Случај Крпач: Во Македонија е изгубена границата меѓу мафијата и државата? | Северна Македонија | DW | 29.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Случај Крпач: Во Македонија е изгубена границата меѓу мафијата и државата?

Во стручни кругови зголемени се сомнежите дека Владата намерно создава хаос со надлежностите во МВР, за да се скријат траги од пресметки со клучни сведоци кои проговориле за криминалите на власта

Во Институтот за судска медицина вчера заврши обдукцијата на телото на Коста Крпач (40), академски сликар, управител на фирмата „Финзи“ и лице аболирано од претседателот Иванов, кој пред два дена беше пронајден мртов во неговиот дом во скопската населба Капиштец. Резултатите кои ќе му бидат предадени на обвинителот надлежен за овој случај, ќе дадат одговор на прашањето дали Крпач се самоубил или бил застрелан од друго лице. И покрај тоа што криминалистичката статистика покажува многу мал процент на самоубиства со застрелување во градниот кош, според извори од истрагата, не е исклучено дека се случило токму тоа. Нова светлина врз случајот фрли вчерашното соопштение на Специјалното јавно обвинителство, според кое, кај нив никогаш не била водена кривична постапка против Коста Крпач и никогаш немал својство на осомничено лице.

„Од тие причини за нас е нејасна одлуката на претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и се уште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на претседателот дека наводно против ова лице се водела кривична постапка“, соопшти СЈО. Од таму потенцираат дека Крпач доброволно се јавил СЈО во својство на сведок за една предистражна постапка и дека „соработката со него била беспрекорна“.

До синоќа никој од истрагата не се обратил до Специјалното обвинителство, кое соопшти дека „поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач“ и дека СЈО е отворено за соработка со органите на прогонот кои сега ја испитуваат неговата смрт.

Најтешките денови на Крпач

Како Крпач станал мета на притисоци? По барање на СЈО, во почетокот на април, судија на претходна постапка одобрил наредба за претрес во домот на Крпач, како и за одземање на документи од Централниот регистар, меѓу кои и за една фирма во која тој во одреден период се јавувал како сопственик. Откако завршила таа постапка, во која тој немал статус на осомничено лице, а била насочена кон истражување активности на други физички и правни лица со кои во еден период Крпач имал деловна комуникација, веднаш се вклучил алармот кај многумина засегнати од истрагата на СЈО. Како што дознаваме, од тој момент започнале најтешките денови во животот на Коста Крпач. Ситуацијата кулминирала откако бил виден како влегува во зградата во која е привремено сместено СЈО. Евиденцијата на сите што влегуваат во таа зграда ја вршеле лица од доверба на еден претходно осомничен, а сега аболиран началник во МВР. Следењето траело 24/7, по распоред, шема и пунктови. Сите лица што биле снимени дека влегуваат во СЈО, а кои можеле со свое сведочење да станат потенцијална опасност за засегнатите од постапките на обвинителството, потоа биле изложувани на постојано испрашување, „советување“, широкогради ветувања, а ако тоа не давало резултат, следувале енормни притисоци и закани од засегнатите центри на моќ. Тоа му се случувало и на Крпач, без прекин, до кобниот ден. Извори упатени во истрагата, поради суптилноста на информациите поврзани со овој случај, засега не сакаат јавно да коментираат. Но, ја илустрираат сцената и активностите што се одвиваат во неа.

„Криминалните банди во насилството за расчистување на сметките помеѓу сопернички групации или во пресметка со претставници на институции кои им застануваат на криминалниот пат (полицајци, обвинители, судии или политичари) применуваат најбрутални средства со цел да ја остварат својата доминација. Особено загрижува што ваквите групации заштитата ја добиваат од власта, поради испреплетеност на нивните меѓусебни интереси. Токму поради ова, евидентно е дека кај нас досега нема ниту еден насилен инцидент од криминални банди кон претставници на власта. Ова остава широк простор за истражување. Секаде во светот мафијата има за цел да ги отстрани државните службеници кои им стојат на патот, применувајќи најбрутални средства на застрашување, па дури и ликвидации, каков што беше случајот со обвинителот Фалконе во Италија. Кај нас вакви случаи не се среќаваат, поради што се поставува прашањето каде е демаркациската линија помеѓу мафијата и државата. И дали воопшто постои демаркациска линија меѓу мафијата и државата“, вели соговорникот.

Како Бугарија пред две децении

Според безбедности експерти, вакви случаи на убиства и самоубиства најмногу биле изразени во периодот по деведесетите години на минатиот век, во фазата на трансформација на комунистичкото општествено уредување во капиталистичко. Како еклатантен пример за тоа, ги посочуваат состојбите во Бугарија во тој период, кога корумпирани политичари истовремено биле и заштитници на криминалното подземје, со чија помош доаѓале на власт.

„Безбедносните служби беа целосно под капата на корумпираната власт која ги оневозможуваше во нивно дејствување во борба со бандите. Неретко и криминални босови се наоѓаа на високи позиции во полициските структури (пример е и Албанија во деведесетите години). Моќта на бандите беше огромна, па беа убиени и премиери во опкружувањето - во Бугарија и Србија. Во периодот кој следуваше, поради структурните промени на патот кон ЕУ, дојде до стабилизирање на состојбите на овој план. Но, и криминалот доби нови димензии со преминување во нови софистицирани форми (криминал преку тендери), со што од улиците се пресели во институциите. Тоа е очигледно и од годишните извештаи на Европол“, констатираат тие. Според нивна оценка, поради партизираноста и нефункционалноста на институции задолжени за борба со криминалот, во периодот што следува и Македонија може да стане сведок на она што се случуваше во нејзиното соседство пред две децении.

Создавање хаос

Таков став дели и професорот Ѓорѓи Спасов, кој во еден период беше амбасадор во Софија.

Innenministerium Mazedonien

„Македонија, за жал, влегува во состојба во која се наоѓаше Бугарија пред 20 години. Тогаш се случуваа многу неразјаснети убиства и самоубиства поврзани со пресметки во подземјето и немоќта на полицијата и на судството. Правдата се делеше на улица, а полицијата која и сама беше вмешана во пресметките ја играше улогата на статистичар кој само ги евидентира и пребројува жртвите. Се случуваа и самоубиства на луѓе, за кои подоцна се дознаваше дека тоа им било изнудено од мафијата. Премиерот Андреј Луканов беше ликвидиран во 1996 година пред неговиот дом од платени убијци облечени како ѓубреџии. Кога луѓе во сферата на бизнисот ќе сфатат дека судот не ги заштитува, тие ја преземаат правдата во свои раце и сами си го наплатуваат долгот или се одмаздуваат за направена штета. Убиствата на можни незгодни сведоци за направен криминал таму беа вообичаена работа долго време“, потсетува Спасов.

Истиот ден и речиси во исто време кога во скопски Капиштец се одвивала драма во домот на Крпач, во битолската населба Карпош со куршум во ногата беше застрелан Борче Петковски, локален функционер на СДСМ и поранешен пратеник. Настанот се случил додека Петковски седел и разговарал со поранешен градоначалник и со поранешен началник на УБК. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека не сака да става ништо во политичка конотација и дека остава МВР да го истражи случајот.

Неколку началници уште минатата недела му откажаa послушност на Спасовски и примаат наредби од дополнителниот заменик-министер Митко Чавков. Во стручни кругови се зголемени сомнежите дека Владата намерно создава хаос во МВР со одземање на надлежностите на министерот, за да се спречат или забошатат истраги и да се скријат траги од пресметки со клучни сведоци кои проговориле за криминалите на власта или се подготвуваат да го сторат тоа.

DW.COM

Реклама