Слободниот пад на „Слободната сириска армија“ | Свет | DW | 10.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Слободниот пад на „Слободната сириска армија“

Слободната сириска армија порано се бореше против Асад, а за демократија. Во меѓувреме тргна по сосема други патишта, сега тоа е лабав сојуз кој вклучува и џихадисти.

Во средината на јануари Слободната сириска армија, ФСА, на Вашингтон му порача дека ЦИА треба да продолжи да ја поддржува, откако поддршката престана со доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД. Ако поддршката изостане, аргуметираше ФСА, во Сирија ќе се зголеми влијанието на Иран. А ФСА самата не е доволно силна да му се спротистави, рече Мустафа Сејари, еден од командантите на оваа армија. Време нема многу, тоа истекува, дополни Сејари во разговор со новинската агенција Ројтерс: „Непружањето натамошна поддршка на умерените сили на ФСА е опасно“. 

Само една недела подоцна, стана јасно за што зборува командантот.  Околу 35.000 борци на ФСА влегоа во борба против Курдите на страната на Турција.  ФСА е основана во 2011. година како собир на секуларни противници на Башар ал-Асад, а сега, во февруари 2018. година, се бори против сириските Курди, граѓани на демократската држава која сакаше да ја воспостави.

Syrien Gefechte um Dabiq (Getty Images/AFP/N. Al-Kathib)

Сириската слободна армија бараше поддршка во оружје од САД

Предисторија на една одлука

Одлуката да почне борба против граѓаните на сопствената држава има долга предисторија. Таа е резултат на превирањата меѓу сојузите во редовите на Асадовите противници. Во изминатите години ФСА помина низ политичка и воена одисеја, за на крајот првобитниот карактер на оваа армија да се преобрати во своја спротивност.

„Практично нема веќе Слободна сириска армија“, изјави за радио Дојчландфунк Камал Сидо, референт за Блиски Исток во Друштвото за загрозени народи: „Слободната сириска армија е само плашт под кој се кријат различни имиња. Ако ги погледнете имињата и видео-снимките на тие групи, нивното заминување во битки, ќе констатирате дека станува збор за радикално- исламистички џихадистички групи.“ 

Аналитичарот за Блиски Исток Чарлс Листер од трустот на мозоци Брукингс пренесува дека под знамето на ФСА се борат околу 80 групи. Нивните политички цели се разликуваат, а и на воен план секоја од нив оди по свој пат. Според негови зборови, името ФСА сугерира одамна непостоечко единство.

По политичко-идеолошкиот распад следеше и воена разградба. За САД, ФСА никогаш не беше целосно доверлив партнер. Во Вашингтон отсекогаш стравуваа дека испратената поддршка во форма на опрема и оружје за Слободната сириска армија може да стигне во рацете на џихадистичките борци од Исламска држава. Владата на Обама, во однос на поддршката и испораката на оружје, се однесуваше воздржано, исто како и сегашната на Трамп.

Syrien | Kämpfer der Freien Syrischen Armee (Getty Images/AFP)

Нејасно - кој и против кого се бори во Сирија

Трагична потрага по силен партнер

Последица на тоа беше што ФСА побара други партнери, вртејќи се кон џихадистичките групи, често подобро вооружени од неа. На таков начин, загриженоста на САД дека можат да поддржат погрешен партнер, се обистини на трагичен начин: создадена е војска која во никој случај не сакаа да ја помагаат. Делови од тие радикални групи сега се борат на страната на Турција против Курдите.

Повеќе на темата: 

Турција и сириската сложувалка

Со германски тенкови на Курдите

Најавата на Ердоган за напад може да заврши неславно

Развојот на ситуацијата доведе до она што е сега очигледно во Африн: на страната на Турција, под знамето на ФСА, не се борат само џихадисти, туку и секуларни групи. Ним првенствено им е важно зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија, без оглед што се против режимот на Асад. Тие сметаат дека Курдите во Африн го загрозуваат сирискиот интегритет.

Борците од ФСА стравуваат дека крајниот северозападен регион некогаш може да стане не сириско, туку курдско подрачје, дел од евентуална новоформирана курдска држава. Членовите на курдската Партија на демократската унија, ПИД, тоа го демантираат. Но, Турција и борците на ФСА кои се борат со неа, не им веруваат на Курдите. 

Сепак, ФСА не може да негира една противречност. Луѓето кои ги напаѓа во име на територијалното единство на Сирија, се Сиријци: сириски Курди. Тие се дел од републиката за која ФСА наводно се бори. Политичката идеологија и воената пракса се во колизија. Се чини, бунтот во Сирија веќе нема смисол. Башар ал-Асад, поддржуван од Русија и од Иран, и натаму е на власт. Сѐ помалку е јасно против кого воопшто се борат некогашните бунтовници.

 

DW.COM

Реклама