Случајот Озил и прашањето: колку е расистичка Германија? | Информации и анализи за Германија | DW | 24.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Случајот Озил и прашањето: колку е расистичка Германија?

Одлуката на Месут Озил повеќе да не настапува за германската фудбалска јавност и натаму предизвикува жестока дискусија во спортската јавност во земјата, а сѐ позасилено и во политички Берлин.

„Германија е космополитска земја“, нагласи портпаролката на владата, Улрике Демер на неделната прес-конференција. „Интеграцијата на луѓето од мигрантско потекло е клучна задача на сојузната влада“, рече Демер. Сепак, кога станува збор за актуелниот случај со обвинувањата за расизам, кои го следат откажувањето на Месут Озил од настапување за репрезентацијата, владата во Берлин не дава одговор. „Канцеларката Ангела Меркел го почитува Месут Озил“, рече Демер. „Тој е извонреден фудбалер, кој многу придонел за репрезентацијата“, соопшти Демер. Според неа одлуката на Озил не ѝ наштетува на интеграцијата, и Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) не сноси никаква вина.

Слично се изјасни и министерот за надворешни работи Хајко Мас, кој веднаш по објавата на Озил се сретна со британскиот колега Џереми Ханд: „Не верувам дека случајот на еден мултимилионер, кој живее и работи во Англија, пружа информација за способностите на интеграцијата во Германија“, рече Мас. Хант пак не сакаше да се изјасни за Озил, кој игра во лондонски Арсенал.

Месут Озил, во неделата објави дека повеќе не сака да игра за германската репрезентација. Бабата и дедото на Озил се доселиле во Германија, а тој е роден во Гелзенкирхен. Во 2007 се откажа од турското државјанство за да може да стане државјанин на Германија. Неговото фотографирање со турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган спроти изборите во Турција, одржани во јуни, предизвика голема дискусија во Германија пред Мундијалот во Русија.

Вината на ДФБ

Сепак независно од контроверзите поради фотографијата со Ердоган, германските политичари одговорноста за Озиловото напуштање на репрезентацијата му ја префрлаат на ДФБ: „Севкупно настанува голема штета за германскиот фудбал“, вели Франк Штефел портпарол за спорт на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). „Се стекнува впечаток дека ќе беше подобро сите вклучени повеќе да говорат едни со други, отколку едни за други“, вели Штефел за ДВ. Но за него е јасно: „Спортски гледано, Месут Озил останува секогаш дел од екипата која стана светски шампион во 2014 година“.

Ерхард Грундл, од партијата на Зелените, има слично гледиште: „Жалам што во 2018 година еден заслужен репрезентативец поради расизам ја напушти фудбалската репрезентација“, изјави Гриндл за ДВ. Тој исто така смета дека за тоа е виновен ДФБ: „Едностраното припишување на вината на адреса на Месут Озил од страна на претседател на ДФБ, Рајнхард Гриндел и менаџерот Оливер Бирхоф од спортскиот пораз на германскиот тим на Мундијалот направи криза на целокупниот Германски фудбалски сојуз“, вели Грундл.

Портпаролката за спорт на Либералната партија, Брита Даслер, поради сето ова бара персонални консеквенци во ДФБ: „Одлуката на Озил ни говори за тоа дека ДФБ не е дораснат на модерното доселеничко општество. Затоа сега е вистински момент за дебата за тоа како најголемиот фудбалски сојуз во светот се однесува кон ваквите прашања“, вели Даслер. 

„Длабоки рани во општеството“

Прашањата за тоа дали фотографијата на Озил со Ердоган беше коректна и каков придонес играчите дадоа за лошиот резултат на СП во Русија не играат улога кога станува збор за дебатата за структурниот расизам во германскиот фудбал. Ова е заедничкото мислење во политички Берлин.

Само десничарско-популистичката Алтернатива за Германија (АфД) во целиот контроверзен случај гледа потфрлање на германската интеграциска политика: „Одлуката на Озил за напуштање на репрезентацијата е пример за пропаднатата интеграција на преголемиот број доселеници од турско-муслиманскиот културен круг“, напиша претседателката на пратеничката група на АфД во Бундестагот, Алис Вајдел на социјалните мрежи.

„Случајот Озил сведочи за длабока рана во општеството“, истакнаа за ДВ од Централниот совет на муслиманите. „Станува збор за расизам во општеството и за тоа како отворено да се однесуваме кон тоа и така да се создаде шанса тој да биде победен“, велат во Советот.

 

DW.COM

Реклама