Слобода за „свиркачката“ Челси Менинг | Свет | DW | 17.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Слобода за „свиркачката“ Челси Менинг

Една од последните одлуки на претседателот Обама беше помилувањето на Челси Менинг. Тоа што таа го стори, додека уште беше тој, од корен ја промени перцепцијата за војната во Ирак. Таа денеска излезе од затвор.

По долги 7 години, денеска, на 17 мај, се отворија излезните врати на воениот затвор Форт Ливенворт во американската сојузна држава Канзас за Челси Менинг. Во овој период Менинг го промени полот, и веќе не е Бредли, туку Челси. Но пред сѐ, таа го помина патот од млад ИТ стручњак во армијата на САД во Ирак до јунак, која се бореше за транспарентност и откривање на вистината за американската војна во Ирак и во Авганистан, за понорите на американската дипломатија и условите за живот на затворениците во Гвантанамо. И уште повеќе, стана борец за правата на транссексуалците.

Челси Менинг во јули 2013 година е осудена на 35 години затвор од страна на американскиот Воен суд- и тоа според застарениот Закон за шпионажа од 1917 година. Никогаш предходно во САД еден „свиркач“ не добил толку строга казна. Челси е прогласена за виновна за 17 од вкупно 22 точки од обвинението. За помагање на непријателот не е обвинета. Да беше, можеше да ѝ биде определена смртна казна. Во моментот на пресудатата, тогаш 25-годишната Менинг, помина веќе 3 години во истражен притвор. Специјалниот известувач на ОН за борба против тортура, Хуан Мендез, во еден извештај од 2012 година утврди нечовечки услови во притворот: Еден осуденик да се држи дневно 23 часа и 40 минути во самица од 4,5 квадратни метри е нечовечно, вели тој.

„Несразмерно висока казна“

Сега Менинг, 28 години пред истекот на казната, може да го напушти затворот, во кој го промени полот и во моментов е единствената жена во овој машки затвор. Таму редовно била малтретирана и најмалку двапати се обиде да си го одземе животот. За својата слобода може да му биде благодарна на поранешниот претседател Барак Обама, кој донесе Акт за помилување во последната недела од својот мандат. Нејзината казна е несразмерно висока, востанови Обама во јануари. Седум години веќе отслужена казна во затворот се доволни за да се заплашат потенцијалните идни предавници, смета тој. Во едно писмо по електронска пошта пратено до Дојче Веле адвокатката на Менинг, Ненси Холендер, потсетува дека владата на Обама следела и прислушкувала повеќе „свиркачи“ отколку која било друга администрација во американската историја.

Челси Менинг на платформата Викиликс ѝ проследи 700.000 документи на кои наишла за време на нејзината работа како ИТ стручњак во армијата на САД во Багдад. Со тоа Менинг на светски раширената совршена и супер слика за Америка ѝ се спротистави со поглед без шминка во внатрешноста на апаратот на моќ.

Со материјалите од Менинг, Викиликс со еден удар стана познат, објавувајќи го видеото со наслов „Колатерален убиец“ на 5 април 2010 година. Ова 17 минутно видео е снимено со борд камера од борбениот хеликоптер од типот Апачи за време на еден напад во Багдад во 2007 година. Во нападот се убиени 11 цивили, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

Предавнички „чет“

Додека беше на слобода, Менинг доживеа само јавно објавување на видеото „Колатерален убиец“. Еден месец подоцна, на крајот на мај 2010 година е уапсена во Ирак. Поранешниот хакер, Адријан Ламо, им даде на американските власти одлучувачки докази за апсење на Менинг. Во тоа време во депресија и во животна несигурност во воено опкружување како транссексуалка, Менинг во многу преписки во период од 4 дена, му се доверила на Ламо- иако лично не го познавала. Ламо историјата на преписките подоцна ја проследи до американскиот интернет портал Вајард, кој ја објави во октомври 2010 година.

Bradley Manning vor Gericht

Бредли Менинг

Менинг самата себеси во преписките се опишува како „скршена душа“. Сакајќи да го „истресе“ своето срце и некому да се отвори, открива многу лични информации- вклучувајќи ги и последните тајни владини информации за „Австралијанецот со бела коса кој, изгледа, не може да остане долго во една земја“.

Потоа следеа: Воени дневници од Авганистан, Воени дневници од Ирак, телеграми од амбасади, акти од Гвантанамо. „Њујорк тајмс“, „Гардијан“, „Шпигел“- сите големи медиуми ја проширија приказната од Викиликс. Можните воени злосторства станаа јавни. Појасна стана и мотивацијата на Менинг: Лична погоденост од тоа, колку на терен се разидуваат изјавите на владиниот ПР и вистината, потоа желбата владата да биде транспаретна, и да се осудат воените злосторства и одговорните изнесат пред лицето на правдата. „Сакам, луѓето да ја видат вистината, бидејќи без информации јавноста не може да донесе правилна одлука“, пишува таа под името „Брадес87“.

Сега кога Челси Менинг ќе излезе од затвор, веројатно за првпат во животот ќе има можност да живее живот каков што таа сака: како жена и слободна. Мрежата од сите оние кои ѝ пружаат поддршка собраа за неа над 130.000 долари. Со нив, Менинг ќе може да си овозможи еден нов почеток.

 

 

DW.COM

Реклама