека Јанева е на боледување, работата на обвинителите во СЈО воопшто не е попречена.

Повеќе работа во претстојниот период ќе има Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое треба во истрагата да обезбеди одговори на повеќе прашања поврзани со актуелниот случај „Рекет“.

Какви сознанија произлегуваат од содржината на видео и аудио доказите доставени од сведокот - пријавувач на изнудата, а во кои на спикерфон наводно се слушал и гласот на еден обвинител: дали разговорот укажува дека обвинителот знаел за „темата“ на разговор меѓу сведокот и првоосомничениот, или само перфидно бил инволвиран од првоосомниченот во намера пред жртвата на изнуда да покаже блискост со обвинителот?

И хронологијата на настаните може да даде одговор и на ова, и на следното прашање: Ако парите биле исплаќани во два наврата, тоа значи дека после првата исплата жртвата на изнуда веќе имала некаква корист, штом исплатила и втора тура кеш. А со оглед дека парите биле подигани од банкарска сметка, а не од под перница, може да се спореди дали настаните потоа имаат „логичен“ след. Односно, дали датумите на подигање и предавање на кешот биле следени и од соодветни активности од „другата страна“ за ублажување на мерките кон осомничениот од СЈО (замена на затворски во куќен притвор, враќање на патна исправа .ит.н).

За потребите на истрагата е одземен телефон на обвинител, но не и вториот телефонски апарат, кој наводно бил изгубен во Белград. Многу е важно да се открие кога е изгубен - дали тоа се случило далеку пред да биде обелоденет случајот „Рекет“ или непосредно во деновите пред или потоа. Базните станици може да дадат одговор кога последен пат телефонот бил во функција и на кое подрачје, така што вистинитоста на изјавата за изгубениот телефон лесно може да се потврди или демантира.

Со оглед дека пријавувачот наводно имал обезбедено видео и аудио докази за сторителите на кривичното дело, важен е и одговорот на прашањето: кога решил да го пријави случајот - дали кога посредниците почнале драстично да ги зголемуваат бараните суми, или кога пријавувачот сметал дека веќе собрал доволно докази што ги откриваат сите актери инволвирани во шемата за изнуда.

Ако во овој случај пријавувачот е жртва на изнуда, а првоосомничениот и второосомничениот биле посредници во тие дејства, тогаш Обвинителството мора што поскоро да ја утврди клучната алка - кој е личноста на влијание што можела да го испорача она што посредниците му го нуделе на клиентот. Бидејќи, без личност со конкретно влијание шемата за изнуда едноставно би била невозможна за реализација. 

Но тој процес мора да финишира во догледно време, бидејќи секое одолговлекување (со или без причина) ја јаде супстанцата на СЈО, на правосудниот систем, па и на нормалното секојдневие. Нагаѓањата и шпекулациите го предводат орото со поголема брзина од очекувањата на јавноста да добие релевентни информации од истрагата. Особено што случајот „Рекет“, за жал може драматично да влијае врз донесувањето на законската регулатива за Јавното обвинителство, за која досега не е постигната согласност меѓу власта и опозицијата, а влегува во собранислка процедура. 

Осомничените Б.Ј. и З.М., како и сѐ уште неутврдените учесници во кривичното дело ѝ подарија на опозицијата совршено алиби да бара затапување на острицата на СЈО по нејзиното инкорпорирање во ЈО. Така што „изнудата" ќе продолжи, но со други средства. „Сакате да гласаме за законот за ЈО? Ќе гласаме само под услов трансформираното СЈО да не може да ги продолжи предистрагите и истрагите започнати по законскиот рок“.

Ако на таков начин се кали законот, на крајот ќе добиеме обвинителско одделение инкорпорирано во ЈО кое ќе служи за декор и потсетување на едно горко искуство - како изнудата може да уништи не само една институција, туку длабоко да ја рани државата.

На Б.Ј. не му е забрането да биде непромислен на своја сметка, но не и на оние оние кои се на високи одговорни позиции за одбрана на правната држава. Ако такви свесно или несвесно асистирале во реализација на криминални дела на непромисленици, ќе мора да понесат одговорност. Довербата им била дадена за поинакво однесување. 

DW.COM

Реклама