Слобода на печатот: Како исчезнува нешто што се подразбира само по себе | Информации и анализи за Германија | DW | 24.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Слобода на печатот: Како исчезнува нешто што се подразбира само по себе

Отвореното попречување во работата на новинарски тим во Дрезден е скандалозна, но речиси и секојдневна појава. Против ова неопходно е гласот да го крене демократска Германија. Но тоа не е на повидок, смета Јенс Турау.

Во Германија стана речиси рутина Саксонците да се омаловажуваат како народ на заостанати и десничарски настроени. Глупаво клише, несомнено. Но, жителите на германската покраина Саксонија не ја олеснуваат работата. Така камера-тим на вториот канал на германска телевизија - ЗДФ, пред една недела едноставно си ја вршеше својата работа за време на посетата на канцеларката во Дрезден, и ги снимаше демонстрациите на десничарското движење Пегида против Ангела Меркел. А новинарите беа навредувани од страна на демонстрантите како „лажговци“, што пак воопшто не ги загрижи полицајците кои стоеја недалеку. Потоа тие навистина се активираа - против новинарите! Еден особено гласен демонстрант ги повика службените лица да преземат дејствија против соработниците на ЗДФ. И тоа и се случи. Полицајците немаа попаметна работа отколку повеќепати да ги проверувааат нивните лични документи - цели 45 минути.

Само полицајците се однесувале „сериозно“

Згора на тоа, премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер, инаку сопартиец на Меркел во ЦДУ, побрза да изјави дека само полицајците сериозно се однесувале во целата оваа ситуација. Една недела по оваа бесрамна опструкција на слободата на печатот, покраинската влада на Саксонија едноставно информираше дека агресивниот демонстрант бил вработен на покраинската служба за борба против криминалот. Страшно, но не и неверојатно.

Имено, веќе не е никаква новина дека во Саксонија и секако и на други места во Германија, долго важечката демократска нормалност запаѓа во потешкотии. Лошото е недостатокот на каков било отпор од официјална страна. Новинарите се непријатели, а не гаранти за фундаментално право - така смета Пегида, но, очигледно и премиерот Кречмер размислува исто така. Кога тој вели дека само полицијата се однесувала „сериозно", тој впрочем го обвинува тимот на ЗДФ дека не бил „сериозен“. Патем, на снимениот материјал на колегите се гледа како на новинарите отворено им се закануваат и други учесници на демонстрациите. За тоа нема никаков коментар од покраинската власт.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау, автор на коментарот

Се разбира дека Кречмер и неговите колеги се водени од гол страв. На изборите за Бундестагот минатата есен, деснопопулистичката партија „Алтернатива за Германија" (АфД) во Саксонија веќе беше посилна од вечно владејачката ЦДУ. Следната година, во Саксонија ќе се избира нов состав на покраинскиот парламент - и изгледа ќе биде исклучително тешко да се формира нова покраинска влада без АфД. Десничарско-екстремистичките, антиимигрантски и антидемократски идеологии се широко распространети во сите слоеви на населението во Саксонија. А како што може да се види, дури и во покраинските служби.

Кој ќе им даде поддршка на новинарите?

Дури и во сојузната политика, новинарите само со големи напори стигнуваат до поддршка.Па така министерката за правда, Катарина Барли од СПД,  настаните  во Дрезден ги нарече „загрижувачки". И полицијата во Саксонија има намера уште оваа недела да се сретне со претставници на ЗДФ за да бидат разјаснети работите. Сето тоа е добро и убаво. Но за нас новинарите не значи многу, ако инцидентите како оние во Дрезден станат сѐ почести.

Слободното и непречено известување е суштински белег на демократијата - овој очигледен факт  едноставно го заборавиле многумина. Агресивните демонстранти го заборавиле во секој случај, но и многу одговорни лица во службите, министерствата, во полицијата. И тоа ќе остане така, сѐ додека тивкото мнозинство во Германија, за кое оптимистички може да се претпостави дека сѐ уште високо ја цени слободата на известување, конечно не се јави за збор и не им понуди поддршка на новинарите. Или канцеларката може да го стори тоа. Но, за жал тоа не може да се очекува.

DW.COM

Реклама