Слики од македонската изложба | Македонија | DW | 17.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Слики од македонската изложба

Ако слободниот печат е темел на демократијата, тогаш уништувањето на три важни весници е злосторство врз едно општество. Но, како и за многу други работи во Македонија, за ова злосторство нема казна, туку има награда

Во еден антикоперникански пресврт весникарството во Македонија како со удар од гром се врати 20 години назад. Некои се зачудени, некои скандализирани, некои зборуваат за удар врз демократијата по затворањето на „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, некои за општествено осиромашување, некои ги глорифицираат сопствените, а некои туѓите улоги, некои филуваат обланди полни со патетика, некои изнесуваат погрешни или делумно точни податоци врз кои потоа се плетат приказни. Сето тоа сместено во одделението за митологија. Саркастично е, но може да се каже дека кругот на онаа толку споменувана митска борба против НИП-от се затвори со падот на оној што прв ја почна успешната авантура за слободни весници и крстоносна војна против куќата што беше наречена мастодонт, затоа што во една иронична игра на судбината и „Нова Македонија“ и „Вечер“ го видоа погребот на оној што одамна прогласи победа. Но тоа би можело да биде само сиже на една кратка пиеса преполна со сарказам, затоа што ситуацијата е далеку потраорна. 

Злосторство и награда

Ако тргнеме од премисата дека слободниот печат е темел на демократијата, тогаш уништувањето на една толку голема новинска куќа (како да се затвора еден мал погон за шиење патики), е злосторство врз едно општество. За ова злосторство нема казна, туку има награда – награда за извлечените пари, награда за политичката злоупотреба, награда за оскатувањето на слободата на слободниот печат, награда за оние кои помислуваат дека за нив сега се отвора поголем пазар и награда за оние коишто издаваат весниците, а веруваат дека со мали, измачени редакции може да постигнат некаков успех. Совршено е јасно дека сегашните новинарски полупроизводи не можат ни да се доближат до оние висини каде што стоеја „Утрински“ и „Дневник“ во нивните вистински времиња.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

Во една реална анализа за падот на слободниот печат многу веројатно дека клучот за ова злосторство ќе се најде во времето кога германски ВАЦ ги презеде трите најмоќни медиуми. Точно е дека германската организација донесе релаксираност во новинарската работа, но ги остави редакциите и нивните уредници да се мачат со бројки за приходи и трошоци коишто беа подготвувани на други места, во други држави, без да знаат дали се тоа вистинските показатели.

Кога ВАЦ објавуваше рекордни профити од аквизицијата во Македонија, весниците беа притискани дека лошо финансиски работат, како да се тие несакани членови на семејството. А кога ВАЦ почна брзо повлекување од регионот весниците им ги продаде на луѓе кои немаа никаква врска со новинарството и издаваштвото – така беше и во Македонија, и во Бугарија, и во Романија, и во Хрватска, и во Унгарија. ВАЦ ги купи трите весници кои беа вистински предадени на новинарството, а беше наведен да ги продаде на луѓе кои уште во стартот го подготвуваа злосторството коешто се случи. ВАЦ ги продаде весниците без да помисли што ќе се случува со нив. Ги собра парите, си замина и веќе не се обѕрна во какви раце го остави тоа. Тоа беше јасно уште првиот ден, не требаше никаква посебна кристална кугла за да се види.

Сега е и непристојно да се обвинуваат новинарите дека кај нив лежи главната вина за падот на куќата на која друг и ги пресече темелите. За последниве осум години цело општество пропадна во една ужасна бездна, но толку самообвинувања за потклекнувањето на една професија не сме слушнале како за новинарството. Кога постојано слушате дека новинарите се полуобразовани, неподготвени, површни, дека не се на нивото на општествениот предизвик, како тогаш може да очекувате дека луѓето ќе ги купуваат весниците или ќе ги гледаат телевизиските вести. Тешко можете да најдете пример во Европа каде што едни новинари толку многу ја критикуваат наводната неписменост на нивните колеги. За на крај, тие што најмногу беа обвинувани за наводната неспособност, со директниот пренос на хоророт од Собранието на 27 април беа вистинските чувари на демократијата и слободите.

Во Македонија по десет години се менува цел еден систем, како да се преминува од едно уредување во друго, па дел од таа смрт беа и трите клучни весници. Дали тие беа злоупотребени? Секако – да. Дали новинарите во нив можеа да направат нешто повеќе да бидат поотпорни на притисоците – секако, да. Но, новинарите не се супермени. Тие не можеа да бидат единствените херои кои се борат за демократијата. Особено откако беа осиромашни. И тие се луѓе со сопствени маки и стравови.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje (AP)

Дали заврши времето на добри весници? Ни случајно. Кога нешто умира се раѓа нешто друго. „Утрински“ го подготвуваше своето излегување во сите месеци додека НАТО фрлаше бомби врз СР Југославија, над скопското небо летаа американските ловци, а 350.000 бегалци ја преплавија Македонија. Па никој не правеше драма од тогашните услови. Трагедија е што наврапито исчезнаа три весници, а злосторството што е направено не треба да се заборави. Но времето ќе ги донесе новите весници, бидејќи потребата за нив ќе се појави многу брзо.

Офанзива со шарм

Новата македонска власт се обидува со дипломатијата на шармот да го сврти европското и американското внимание кон земјата која три години се давеше во политичка и економска криза и да ги подотвори вратите кон ЕУ и НАТО со магичен лозунг, а притоа да ја избегне грчката блокада. Факт е дека кај новата влада се гледа една полетна енергија (тоа е и сосем логично по 11 години во опозиција), охрабрувачките изјави со поддршка од Брисел се убава музика за министерските уши, но тоа може за кусо време да го снема кога ќе се соочи со грчките трговци за името. За една недела министерот Никола Димитров даде толку многу интервјуа за најважните светски медиуми што е незабележано во поновата македонска политика. Димитров многу добро знае колку е важна перцепцијата во европската јавност за да се протурка една идеја (таа јавност во еден момент може да биде голем сојузник), па макар се случиле и некои грешки, но тој исто така добро знае дека во една таква офанзива мора и нешто да се испорача. И дома и надвор.

Приемот во Атина беше срдечен, дури и невообичаен за односите меѓу двете држави. Но тој прв контакт може да остане на истото срдечно ниво кога на сцената ќе стапи реалполитиката. Никос Коѕиас таа реалполитика ја кажа со насмевки, за да не го обескуражи неговиот нов колега и да ја претстави толерантноста на Атина до одредена рамка. Се разбира, Никола Димитров, како искусен дипломат со контакти во клучните престолнини (и поранешен преговарач за името), знае дека трпеливоста и обмислената стратегија може да донесе одредени резултати, но прашање е дали е убеден дека тоа може да донесе и вистински резултати во кусо време. Грчкиот влог е многу голем и него не може да го потроши која било влада во Атина.

Но вистина е и еден друг факт – дека реалполитиката и во двете земји фати корења. Заев е целосно уверен дека членството во ЕУ и НАТО може да ја зачува стабилноста и целовитоста на Македонија, а Грција, исто така, бара решение за да ја поврати својата улога на Балканот по тешките години на длабока економска криза која го поткопа нејзиниот углед. Допрва треба да се види што значеше изјавата на Коѕиас дека двете земји можеби треба да потпишат нов договор што ќе биде претставен во Обединетите нации. Каков треба да биде тој договор – со или без посредништво на Метју Нимиц, со помош на некој друг или, едноставно, со договор само меѓу двете земји.

Професорот по политички науки на атинскиот универзитет Пантеон, Димитрис Керидис, за „Гардијан“ во неколку реченици ја објаснува ситуацијата во која се наоѓа Грција по формирањето на новата влада во Скопје: „Многу е важно Грција да го реши овој проблем ако сака да игра важна улога на Балканот. Новата влада кај нашиот сосед верува дека длабоките внатрешни поделби може да ги стабилизира ако земјата стане дел од евро-атлантската архитектура. Јасна е нејзината желба да постигне компромис со Грција за да ги постигне овие цели, компромис кој ја става грчката дипломатија во фокусот по годините во кои се криеше зад непопустливоста на Груевски“.

Доколку Зоран Заев во вторник го потпише таинствениот договор за добрососедство со Бугарија (барем така се најавува), и ако новата македонска влада навистина испорача резултати со реформите, на Грција ќе и остане многу помал маневарски простор, а не како сега лежерно да ја префрла темата на демократијата и владеењето на правото во Македонија. Затоа клучот за вистински компромис (колку тоа да изгледа излитено) е во Македонија, во нејзината демократска трансформација. Но, не треба да ја продаваме или купуваме наивноста. Овој договор е како и секој сеф во банка - се отвора со два клуча: едниот е во Европа, а другиот во Вашингтон. Без тој американски клуч, колку и да изгледа хаотично владеењето на новата администрација, не може да се оствари вистинскиот компромис. Затоа дипломатската офанзива на шармот треба брзо да се префли преку Атлантикот.

 

DW.COM

Реклама